Брзорасиплива култура

Блог на Јана Колева
Прекин, некохерентност, изненадување – тоа се стандардните услови на нашиот живот. Тие дури станале суштински потреби за некои луѓе чии умови повеќе не се чувствуваат нахранети од ништо друго освен од ненадејни промени и константно обновувани стимуланси. Повеќе не можеме да поднесеме ништо што трае. Не знаеме како да почекаме плодовите на здодевноста да узреат. Така, клучното прашање се сведува на следното: Може ли човечкиот разум да се справи со она што го создал?

ПОЛ ВАЛЕРИ

Карактеристика на постмодерните општества (или постиндустриски, ако сакате) е цинизмот кон каков било систем на вредности или верувања. Овде можеме да ги сврстиме религиите, политичките идеологии, па дури и науката и разумот. Сите овие наративи се подлежни на критика, се дезинтегрираат и нивната валидност и легитимност нагло опаѓа.

Секојдневно (па и неколкупати дневно) се идентификуваме со нови и нови идентитетски одредници и повеќе ништо не е доволно или во најмала рака не е доволно значајно. Можеби токму таа брзина која привидно нè држи будни во суштина е пасивизирачка енергија која не остава простор за преиспитување на патеката на којашто постојано трчаме.

Накратко, во постмодерната ера нема место за дефиниции. Има место само за бескраен и недијалектички судир на интереси, ставови и мислења. Сите тие тези и антитези едноставно лебдат во арените на медиумскиот етер, во неисцрпните форуми на виртуелниот свет, создаваат негативен набој и сè поретко резултираат со конструктивна синтеза. А како што паричната валута се обезвреднува при инфлација, така и индивидуалниот лаеж во бурата од лаежи само придонесува кон состојбата на целосна ентропија во која е невозможно да бидат кажани, па дури и слушнати, конструктивни работи. Или, според Жан Бодријар – има сè повеќе информации, а сè помалку смисла.

Во тој контекст Зигмунд Бауман прави паралела помеѓу општеството и агрегатната состојба на флуидите. Современото општество го нарекува флуидно општество. „Флуидот е подвижен, непостојан и тежнее често да ја менува својата положба и територијата која ја зафаќа низ времето“  (Bauman, Z. Liqiud Modernity. Cambridge: Polity Press). Во оваа сувопарна, хемиска дефиниција за флуидот може комотно да се преслика и глобалната општествена сфера, а и флуидните, неконзистентни личности кои таа неизоставно ги продуцира.

Јурген Хабермас своевремено зборува за всадената потреба на луѓето за поредок, одоснономизам (законитост). Како дополнение на ова, социологот Емил Диркем посочува нааномијата како состојба во којашто моралниот, правниот, па и кој било друг систем на правила ја губи вредноста и легитимноста – или целосно отсуствува како таков.

Таквата аномична состојба човекот ја доживува како искоренување на самите темели на неговата општествена егзистенција и психолошка стабилност.

Соочен со такво губење на тлото, човекот е  принуден постојано да консумира нови и нови лесносварливи идеи, плитки идеали, кичеста култура, заменливи објекти чиј рок на употребна вредност пред да преминат во категоријата „ѓубре“ е сè пократок… и сето тоа за да би го протуркал денот и да би го направил животот без цврста оска поднослив.

Луѓето не сакаат да чувствуваат дека животот им е безвреден и ќе изнајдат начин да го легитимираат своето место во пајаковата мрежа. Таа човечка потреба е многу успешно експлоатирана преку идејата на друштвените мрежи – консументи на најзначајните ресурси на денешницата: времето и податоците.

Доколку за момент ги апстрахраме нивните позитивни карактеристики, можеме слободно да кажеме дека навлегуваат во сè повеќе сфери на човечкиот живот и истите ги одделуваат од полнотијата на реалноста сведувајќи ги до ниво на „хаштаг“ во кој „сè е кажано“. Личните доживувања се „зипувани“ во една кондензирана, поедноставена форма за такви да се пуштат во етерот на виртуелноста, со последица – реалните импресии да почнеме да ги доживуваме така редуцирани и „брзо здосадливи“.

Да го земеме за пример влијанието кое „Фејзбук“ ќе го има врз промената на менталниот склоп на претстојните генерации. Перцепциите за другиот, па и за симулакрумот што го градиме од себе, се сведуваат на хоризонталната плиткост на тројството: Слика-Интереси-Ставови. Тоа може многу лесно да доведе до ампутација на повеќедимензионалноста на човекот.

Бодријар во своето дело „Симулакрум и симулација“, дава одлично објаснување на (д)еволутивниот процес низ кој минува нашата култура. Ако до пред некоја деценија нашата култура беше синоним на експлозија на производните сили и една сеопшта еуфорична и продуктивна енергија, сега сме фатени во сосема поинаква констелација. Овде би ја додала и канализирираната енергија, идеалите и полетот на масите што предизвикувале тектонски општествени движења кои со сиот свој ентузијазам ги испитуваа теориите во пракса давајќи ни го историското искуство. Во секој случај, енергијата која владее со (постмодерното) општество Бодријар сосем оправдано ја нарекол имплозивна енергија. Имплозивната (наспроти експлозивната) енергија, не настанува од ширењето на еден систем, туку напротив – од системскатазгуснатост, презаситеност и преголема регулираност. Сите тие пренатрупани мрежи на знаење, информации и контрола кои безмилосно навлегуваат во сите сфери на животот водат кон една штетна состојба за човекот која го турка во хронична меланхолија и апатичност.

Плуралистичкото сфаќање на демократијата е своевидна режимска импликација на карактеристиките на постмодернизмот. Имено, откако целосно се раскрсти со класичните теории за демократијата кои ја ставаа етичноста на пиедестал, сега демократијата е (генерално) сведена на прост механизам кој го овозможува и поттикнува судирот на обезличените, меѓусебно слични вредности и периодичното менување на нив. Фатени сме како мушички кои зујат во ситни осцилации околу една рамнотежна положба, на кои веројатно и не им е баш удобно, но не се осмелуваат да се оддалечат од хипнотичката привлечност на магнетната оска околу која гравитираат. А таа оска е оној конзервативен елемент на постмодерната либералдемократија која го крие саркастичниот пасивизирачки нихилизам на системот под капа на идејата за масовните современи општества чиј единствен можен модел на организација би бил оној плуралниот. Плурален, во смисла на секакви групи и групички луѓе обединети под некакво мото и со мегафон во обид да издејствуваат нешто. А таквите дејства, освен ако не го трасираат патот на некој крупен капитал, најчесто испаруваат исто толку интензивно како што и се појавиле.

Од време на време се организираат некои навидум покрупни и надежни акции кои постепено губат на актуелност и по некое време се забораваат. „Кони 2012“, движењето „Окупирај го Волстрит“, „Марш против Монсанто“, се само некои примери кои не прават суштински промени, туку се чини дека служат како издувен вентил кој би го неутрализирал револтот кој се собрал покрај сеопштата отапеност на луѓето. И повторно статус кво, и повторно привидни раздвижености колку да се впие вишокот незадоволство и така во круг.

Акцентот неизбежно е ставен на моменталната кратка актуелност пренесена во кратка форма која го свртува вниманието кон себе на краток рок, недоволен за да се преземе што било поконструктивно. Ете зошто сме „брзорасиплива“ култура.

На познатата изрека на Енди Ворхол дека во иднина секој ќе може да биде светски познат за 15 минути, може комотно да се додаде „…и во траење од 15 минути“.

Колумната е преземена од страницата на „Излез“