Македонските власти во саботата ја донесоа политичката битка до точка од која нема враќање, со сензационалното тврдење дека спречиле државен удар, оркестриран од опозицискиот лидер Зоран Заев.
Тројца се најдоа во притвор, освен Заев – поранешен шеф на тајната полиција, неговата сопруга и еден соработник на Заев под обвинувања за шпијунажа и насилство кон претставници на највисоките државни органи. Лидерот на опозициската СДСМ е на слобода, но пасошот му е одземен.
Веста беше објавена на драматична прес-конференција на премиерот Никола Груевски. Емитувањето на омилените турските серии и редовните програми беа прекинати за неговиот говор да биде пренесен во живо на сите главни ТВ станици – многумина би рекле, сосема соодветно за режим како оној во Азербејџан.
Груевски изјави дека во неколку прилики се сретнал со опозицискиот лидер на кои Заев се обидувал да го уцени со документи добиени од странски разузнавачки служби – доказ за корупција и недозволени активности во Владата. Според Груевски, Заев бил подготвен да тргува со документите доколку премиерот се согласи да формира техничка влада во која ќе биде вклучена и СДСМ.
Неговиот драматичен потег доаѓа откако Заев во повеќе наврати изјави дека ќе објави политичка „бомба“ со која ќе се откријат недозволени активности на Владата од толкав обем што ќе предизвика нејзина оставка.
Доколку само мал дел од гласините за содржината на бомбите би биле точни Груевски, без сомневање би бил во неволја. Извори блиски до СДСМ велат дека документите кои ги поседува Заев содржат докази дека владини функционери биле вклучени во изборни измами, следење на телефонски разговори на илјадници граѓани, повици до судии за судски одлуки и слично.
Клучното прашање што ги интересира сите, откако Заев за првпат јавно ги објави своите тврдења минатиот октомври е: кога ќе ја детонира „бомбата“? Доколку опозиција навистина обезбедила докази за корупција и недозволени активности од огромни размери, зошто го кријат материјалот од јавноста? Исто, дали Заев се обидел да се пазари со документите за место во техничката Влада?
Компликуваната сага доби уште еден пресврт кога во понеделникот, една провладина телевизија објави видео снимки снимени во кабинетот на премиерот кои некако се нашле на Јутјуб. Снимката го покажува Заев како му признава на Груевски дека документите што ги поседува доаѓаат од странски тајни служби. Тајното снимање дополнително подгрева сомнежи за планирано сценарио за местенка на лидерот на опозицијата.
Доколку Заев се обидел да го уцени Груевски со понуда да не ги објави инкриминирачките податоци, тогаш неговиот потег е глупав, наивен и нема оправдување.
Друго прашање е зошто Заев воопшто ја најави „бомбата“?, давајќи му на Груевски време да конструира сценарио за да ја уништи опозицијата и да спречи материјалот да излезе на виделина.
Да го погледнеме и другиот играч во оваа покер партија, Груевски. На власт е од 2006, и се покажа како многу успешен во уривањето на медиумските слободи, затворајќи ги главните независни медиуми и ограничувајќи ја критичката мисла главно на онлајн медиуми со скромна читателска публика.
Очигледно инспириран од популистичките, неслободни режими како тој на Виктор Орбан во Унгарија и Реџеп Таип Ердоган во Турција, тој е целосно незаинтересиран за пораките кои доаѓаат од Брисел и Вашингтон, се додека ја има контролата дома.
Не само што вешто го контролира јавното мислење преку софистицирана пропагандна машинерија, тој исто така, повторно покажа дека не треба да се потценува. Неговиот последен потег е уште еден доказ за тоа.
Под претпоставка дека некои од гласините за „бомбата“ се вистинити, доколку каков било доказ од тие шокантни обвинувања стигне до јавноста, Груевски ќе се најде во тесно. Затоа многумина целата саботна драма ја гледаат како очајнички потег на опасен, притеснет човек, особено во време на зголемени тензии во земја со бројни протести против неговата Влада.
Планот не е без пропусти. Некои професори по кривично право спорат дали добивањето на документи од странски агенции е забрането. Ова е поради фактот што под шпијунажата се подразбира собирање и давање документи на странски служби, а не обратно.
Во исто време, тие нагласуваат дека објавувањето на материјали, без разлика дали се добиени од странски служби или не, кои докажуваат злоупотреба на моќ, би било обид да се собори владата и да се замени со друга, а не заговор за нарушување на уставниот поредок.
Како и да е, во македонската сложувалка најверојатно е дека ваквата правна критика ќе остане закопана на маргинални веб страници додека приказната за пошироката јавност ќе биде внимателно сплетена од страна на владината ПР и медиумска машинерија.
Сега, кога лидерот на опозицијата е обвинет за шпијунажа, насилство и слично, следниот чекор е да се деактивира т.н. „бомба“. Апелот на владеачката партија и провладината медиумска организација до медиумите да не објавуваат ништо поврзано со аферата, предупредување да се држат подалеку од материјалот што е можно СДСМ да го објави.
Ова ќе гарантира молк кај мејнстрим медиумите и воедно ќе им овозможи на властите да ги гонат сите независни веб-страници кои ќе го преземат ризикот да го објават инкриминирачкиот материјал.
Во Македонија, тие закани не треба да се сфатат несериозно. Последните години покажаа дека не е проблем да се осуди и да се затвори новинар.
За Владата идеален развој на настаните сега е медиумите да молчат и само минимални количества на информации, внимателно филтрирани преку Владата, да бидат лиферувани во јавноста додека Заев се влечка по судови, дополнително е дискредитиран и можно отстранет на подолг период. Додека да заврши судењето, различни спин-доктори ќе осигураат темата повеќе да не се споменува.
Во меѓувреме, меѓународната заедница ја следи ситуацијата. ЕУ реагираше со слаба и неубедлива изјава. Се вели дека се очекува „независна и транспарентна истрага“, како да не е тоа истата ЕУ што секоја година ги пишува извештаите кои документираат партиска контрола на македонското судство.
САД, Германија и Обединето кралство изразија загриженост за сериозноста на обвинувањата со сличен, претпазлив тон.
Доколку СДСМ смета на поддршката на меѓународната заедница, дефинитивно се обложува на погрешна карта. Брисел и Вашингтон постојано покажуваат дека стабилноста на земјата им е приоритет, по цена на демократските процеси. Тоа нема да се смени ниту сега. Со толку многу други проблеми кои бараат внимание, од Грција до Украина, ваквите бизарни пресврти само придонесуваат да им се зајакне чувството на длабок замор кога станува збор за Македонија. Се додека Груевски успева да ја зачува привид на демократија може да се извлече од било што. Заев може и да заврши во затвор, но ако е сето тоа административно покриено, нема проблем.
Единствениот начин СДСМ да избегне такво сценарио, да го спаси својот образ и да го спаси она малку кредибилитет што им остана, е веднаш да ги објави документите што ги поседуваат и да се надеваат дека информациите ќе го видат светлото на денот. Инаку, готови се, засекогаш.
Коментарот е објавен на Балкан Инсајт