Регион

Бугарија – активисти ја осудуваат „хаотичната реакција“ за бегалците од Украина

Активистите ги обвинуваат властите за хаотичен одговор на кризата со бегалците од Украина

Бугарската владејачка коалиција веќе е на удар поради, како што велат критичарите, хаотичниот одговор на бегалската криза до која дојде по руската инвазија на Украина.

Вицепремиерката Калина Константинова, на 30 мај објави предвремен крај на неуспешната програма со која требаше да се преместат бегалците од одморалиштата на Црно Море во државни комплекси и воени бази од времето на комунизмот.

Константинова се пожали на „лични барања“ од бегалците и неуспешни обиди од нивна страна да ги информираат властите за намерите што ги имаат. Таа призна дека програмата се соочила со логистички проблеми, но праша: „Зар тоа не им се случува на Бугарите секој ден?

Нејзините забелешки предизвикаа бурни реакции на социјалните мрежи. Некои корисници ја обвинија Константинова, која е членка на прозападната владејачка партија „Продолжуваме со промените“, дека го прифатила тонот што го користи прорускиот табор во земјата.

Во вторникот вечерта, демонстрантите се собраа пред Министерскиот совет, односно зградата на владата во Софија, за да побараат оставка од Константинова.

Премиерот Кирил Петков за  медиумите изјави дека „Бугарија не може бескрајно да го покрива луксузното сместување“ на бегалците во хотелите.

Ваквиот променет тон на премиерот е во спротивност со неговата очигледна решителност на меѓународната сцена. Тој преговараше за договори за увоз на американски гас откако Русите ги затворија вентилите и се сретна со украинскиот претседател Володимир Зеленски во Киев.

Активистите и волонтерите велат дека откажувањето на програмата за сместување само го потврдува она што тие долго време го чувствувале на терен – дека товарот на поддршката на Украинците што бегаат од војната паднал во голем дел врз граѓанското општество. Тие се прашуваат дали има доволно кревети за да се сместат сите.

Во март софискиот Политехнички музеј стана едно од многуте импровизирани места за собирање храна и медицински материјали за Украинците | фото: Светослав Тодоров

Револт поради изјавата на вицепремиерот

Руската инвазија на Украина, која почна на 24 февруари, предизвика протести во Бугарија поради долгата рака на руското влијание во таа земја. Донации се влеваа, а домовите и хотелите беа ставени на располагање за тие што бегаат од борбите. Меѓутоа, до април луѓето што работат на првата линија предупредуваа дека ресурсите се мали.

Хотелите на бугарскиот брег на Црно Море ги отворија вратите за бегалците во првите денови од војната. Но, со наближувањето на летото, мислите на менаџерите се свртеа кон туристите. Некои се пожалија дека државата не плаќа доволно за покривање храна и сместување за бегалците и дека резервациите се зголемуваат.

Владата вети дека ќе ги смести сите бегалци во државните бази до 31 мај. Но, тој план не успеа.

Изјавата на Константинова изгледаше како обвинување на бегалците. Таа наведе дека тие поставуваат барања „кои не можеме да ги исполниме“.

„До луѓето што поднеле барање за статус на привремена заштита: сè уште не сте ги известиле посредниците и тимовите на терен за вашите намери. Автобусите што треба да донесат бегалци на локациите се враќаат празни втор ден по ред, истото важи и за возовите“, рече таа во видеоизјавата објавена на Фејсбук.

„Во меѓувреме, луѓето што беа засолнети во базите веќе заминуваат“.

Оние што одбиваат да се преселат од хотелите во базите завршуваат во бегалски кампови во Сарафово, во близина на црноморскиот град Бургас и во југоисточниот град Елхово.

Украинците не треба да бидат изненадени од логистичките проблеми; тоа е секојдневие на Бугарите, рече Константинова.

„Да, веројатно има луѓе што добиле бенефиции со задоцнување. Веројатно има и такви што чекаа да добијат лекарска помош. Веројатно има и такви што не можеле навреме да ги запишат своите деца во градинка. Но, зар тоа не им се случува секој ден на Бугарите? “, наведе Константинова.

Некои корисници на социјалните мрежи беа шокирани.

„Оваа изјава е толку одвратна, толку револтирачка – немам зборови освен да кажам дека уште еднаш, се срамам“, напиша еден корисник на Твитер.

Владее хаос“

Светлозара Колева, волонтер од пристанишниот град Варна, која собираше средства и организираше дистрибуција на храна и други неопходни работи, ја опиша ситуацијата како целосен хаос.

„Многу луѓе немаат поим што ќе се случи со нив“, вели Колева за БИРН.

„Ова натера многу луѓе да се вратат во Украина или да заминат во Романија каде што се чини дека полесно наоѓаат работа“.

Колева се пожали дека работниците назначени од државата да ги прашуваат Украинците за нивните потреби често не зборуваат руски, што создава уште поголема конфузија. Владините веб-страници, чија цел беше да помогнат во справување со логистички прашања, понекогаш се недостапни.

Претходно, хотелите добиваа дневни субвенции од 40 лева по бегалец, приближно 20 евра, но потоа сумата падна на 15 лева, или 7,67 евра. Други им понудија специјални цени на бегалците од 20 до 35 лева дневно, или приближно 10-18 евра, надвор од државната шема.

Некои велат дека сакале да вработат Украинци, но не можат бидејќи може да го изгубат статусот на бегалци.

Бугарската државна агенција за бегалци одби да ги коментира тврдењата за организациски прашања, но рече дека сите бази во кои се сместени бегалците се во добра состојба.

Според официјалните податоци од 28 мај, 56.130 бегалци моментално се сместени во хотели; околу 36.522 нашле сопствено сместување од почетокот на војната „и моментално живеат со сопствени средства“, изјавија од агенцијата за БИРН.

„Комплексите неодамна отворени имаат простор за 33.000 луѓе, што значи дека над 23.000 чекаат да бидат преместени или во моментов бараат други опции“.

„Хотелите што потврдија дека ќе продолжат да примаат бегалци со државен надомест имаат капацитет за 23.000“.

Активистите, сепак, велат дека нема доволно простор.

Теа Денолубова, писателка, уредничка и во последно време волонтер за бегалци, изјави за БИРН:

„Сега е невозможно да се најде место за престој во поголемите градови. Требаше да има кампови од самиот почеток, бидејќи моментално владее хаос“.

„Постои и субјективниот човечки фактор – некои се различни во начинот на прилагодување, некои сакаат веднаш да почнат да работат, други чекаат помош. Но, има секакви луѓе насекаде и она што јас се плашам е дека постои растечка генерализација од која било страна“.

Svetoslav Todorov