Кога треба накратко да се опише Македонија, најчесто се споменуваат два елементи – едниот е историјата, културата и традицијата, а другиот е природата. Но, кога фалбите за тоа колку нашата природа е убава, богата и разновидна треба да се преточат во реална грижа за неа, работите стануваат покомплицирани.
Ниту има доволно податоци за природните вредности, ниту и тие што ги има секогаш се земаат предвид кога се одлучува за изградбата на патишта, енергетски капацитети и други објекти што може да загрозат одредени видови или живеалишта.
Ретко кој ја познава природата во земјава како Македонското еколошко друштво, здружение на научници, истражувачи, активисти, љубители и други соработници, кое прославува 50 години од своето основање и кое ги изведе едни од најголемите и најважни истражувања на биодиверзитетот во изминативе години – за рисовите, мршојадците, мечките, живиот свет во заштитените подрачја итн.
Друштвото воведе нови технологии во македонската наука за природата како фотозамки (камери со сензор што сликаат сѐ што ќе помине пред нив), заловување животни и следење на нивното движење преку ГПС, разни современи теренски лабораториски анализи итн.
Заштита има, управување – не секогаш
Камерата со која се направи првата фотографија од балканскиот рис во Маврово (поточно од едно опавче), од која тргна големо меѓународно истражување на рисот што ги помести границите на изучувањето на биодиверзитетот и спречи големи енергетски проекти, сѐ уште се чува како експонат во просториите на МЕД, во куќа опкружена со овоштарници близу населбата Пинтија.
„Тука сме далеку од градскиот метеж и можеме полесно да ја исполнуваме нашата мисија, а тоа е заштитата на природата и на животната средина преку спроведување научни истражувања, но и преку вклучување на граѓаните, односно привлекување нови членови, волонтери и симпатизери“, вели Робертина Брајаноска, извршната директорка на МЕД, во интервју за БИРН.
Брајаноска, повеќе од 20 години се занимава со проучување на живиот свет во Македонија, а десетта година го раководи друштвото. Вели дека богатството на македонскиот биодиверзитет било препознаено уште во 19 век, кога странски научници почнале да го проучуваат и да наоѓаат ендемски видови тука, но дека пошироката македонска јавност станала посвесна за овие вредности дури во изминативе неколку години.
„Не знам дали е тоа под влијание на барањата на Европската Унија да се усогласи нашето законодавство со нејзиното, или поради долгогодишните активности за подигнување на јавната свест, но имаме исчекор во оваа насока, особено во време на пандемијата, кога успеавме да прогласиме три нови заштитени подрачја“, додава Брајаноска.
Со прогласувањето на Шар Планина за национален парк и на Осоговските и на Малешевските Планини за заштитени предели, процентот на територија под заштита во Македонија се зголеми од 8 на 13,5 отсто. Тоа е голем напредок за кратко време, но сѐ уште е еден од најмалите проценти во Европа и е речиси двојно под просекот на ЕУ од 25 отсто.
„Тука има многу поголем предизвик, бидејќи не е целта само да се прогласи подрачјето, туку треба многу да се вложи во управувањето. Ние имаме национални паркови прогласувани во 1940-тите и во 1950-тите, па сѐ уште треба да им се подобри ефикасноста, иако и досега е вложувано во нив, со голема поддршка од странски донатори“, вели нашата соговорничка.
Да се прогласи заштитено подрачје не е едноставна работа, бидејќи тука се испреплетуваат многу интереси. Научниците со години ги истражуваа природните вредности и направија планови колкава територија треба да се стави под заштита, под каков режим и со какви зони внатре во неа, за да се обезбеди одржливост на биодиверзитетот. Потоа се јавуваат стопанските и другите интереси, па следуваат обиди да се најде компромис, што не се секогаш успешни.
„Во случајот со Осогово, по еден куп состаноци и преклопувања на различни планови, дојдовме до конечни граници. Во националниот парк Шара, пак, и покрај сите заложби на Министерството за животна средина, останаа нерасчистени работите во однос на почнатите и планираните мали хидроцентрали таму“.
Премрежјата на европската мрежа
Кога заштитата е поставена, властите барем знаат дека за сите инфраструктурни проекти што ги планираат во одредено подрачје или во неговата непосредна близина, мора да се придржуваат до законите што го заштитуваат. Проблем е, додава Брајаноска, што кога се прават такви планови, не треба да се земаат предвид само постојните заштитени подрачја, туку и планираните, како оние што треба да бидат дел од мрежата Натура 2000 на Европската Унија, бидејќи се од европско значење.
Фотоволтаичната централа во Овче Поле, на пример, се гради врз солените почви во регионот. Тие, од стопански аспект, се третираат како земјоделско земјиште од шеста класа (непродуктивно), но биолозите ги идентификувале како халофитски заедници од европско значење, полни со ретки растенија што се приспособиле да живеат во толку тешки услови, на сиромашна почва. Но, бидејќи во моментов не се под заштита, иако би станале дел од заштитена мрежа ако земјава стане дел од ЕУ, сега властите немаат законски обврски кон нив. На тој начин, и еден проект, чија цел е да влијае позитивно врз животната средина, односно да го зголеми производството на обновлива енергија, може да има негативно влијание врз природата.
„Ако се повикуваме на тоа дека некое подрачје ќе биде значајно кога ќе бидеме во ЕУ, а од друга страна правиме активности што може да го загрозат, тоа не е баш добар пристап. Кога веќе сме свесни дека тоа има вредност, би можеле малку повнимателно да му пристапиме“, вели Брајановска.
Слични примери во кои државните институции или инвеститорите во енергетски проекти ги игнорираат потенцијалните заштитени подрачја има и при изградбата на мали хидроцентрали.
За сите поголеми проекти се прават процедури за да се оцени нивното влијание врз животната средина, особено врз растителниот и животинскиот свет. Тоа е и барање од странските финансиери што ги поддржуваат тие проекти, како Европска банка, Светска банка и други. Меѓутоа, самото спроведување на тие студии, според Брајаноска, не гарантира дека биодиверзитетот ќе биде заштитен.
„Мислам дека квалитетот на податоците за биодиверзитетот во нив не е секогаш на соодветно ниво. По правило тој би требало да се истражува барем една година, а да се прави мониторинг и во текот на изведбата. Но, кога роковите за спроведување на студиите се неколку месеци, и кога тие месеци ќе се погодат надвор од вегетацискиот период, на пример во зима, податоците можеби нема да покажат ништо“, објаснува Брајаноска.
Кој ќе остане да ги истражува природните богатства?
Еден од скратените патишта да се изработи студија за неколку месеци, а да содржи квалитетни податоци за биодиверзитетот, е да се искористат истражувањата што МЕД ги правело со години. Брајаноска вели дека понекогаш им се обраќаат луѓе што ги изработуваат студиите за да прашаат дали имаат достапни податоци по должината на одреден патен правец и слично, но тоа е оставено на добрата волја на изготвувачите.
Податоците што ги има МЕД, пак, главно се должат на бројните истражувачки и теренски проекти, предводени од неговите научници, во соработка со слични здруженија од соседните земји, а помогнати од партнерски организации од Германија, Швајцарија, Норвешка и од други земји.
Без таа поддршка, ќе беше невозможно да се направат истражувања што вклучуваат фотозамки на многу локации, постојани теренски посети, употреба на ГПС технологија, заловување, следење – методи што не се правеле во минатото.
Брајаноска вели дека по многу спроведени проекти и добиена поддршка, техничките капацитети за истражување на природата во Македонија, не само во МЕД, туку и на универзитетите и во другите научни установи, се на задоволително ниво. Но, сега има друг проблем – природата останува без луѓе што ќе ја истражат.
„Со години наназад, една од нашите главни цели е да привлечеме нови млади еколози. Затоа соработуваме со Истражувачкото друштво на студенти-биолози, а ја реактивиравме и програмата за поддршка на истражувањата, именувана по нашиот драг професор Љупчо Меловски, кој беше еден од големите визионери на Македонското еколошко друштво. Но, сепак, е малку. Македонија има потреба од луѓе за оваа струка“, нагласува таа.