Во Паланечко, неволјите не доаѓаат сами. Пристигнуваат во стадо. Попрецизно се движат во крда – групи од подивени говеда, околу 600, препуштени сами на себе и на дивината.
За нив, годинава слушна цела Македонија, а паланчани ги гледаат доцна навечер, кога заспиваат селските кучиња или во мугри кога се распослани врз тревникот на градскиот кеј, преку атлетската патека „Илинден“, па сѐ до стативите кај фудбалското игралиште.
Кога сонцето ќе се појави над Осогово, бегаат по ридовите, ама за полноќното „корзо“ сведочи изметот врз калдрмата.
Со години, стотиците крави без надзор лутаат низ Крива Паланка и седумте планински села, минувајќи секојдневно десетици километри, понекогаш и преку државната граница, во потрага по храна и вода.
Зад себе оставаат опустошени ниви и згазени бавчи, а нивното присуство сè почесто прераснува во директна и постојана закана за безбедноста на жителите.
Државата, пред повеќе од година и половина, формално ги одзеде кравите од сточарот Гоце Ѓорѓиевски и од неговите три ќерки. Меѓутоа, тие се државни само на хартија.
Тоа го покажува и последниот инцидент пред неколку недели, кога Ѓоргиевски ги напаѓа полицајците што асистираат при акција за одземање неколку крави.
Оттогаш, Ѓоргиевски е во притвор, но на терен и натаму функционира разгранета мрежа на соработници во селата и во некои од државните институции, изградена од него и од семејството, преку која навреме се компромитираат и се пробиваат државните акции за заловување на добитокот.
Извори од повеќе институции, за БИРН, велат дека семејството ги продава говедата на црниот пазар и од тие пари удобно живее.
Поради тоа, за локалните жители воопшто не е невообичаено тоа што Ѓорѓиевски, кои сѐ уште се однесуваат како сопственици на стотиците крави, влегуваат во физички битки со соселаните и со надлежните, во обид да не изгубат контрола над ниту едно грло од добитокот.
Две од трите ќерки, сега заедно со Гоце, се опфатени со кривичната пријава за спречување на полицајците да ја спроведат акцијата. Единствено пријава нема за мисицата и модел Јулијана Ѓорѓиевска, со која БИРН се обиде неколкупати да стапи во контакт за да ѝ постави прашања, но безуспешно.
Надлежната институција Агенцијата за храна и ветерина (АХВ), која до сега неуспешно се справува со проблемот, бара трпение, разбирање за комплексноста на ситуацијата и, пред сè, помош од паланчани.
Недопирливиот кравар

Добитокот е опасност и за сообраќајот | Фото: Селани од паланечко
„Му го имаме стравот на Гоце“, рекоа земјоделците со кои пред десетина дена разговаравме во селата околу Крива Паланка.
На овие луѓе им трепереа рацете кога ни ги покажуваа фотографиите со штетите што им ги направиле кравите.
Снимките што сите ги видоа, на кои Ѓоргиевски напаѓа полицајци, го поткрепуваат неговиот имиџ на локален силеџија, кој со години е недопирлив.
„Кога и да ме сретнеше, ми се закануваше. Ги спомнуваше моите внуци“, раскажува Стојанче, пензиониран полицаец, кој попусто, со години, сади овошје и зеленчук на имотот во Кркља.
Паланчани имаат работа со човек што се дрзнал да навредува сообраќајци и пред нивни очи го запалил сопствениот „голф“, одбивајќи записник. Бензинот за потпала од некаде го дом’кнала ќерка му Јулијана, така пишува во полицискиот билтен од 2020 година, а инцидентот попатно е спомнат и во еден од очајничките дописи на општината до обвинителството.

Апсењето на Гоце Ѓорѓиевски | Фото: Скриншот
„Уништувал докази“, напишал поранешниот градоначалник на Паланка, Борјанчо Мицевски.
Локалците паметат оти Ѓорѓиевски почнал со сточарство пред 15-тина години, со штала што не собира повеќе од 20 крави. Пред години работел и како полициски службеник, но случката со палењето на возилото била пресудна тој да биде суспендиран.
За овој човек и за неговите две ќерки, во последните две години биле поднесени вкупно седум кривични пријави поврзани со насилство и со предизвикување опасност, информираше кумановското обвинителство за БИРН.
Најдобро сведоштво за тоа како новопечениот кравар го издигнал своето „диво сточно кралство“ е една кривична пријава од полицијата.
Имено, пријавата на МВР од 2018 година ја разоткрила мрежата на соработници што му овозможила да зема субвенции без да се грижи за говедата. Во „играта“ биле локален ветеринар од АХВ, негов колега од приватна ветеринарна болница и контролор во Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделието и руралниот развој. Полицијата наведува дека Ѓоргиевски и ќерките, во периодот од 2015 до 2017 година, незаконски зеле субвенции од 70.000 евра.
Но, и оваа кривична пријава завршила без исход. МВР ја поднело до јавното обвинителство во Куманово, кое, пак, ја препратило во обвинителството за организиран криминал. Пет години подоцна, истрага не е отворена, па по измените на Кривичниот законик во 2023 година, од организиран криминал, пријавата повторно ја вратиле во Куманово. Делото злоупотреба на службена положба застарело.
По оваа пријава следуваат уште вкупно три јалови пријави од МВР и од градоначалникот на Крива Паланка.
Кога полицијата пријавила дека сопственикот врши кривично дело со тоа што го пушта добитокот да се движи по патот кон Бугарија, обвинителството утврдило дека треба да се казни само парично.
Градоначалникот, пак, го пријавил семејството за мачење животни, но обвинителот утврдил „дека животните не трпеле последици и мачење“ и сопствениците биле казнети само прекршочно.
Кравји терор под државна заштита

Земјоделката Светлана Димитровска годинава е без приходи поради кравите | Фото: БИРН/Емилија Петреска
Во меѓувреме, семејството охрабрено од тоа што не се преземаат мерки продолжиле да се однесуваат како газди на кравите, но без одговорноста што доаѓа со тоа. Никој не се грижи за кравите што талкаат наоколу, што отвора сериозни прашања и за тоа какви болести може да носат.
Кравите се отелуваат каде што ќе стигнат, од ливади и дворови, до самите градски улици, меѓу деца и сообраќај. Кога некое грло ќе угине, трагата се брише. Односно, ушните маркички што содржат податоци за сопственоста, исчезнуваат. Труповите, пак, често завршуваат фрлени во коритото на малата хидроцентрала или покрај самите водни извори.
Големи штети трпат и жителите и земјоделците, а кравјиот терор е нотиран и во поплаките на Крива Паланка до највисоки инстанци, кривичните пријави и во судските досиеја.
Напишано е дека ги виделе кравите како „маршираат“ по регионалниот пат и ја лижат солта што зиме ја фрлаат комуналците.
Еден странец, не е наведено од која држава, со автомобилот излетал од патот само пустиот да не удри во говедата. За среќа, не се повредил. Затоа, пак, нашинец треснал со возилото во крава и потоа си ја чукал главата не можејќи да го најде говедарот – да плати за поправките.

Уништена зелка | БИРН/Емилија Петреска
Крава од зад грб ѝ скокнала на жена и сосе тубата што ја носела ги бутнала врз асфалтот. Други или можеби баш истите животинки турнале шест пчелни кошници и се гоштевале мед и саќе.
„Пчелите измрзнале“, заклучил околниот судија.
Небројни земјоделци сведочат како наутро откривале пустош на нивите.
Во селото Добровница, секоја зелка е гризната и неупотреблива. Едно семејство брои 15.000 евра во загуби.
„Со мотика ја копав нивата. Тие што треба да ни помогнат, јадат кавијар, а ние ни зелки немаме“, вели земјоделката Светлана Димитровска.
Од очај ги пуштила своите крави да дојдат до она што не може да се продаде.
На друг му ги уништиле доматите, пиперките, празот и гравот. Ги обрстиле грмушките со аронија.
„Ги изгазија компирите. Наместо 300, извадив 30 килограми“, вели 71-годишниот пензионер Гроздан Јакимовски од селото Кркља.
Неговата фарма е во селското маало Ширинци, каде што се стигнува само со џип.
„Џабе е оградата – не ја бутаат, ја прескокнуваат. Рипаат како срни“, раскажува за биковите што упаднале во неговиот посед.
Некои почнале да ставаат и електрични огради бидејќи не гледаат друг начин како да ги заштитат нивите.
Кравиве не ги оставиле ни мртвите на мир. Уништиле гробови. А, ќе предизвикале и меѓудржавен проблем, откако за нивните бељи реагирал првиот човек на српскиот пограничен град Босилеград.
„Уште еднаш ви напоменуваме дека не сакаме да ги нарушуваме нашите добрососедски односи…“, вака почнува дописот со призвук на протестна нота од српскиот градоначалник Владимир Захаријев. Во дописот се вели дека повеќе години, но особено во таа 2023 година, кравите од Паланечко прават ршум по селата преку границата и дека ако тоа се повтори, Србите ќе бидат принудени да ги приберат и да ги однесат во прифатилиште.
Институционален ќор-сокак

Говедата ги напаѓаат и дворовите на голема надморска височина | Фото: БИРН/Емилија Петреска
По шест години пропаднати кривични пријави, детални дописи, молби и заложби, ургенции и врски, протести, состаноци во Влада и апели на општината до институциите, во 2023 година се сменил Законот за благосостојба на животните со кои државата може да ги одземе животните што не се згрижени.
И тоа формално-правно се случило, така што Агенцијата за храна и ветеринарство од лани е стопан на кравите. Но, сопственичката трансакција на терен не променила ништо.
Не дале резултат ниту обидите за тајни акции на надлежната Агенција за храна и ветерина (АХВ), во раните утрински часови да ги прибере животните.
Извори на БИРН од АХВ, во детали раскажуваат што обично се случува на терен.
Имаат чувство дека акциите им се пробиваат низ административните процедури во агенцијата и во полицијата додека се подготвува ловот.

Јулијана Ѓорѓиевска во предизборен спот на ВМРО-ДПМНЕ | Фото: Скриншот
Доушници им дојавуваат на сопствениците.
Тогаш Ѓорѓиевски и соработниците ги блокираат пристапите со џипови и ги растеруваат кравите по тешкопристапните долови и ридови. Не се избираат средства да се исплашат говедата – инспекторите сведочеле како ќерките на Ѓорѓиевски тропале со тенџериња да ги растераат.
Искуство со пробиена акција во 2023 година има и актуелниот градоначалник Сашко Митовски, кога самоиницијативно тргнал да се справи со говедата што сѐ почесто преноќуваат на градските тротоари.
Не биле ретки ниту директните конфликти со сега озлогласениот сточар.
Луѓето од АХВ, со кои разговаравме, сведочат како Ѓорѓиевски за време на акциите стоел блиску до нив и ги навредувал, додека полицајците не реагирале во отсуство на физички контакт.
Освен во институциите, ова контроверзно семејство, помош добивало и од локалците.
„Мало место е, ќе види некој камион на бензинска (на влезот во градот) и веднаш им јавува“, велат соговорниците.
Корупција или неспособност

Градоначалникот Митовски се сомнева на корупција во структурите на АХВ | Фото: БИРН/Емилија Петреска
„Ситуацијата сега е уште поалармантна“, вели за БИРН, актуелниот градоначалник Сашко Митовски.
Стадото брои повеќе од шестотини грла, кои, за разлика од домашните говеда, се агресивни и напаѓаат, додека, пак, семејството сè уште ги третира како свои.
По повеќегодишна битка со кравите, која ја наследил од претходникот на неговата функција, сомнежите на градоначалникот Митовски сѐ почесто одат во насока на евентуална корупциска спрега со структури во АХВ.
„Без да бидам погрешно сфатен, меѓутоа ако не постапувате за решението да ги одземете кравите и оставате овој проблем да расте од година во година, најверојатно станува збор за корупција.“
Ова чувство му го засилува и прекинатата комуникација со агенцијата зашто директорот Оливер Миланов не одговара на неговите повици. Екипата на БИРН беше сведок на еден таков неуспешен телефонски обид.
Миланов и нас нè пренасочи за ова прашање да разговараме со раководителот на секторот Инспекција во агенцијата, ветеринарот Ѓоко Ѓорчески. Тој во разговор за БИРН не можеше конкретно да каже кога агенцијата ќе ги собере сите крави.

Скриншот од Тик-ток видео
Вели дека речиси еднаш неделно организираат акции потпирајќи се на информации од мештаните, кои секојдневно се среќаваат со говедата. Резултатот е далеку од задоволителен. Уловени се само 21 крава и се во штала-карантин во Радовиш, а останатите продолжуваат со тероризирање на населението.
Притворот и обвинението за сточарот Гоце Ѓорѓиевски и за една од ќерките, по инцидентот со полицајците, ги релаксираше паланчани од стравот, но не и од маките со говедата.
Ќор-сокакот во кој се заглавија институциите, ги тера паланчани да бараат спас во нешто поекстремни сценарија. Градоначалникот Митовски, решение гледа единствено во прогласување вонредна ситуација во Паланечко.
„Да излезе војската и да ги собере“, предлага тој.
Говедата од паланечко „газат“ и на интернет. Под хаштагот „Крива Паланка“ се споделуваат рилсови од животинките што зобат новогодишни елки на плоштадот.

