Интервјуа

Џорлев: Колку е полична музиката, толку повеќе допира до универзалното

Интервју со Мартин Џорлев, музичар од колективот „Гола планина“

Мартин Џорлев, млад музичар, добропознат на алтернативната сцена како фронтмен на бендот „Луфтанза“, настапи во едно различно издание на овогодинешниот музички фестивал ПИН во Скопје.

Само една недела по издавањето на неговиот најдолгоподготвуван соло-албум „На Балкан, сам“, Џорлев и уште седум музичари што го придружуваа, свирејќи под името „Животни“, ги изведуваа новите песни во Младинскиот културен центар (МКЦ).

Музички издржаниот алтернативен рок-албум обработува теми за живеењето на Балканот, околу иселувањето на нашите блиски, но и за одлуката да се остане тука, наспроти сè.

На сцената беа бројните пријатели на Џорлев, како Иво Николовски од „Луфтанза“, кој свиреше на синтисајзер, но и во публиката.

Посебно емотивна беше песната „Црна Гора“, каде што Џорлев пееше заедно со пејачката Елена Васова, изразувајќи ја колективната и меланхолична желба да се остане со стиховите: „сакам да останам/сакам да бидам покрај тебе.“

Џорлев вели дека, иако чувството на сцената било прекрасно, истовремено тој можеби никогаш не чувствувал толку трема пред настапот, бидејќи, како што вели, станува збор за многу личен албум.

„Но, имав доверба во луѓето што беа на сцената со мене и кога почнавме да свириме, ми стануваше сè поубаво и поубаво, се присети тој.

За желбата да се остане

Концептуална стилизирана фотографија со сина позадина

Насловната илустрација на албумот „На Балкан, сам“, изработена од Елена Билбилоска и Марко Печеновиќ

Во песната „Ние“, Џорлев пее: „другар ми си замина/ домот си го остави/ нè остави и нас/ градот малку памети.“

Иницијално ги напишал овие стихови за негов пријател, кој неодамна починал на млади години, но тој вели дека истовремено се однесуваат за „тагата што ја чувствуваме кога нашите пријатели ќе си заминат од овде.“

„Интересно е што во уметноста има еден парадокс: колку повеќе лично чувствуваш нешто, толку повеќе допира до универзалното“, го споделува  своето искуство на сцената.

Низ албумот, стиховите како „има нешто во нашиот воздух“ и „се навести распад/ сѐ уште доаѓа“ алудираат на причините зошто некој би сакал да си ја бара среќата надвор од Балканот.

Во една од песните, лирскиот субјект дури експлицитно кажува дека, иако боли, тој сака да си замине. Но, низ албумот не се изразуваат само лутината и тагата, туку и нежна љубов и неочекувана надеж.

Како пресврт на сите овие комплицирани чувства, последната песна „Еден наш град“ кулминира со одлуката тој да не си отиде:

„Сепак ќе останам/ јас ќе останам/ а ти/ сврати некогаш, ако можеш.“

Самиот Џорлев, исто така, продолжува да живее во Македонија, каде што чувствува „лична, па дури и себична потреба“ да остане.

А го мотивираат „добрите луѓе што заслужуваат поддршка“ и заедницата на пријатели и алтернативната културна сцена во која е вгнезден.

„Мислам дека сме му потребни на ова место. Треба да ставиме акцент на културата, образованието и прогресивните идеи, наспроти ова постојано опаѓање што се случува со години.“

Ранлива музика и творењето со заедницата

Фотографија од неколку ЦД-а од албумот „На Балкан, сам“ врз грамофон

Џорлев има и неколку соло албуми | Фото: БИРН/Емилија Петреска

Џорлев, инспирација нашол во личното чувство на осаменост, но и од амбицијата да напише „побалкански албум.“ Токму кога бил на турнеја низ Балканот со „Луфтанза“, вели запознал „прекрасни луѓе што ја споделуваа истата тешкотија.“

„Иако се чувствував многу осамено и луѓето што ги запознавав се чувствуваа така, низ споделената осаменост, некако таа емоција се гаснеше.“

Тој е еден од клучните луѓе во колективот „Гола планина“, кој се формираше во 2021 година, со идеја да се поврзат бендови и музичари од алтернативната сцена, со цел заедно да творат и меѓусебно да си помагаат.

Колективот постојано расте и денес во него членуваат петнаесетина бендови, меѓу кои се „Луфтанза“, „Хајка“, „Корпорација вагина“ и „КЕМ.“

Неретко музичарите, вклучително и Џорлев, членуваат во повеќе од еден бенд.

Свират во локали како „Ѕе“ и „Ла Кања“, некогаш во социјалниот центар „Дуња“ и во МКЦ. А вежбаат најмногу во два простори, еден во Карпош и еден во Аеродром, за кои ги делат трошоците.

На нивните свирки, најчесто ќе видите помлади луѓе и лојални фанови.

„На некој начин, бендовите не се оставени само на тие што свират, туку публиката и луѓето што ги опкружуваат и создаваат некакво ново движење.“

На фотографијата има мала куќарка и зеленило, а во позадината се гледаат и други куќи

Насловната илустрација на албумот „Умре ти, се родив јас“

Лани, колективот ја регистрираше и фирмата „Мртов коњ“, која ја опишуваат како „вистински независна издавачка куќа“ преку која се издава музиката и се менаџираат бендовите.

Џорлев смета дека преку здружувањето во „Гола планина“, многу повеќе млади музичари и бендови се охрабриле да создаваат музика, вклучително и тој самиот.

„Луѓе сме и зависиме од тој дух на заедништво. Сè е полесно со другар, со некој покрај тебе.“

Освен што свири и издава музика заедно со своите пријатели, Џорлев има и неколку соло-албуми.

А и за тие авторски албуми, вклучително „На Балкан, сам“, Џорлев можел да се потпре на помош од пријателите што свиреле по некој инструмент или го поддржале при продукцијата.

Оние што ја познаваат неговата музика, ќе се сетат на проектот „Стој, после!“ преку кој го издаде албумот „Умре ти, се родив јас“, посветен на неговиот татко, музичарот Зоран Џорлев, кој почина во 2021 година од корона.

Го опишува својот покоен татко како „еден од подобрите луѓе на овој свет, кој навистина се трудеше да направи некаква промена и да даде шанса на нови сè уште непознати музичари.“

Ваквиот пристап на татко му многу го инспирирал и влијаел врз неговиот однос кон музиката.

Иако многу го погодила смртта на неговиот татко, Џорлев почувствувал потреба комплетно да се отвори во неговата музика.

„Ми дозволи да бидам многу поемотивен и ранлив. До тогаш музиката за мене беше забава, ама од кога почина, одеднаш стана место каде што можам да ги изразам своите најдлабоки чувства.“

Алтернативната сцена без соодветна институционална поддршка

Фотографија од Мартин Џорлев сликата од блиску

Со новиот албум, Џорлев најотворено досега ја внесува политиката во музиката | Фото: БИРН/Емилија Петреска

Создадена од мрежи на пријателства и соработници, алтернативната музичка сцена интензивно се развива во последниве години, но истовремено, како што вели Џорлев, „цело време се гаснат пожари.“

Има малку места за вежбање, за свирење и недоволно соодветни културни простори. Недостасува и медиумска покриеност на оваа сцена.

Џорлев, исто така, смета дека клучно за подобрување на културата во земјава е поголемо вклучување на младите во културните институции.

„Мислам дека треба да се отворат нови работни места за да им се даде шанса на младите, перспективни луѓе, кои навистина ги има и би се залагале безрезервно за културната сцена.“

Тој вели дека алтернативната сцена мора да добие институционално признавање и финансиска поддршка, затоа што творењето одзема многу време и бара целосна посветеност.

Според него, алтернативната култура може да биде профитабилна и низ музичката историјата има бројни успешни примери, како „Нирвана“ и „Металика“, кои почнале како алтернатива, која влегла во мејнстримот.

Но, Џорлев смета дека за да се случи тоа, кај нас потребна е помош од државата за „да се создаде инфраструктура на самоодржливост.“

Промотивен постер на фестивалот „Сепак се врти“

Фестивалот „Сепак се врти“, организиран од „Гола планина“, заедно со локални бендови и организации, беше еден од ретките вакви проекти поддржани со скромни пари од Министерството за култура и туризам.

Во мај годинава беа одржани еднодневни фестивали во шест градови.

Но, ако е тешко во Скопје да се дојде до алтернативна култура, Џорлев вели дека во помалите градови ситуацијата е „речиси очајна.“

„Фестивалот ни докажа дека има голема потреба за музика и за уметност во другите градови, дека има желни луѓе што сакаат да ги посетуваат тие настани,“ раскажа тој.

Џорлев, политички се активира кога програмскиот буџет на Младинскиот културен центар беше скратен за дури 92 отсто во јануари 2023 година.

Тогаш колективот „Гола планина“ организираше граѓански собир каде што свиреа повеќе бендови и музичари и се потпишуваше петиција за враќањето на буџетот.

А со новиот албум, тој најексплицитно досега ја внесува политиката во својата музика.

„Правда за студентите во Србија“ и „Стоп за национализмот и братоубиството на Балканот“ се дел од пораките во описот на албумот.

Таму стојат и пораките „Правда за Кочани“ и „Слободна Палестина.“ Токму со овие зборови, Џорлев го заврши концертот на фестивалот ПИН.

„Прогресивната политика треба да се вгнезди во уметноста и затоа и го кажав тоа на концертот, бидејќи никогаш не треба да ни е целосно удобно. Дури и кога се забавуваме, мора да има дел од нас што е гневен и бара промена“, заклучи тој.