Оваа сабота, ЛГБТИ+ заедницата и нивните поддржувачи, по петти пат ќе излезат на Парадата на гордоста, симболичен марш за зголемување на видливоста, прифаќањето и правата на оваа заедница.
Бројни истражувања документираат дека македонските граѓани сè уште се крајно хомофобични и трансфобични. На пример, големото Европско општествено истражување покажа дека 61 отсто од испитаниците би биле засрамени доколку член од нивното семејство е геј или лезбејка.
Истовремено, според истражувањето на Македонскиот центар за меѓународна соработка, над 80 отсто од испитаниците не би сакале да имаат геј-соседи.
Ваквите сентименти дополнително се засилуваат со појавата на повеќе граѓански здруженија, кои континуирано шират дезинформации и говор на омраза кон ЛГБТИ+ луѓето, претставувајќи ја заедницата како опасност за децата. Овие групи посебно ги напаѓаат трансродовите луѓе, односно луѓето што имаат различен родов идентитет од полот одреден при раѓањето.
Тие особено се противеа на предложените измени на Законот за матична евиденција преку кои транс-луѓето би можеле со јасна процедура да ја сменат ознаката за пол во своите лични документи. Делумно како резултат на политичкото дејствување на овие групи, предлог-законот никогаш не дојде на дневен ред во Собранието.
Лани, ваквите наративи добија и религиозна димензија кога овие групи добија јавна поддршка од Македонската православна црква, која го организираше протестот во Скопје, кој се одржа само неколку дена по Прајдот.
Ако на сето ова се додаде и неодамнешната промена на власта, тогаш се отвораат многу прашања за идните политики кон оваа заедница. Затоа, разговаравме со Ангел Димитриевски, ЛГБТИ+ активист и извршен директор на Еквалис, здружение за едукативен развој.
БИРН: Лани слоганот на Скопје прајд беше „Горди и гласни“, а оваа година, слоганот е „Спектакуларно непослушни“. Кoja e пораката што сакате да ја испратите оваа година и кому?
Димитриевски: Преминот од пораката што ја носат овие два слогани во периодот во оваа една година секако се должи на тоа што позицијата на ЛГБТИ+ луѓето е, или во статус кво, или полоша. Нашата непослушност оваа година е политичка. Ако нашата идеја за еднаквост, за достоинство и буквално за право на живот е спорна, тогаш ДА, одбираме да бидеме непослушни. Непослушноста ја одбираме како одговор кон системот, кој се обидува постојано да нè втурне во нашите четири ѕида, да нè скрие и да ни нареди каде ни е нашето место и да ги уредува нашите приватни животи. Системот сака да ја ограничи нашата можност за политичко учество во ова општество, да се плашиме да покажеме физичка блискост кон луѓето што ги сакаме, да сме слободни да се движиме во јавниот простор. А спектакуларно непослушни, затоа што едноставно сме спектакуларни.
БИРН: Какво е вашето мислење, дали одржувањето на Прајдот е веќе нешто што е прифатено или сè уште постојат предизвици?
Димитриевски: Прајдот се одржува пет години и оваа година имаме мал јубилеј. Многу е значајно тоа што досега имавме безбеден Прајд, на кој заедницата успеваше да биде видена, прославувана и безбедна. Покрај оваа перспектива, многу е важно да се спомене разноликоста на луѓето што доаѓаат на Парадата: забележуваме сè поголемо присуство на млади луѓе, кои храбро и многу автентично учествуваат на овој настан, припадници на заедницата, но и поддржувачи.
Но, месецот на гордоста е период во кој ЛГБТИ+ луѓето ја истакнуваат својата видливост, и тоа повлекува многу омраза. Како и секоја година, во пресрет на Парадата, на социјалните мрежи има зголемен говор на омраза насочен кон заедницата. До овој момент немаме информација за организирана опозиција на Парадата, како што беше случајот со протестот на МПЦ минатата година.
Засега, нема проблеми со институциите во организирањето на самата Парада, бидејќи безбедносните аспекти и подготовки се во тек. Сепак, очекуваме да видиме каква ќе биде поддршката или реториката кон овогодинешната Парада од политичките структури, особено од новоизбраните.
БИРН: Македонија има Закон против дискриминација, кој ги вклучува категориите сексуална ориентација и родов идентитет, но, според многу анализи, ЛГБТИ+ заедницата во земјава е далеку од еднаква со другите граѓани. Кои права ѝ се ускратени на оваа заедница во Македонија и како е позиционирана нашата држава на ова поле во однос на другите земји во регионот?
Димитриевски: ЛГБТИ+ луѓето не бараат повеќе права од другите граѓани во оваа држава. Оваа заедница само ги бара истите права што сите други граѓани ги имаат гарантирано.
Многу бариери се исправени пред оваа заедница. Почнувајќи од образованието, кога ЛГБТИ+ младите се предмет на врсничко насилство поради нивните идентитети, па завршуваат изолирани, исмевани, а честопати и физички напаѓани. Образовниот систем нема начин како да одговори на овие предизвици, па, наместо да работи со агресорите, честопати се случува да ги дислоцира оние што трпат насилство и дополнително да ги изолира. Останува на самите ЛГБТИ+ млади да ги пронајдат своите безбедни простори.
Понатаму низ животот, овие луѓе се соочуваат со уште повеќе предизвици. Постојат бариери за луѓето што со години живеат со своите партнери и не може да го наследат нивниот имот, не се првиот контакт што може да ги посети во болница затоа што нивното семејство не фигурира никаде, ЛГБТИ+ луѓето се бркани од своите домови поради тоа што се. За жал, ова е суровата реалност на оваа заедница.
Најранливата група во оваа заедница е, сепак, трансродовата заедница, која не може да ги оствари своите базични права на идентификација и да добијат документи што соодветствуваат на нивниот родов идентитет. Тоа понатаму значи многу пречки за пристап до правата, како образование, здравство и вработување. Дополнително, ова е заедница, која во изминативе години беше најмногу демонизирана од антиродовото движење преку дезинформациски шеми и пропагандистички лаги.