Три со три

Димитриевски: „Временска машина“ легализира дивоградби во Чаир

Интервју со новинарот на 360 Степени, Александар Димитриевски

За оние што внимателно ги следат новинарските истражувања, спорната легализација на станбени згради во скопски Чаир воопшто не е новост. Новинарски стории уште пред година и половина документираа озаконување дивоградби што воопшто не биле почнати да се градат кога за нив биле поднесувани барања за легализација.

По објавувањето на видеоистражувањата во емисијата 360 Степени, Обвинителството бргу реагираше и отвори предистрага. Меѓутоа, оттогаш нема вести околу истражниот процес.

Деновиве, скопската градоначалничка Данела Арсовска ја реактуализираше темава преку Фејсбук, пресметувајќи се со својот колега од Општина Чаир, Висар Гаину. Вината за незаконската легализација, Арсовска ја лоцира токму во Ганиу и во неговата општинска администрација.

Она што го објавуваа 360 Степени и сега Арсовска укажува на незаконско легализирање објекти што не се мали семејни куќи, шупи или натстрешници, туку габаритни висококатници и станбени комплекси, кои доминираат над булеварите и главните улици во Чаир.

За конкретните наоди на новинарското истражување објавено при крајот на 2023 година и за новите аспекти што ги отвораат обвинувањата на градоначалничката Арсовска разговаравме со новинарот и уредник на 360 Степени, Александар Димитриевски.

БИРН: Вие и Вашите колеги од 360 Степени, во 2023 година објавивте серија новинарски истражувања што открија дваесетина дивоградби во Општина Чаир. Стануваше збор за нови, големи станбени згради, кои се диво изградени и незаконски легализирани. Што конкретно покажаа вашите наоди?

Димитриевски: Покажаа дека во Чаир постои „временска машина“. Што мислам со тоа? Дека општината легализирала и станбени згради, кои воопшто не биле почнати да се градат кога за нив биле поднесувани барања за легализација според евиденцијата на општината.

Попрецизно, Законот за постапување со бесправно изградени објекти дозволува легализација само на дивоградби изградени до 3 март 2011 година. Рокот за поднесување барања за легализација, пак, беше одложуван повеќепати, последно до крајот на 2018 година.

Во Чаир документиравме дваесетина случаи во кои општината легализирала станбени згради што не биле изградени пред 3 март 2011 година, туку подоцна. Наодот што отвори најмногу прашања е што имаше и барања за легализации архивирани со датум не подоцна од 31 декември 2018 година, а се однесуваа на дивоградби почнати да се градат во 2019 или во 2020 година.

Кога навистина била изградена секоја зграда лесно може да се провери преку јавно достапната апликација – Гугл ерт. Таму има исторски преглед на сателитски снимки, кои се недвосмислен факт кога и што е изградено во последниве 15-20 години.

Или, накратко, докажавме дека во Чаир се легализирале градби, кои во моментот на легализација, или не биле изградени, или, пак, се изградени подоцна од критичниот датум за да можат да бидат легализирани – 3 март 2011 година. Тоа, се разбира, е противзаконски.

Деновиве, скопската градоначалничка Данела Арсовска повторно ја отвори темата за дивоградбите во Чаир, лоцирајќи ја вината за нелегалната градба во нејзиниот колега од оваа општина, Висар Ганиу. Колку нејзините настапи ги потврдуваат или со некој нов аспект ги надополнуваат вашите наоди?

Димитриевски: Ние, уште во 2023 година најдовме потврда за нашите наоди преку вкрстување на податоците од терен, Агенцијата за катастар и сателитските снимки. Така што кампањата на градоначалничката Данела Арсовска за мене е интересна, пред сè, бидејќи отвора и еден нов аспект. А тоа е нејзиното тврдење дека Чаир фалсификувал решенија за платени комуналии, што е еден од условите за да заврши легализацијата на еден објект и потоа да се впише во Агенцијата за катастар.

За нашите наоди, Чаир се правдаше дека законот не предвидува механизам со кој општината може да провери дали се вистинити изјавите во барањата за легализација – кога е изграден еден објект. Така, индиректно, вината ја префрлија на барателите на легализациите – дека тие лажеле. Но, ако се докаже тоа што го тврди Арсовска, не гледам кој друг освен општината може да сноси одговорност за лажни решенија за платени комуналии.

И покрај тоа што верувам дека јавниот притисок често носи резултати, не можам, а да не ѝ забележам на градоначалничката што молчеше досега. Како што е невозможно Висар Ганиу да не видел кога почнале да се градат некои сега веќе легализирани дивоградби, така е невозможно и Данела Арсовска да не забележи дека во Чаир се гради на секој чекор, а на сметката на Градот стигнува само бакшиш на име комуналии.

Со ваков тајминг, реална е опасноста темата да се сведе на предизборна пресметка.

Вашето истражување од 2023 година го завршувате со зборовите „Старите велат – добриот глас надалеку се слуша. Дали ќе слушнат оние што навистина треба да чујат?“. Обвинителството, по објавувањето на сторијата, отвори предистрага. Година и половина подоцна, што се случи со тоа?

Димитриевски: Обвинителството, првично, покажа интерес и почна да работи со пристојна динамика, судејќи по интересот што го покажаа за нашите наоди. Не би можел да знам што се случуваше потоа, но неодамна дознавме дека предметот сè уште е жив. Можам само да логицирам дека обвинителството препознава кривично дело или дела, но, или има тешкотија да ги докаже, или случајот поради некоја причина се одолжува. Ако немаше основи за сомнение, верувам ќе беше затворен.

Еден можен проблем за обвинителството е дупката во законот – дека никој не ја проверува вистинитоста на изјавата на барателот на легализација дека објектот му е изграден пред 3 март 2011 година. Тој може да одговара за лажната изјава, но тоа кривично дело застарува релативно брзо.

Тоа што очекував и очекувам обвинителството да го докаже како дело е „патувањето низ времето“, односно заднината на барањата за легализација со датум што претходи на почетокот на градба на објектите за кои се бара легализација. Патување низ времето, се разбира, не постои. Што носи до логички заклучок дека некој и некаде антидатирал и преправал документи.

Која и од овие претпоставки да е вистинита, сметам дека веќе помина предолго време. Доволно долго за во Чаир, а веројатно и на други места, да продолжи изградбата на бесправни објекти, кои потоа противзаконски ќе се легализираат без последици. Да не заборавиме, тука не станува збор за шупи, натстрешници и балкони. Говориме за станбени објекти, чија поединечна вредност надминува милиони евра. Ќарот оди кај малкумина. Штетата ја трпат комшиите, новите станари, општинските буџети…