Д. Р. е веќе со години болен од ХИВ. Неговата состојба се влошува, физички и психички е исцрпен. За потребите на овој текст неговиот идентитет ќе биде заштитен, а неговите сведоштва се пренесени од луѓето што го застапуваат. Ова е човек што со години, на своја кожа ја чувствува стигматизацијата и дискриминацијата на болните од ХИВ во Македонија.
Д. Р. веќе четири години, секој месец, во Кривичниот суд доставува медицинска документација од Клиниката за инфективни болести, со која и натаму докажува дека е ХИВ-позитивен, и оти во меѓувреме „не оздравел“. Ако не достави документи, тој пак може да биде вратен зад решетки во затворот „Идризово“, од каде што, есента 2010 година буквално бил избркан, само неколку дена откако властите дознале дека е ХИВ-позитивен.
Неговото „докажување“ треба да заврши на крајот на 2014 година, кога треба да настапи апсолутна застареност за извршување на казната од осум месеци затвор на колку што е осуден.
Неговиот случај е најеклатантен пример кој покажува дека државата нема соодветен механизам со кој ќе обезбеди ефикасна заштита за затворениците, носители на ХИВ/СИДА. Поради нереагирањето на државните институции, овие затвореници се дискриминирани и дополнително стигматизирани.
Оставен без терапија и изложен на насилство во затворот
Проблемите на Д. Р. почнале на 27. 8. 2010 година, кога бил уапсен од полицијата во Ѓорче Петров и спроведен во Затворот „Скопје“ на издржување на казната затвор. Свесен за својата здравствена состојба и фактот дека треба редовно да прима терапија, Д. Р. побарал веднаш да разговара со лекар, но на средба чекал четири дена.
На 31 август, на средбата со лекарот, каде што затвореникот открил дека е ХИВ-позитивен, присуствувал и затворски чувар, Д. Р. му објаснил на лекарот дека е без потребната метадонска и антиретровирусна терапија, што морал да ја прима редовно. Лекарот му препорачал некој да му ја донесе терапијата во затвор, но кога негов пријател пристигнал со лековите, стражарите одбиле да ја примат.
– Со прекинот на антиретровирусната терапија му била загрозена здравствената состојба, бидејќи терапијата треба редовно да се зема, во спротивно се создава опасност од резистентност на терапијата што може да ја влоши здравствената состојба – наведува неговата адвокатка Наташа Бошкова.
По разговорот на Д. Р. со лекарот, во затворот се проширила вест дека е примен нов затвореник кој е ХИВ-позитивен. Затвoрскиот персонал почнал да носи маски и ракавици, а затворениците да го одбегнуваат. На почеток бил сместен со други затвореници кои веднаш почнале да го навредуваат и да му се закануваат.
Од затворот „Скопје“ Д. Р. бил префрлен во затворот „Идризово“, а еден од чуварите кои го спроведувале со заштитни маски и ракавици, им кажал на колегите дека затвореникот има сида! Така, и затворениците во Идризово дознале за „сида затвореникот“. Веста била пренесена и надвор од затворот, а информацијата стигнала и до медиумите.
Во медиумите случајот на ХИВ-позитивен затвореник се третира сензационалистички, се информира за „паника во затворот“, поткрепена со изјави на затворскиот лекар дека „ХИВ-позитивниот осуденик во никој случај нема да биде сместен со останатите лица во затворениот дел, за да не се доведат тие во опасност од зараза.
Од невладината организација ХЕРА побарале Народниот правобранител да ги заштити правата на Д. Р. кој бил „изложен на директна дискриминација, на голем ризик од насилство и продолжување на нечовечкиот третман во затворот“, а од медиумите да се воздржат од сензационалистички наслови со чија содржина се создава општа паника и се прави дополнителна стигматизација кон лицата кои живеат со ХИВ.
Директорот на затворот „Идризово“, по посетата од Народниот правобранител, донел решение со кое на затвореникот му го прекинал издржувањето на казната затвор поради „влошена здравствена состојба“, иако тој тоа не го побарал.
Тужба за државата
Стигматизацијата на болниот затвореник не завршува по пуштањето од затвор. Најнапред бил изложен на социјални притисоци и непријатни коментари од страна на соседите кои дознале дека тој е ХИВ-позитивен, по што морал да се исели. За неговиот статус на заболен од сида дознале и во фирмата во која работел, па ја загубил и работата.
Неговиот живот бил целосно подреден на фактот дека е болен и изолиран од општеството. Третманот што го добил во затворот, откривањето на неговата здравствена состојба и последиците од тоа го поттикнале да побара сатисфакција за претрпената штета.
– Баравме да се изврши инспекциски надзор во затворот за да се утврди како се собираат, евидентираат, чуваат и употребуваат медицинските податоци за лицата кои се на издржување на казна затвор и нивно откривање – вели Жарко Трајаноски од Коалицијата за заштита на сексуалните права на маргинализираните заедници.
Тие, од Народниот правобранител побарале да покрене брза истрага за случајот и да подготви препораки до сите државни институции за спречување на повредите на правата на лицата кои живеат со ХИВ, а кои стравувале од загрозување на нивните права доколку се открие здравствениот статус.
– Но, ниту една институција не утврди прекршувања на правата на затвореникот и никој не бил санкциониран – ни посочи адвокатката Наташа Бошкова, која го застапува Д. Р. пред македонските институции.
Централните аргументи во тужбата се однесуваат на прекинот на терaпијата, откривањето на -статусот на заболен од сида, во затворот и во јавноста, како и третманот на лицето за време на издржување на казната по откривањето на здравствената состојба.
– Постојат доволно докази со кои може да се најде одговорност на страна на државата, бидејќи не спровела ефективна, официјална и целосна истрага која би ги идентификувала и казнила сторителите – вели таа.
Основниот суд ја одби тужбата на Д. Р. и спорот е сега пред Апелацискиот суд.
Парадигматичен случај
Случајот на ХИВ-позитивниот затвореник од Македонија е регистриран и во годишните извештаи на Глобалниот фонд за заштита од ХИВ/СИДА, каде што е посочено дека земјава се уште нема соодветен механизам што ќе обезбеди заштита и третман на затворените лица, носители на ХИВ/СИДА.
– Слаби и неприменети правила за заштита на приватноста, како и нивно постојано кршење доведува до поразителни последици за засегнатите – се вели, меѓу другото, во извештајот.
Случајот со Д. Р. само ја обелодени неподготвеноста на институциите да се справат со предизвикот – заштита на здравствените и човековите права на осудениците кои имаат потреба од антиретровирусна терапија, смета Жарко Трајаноски
– Паниката во институциите и медиумите беше показател не само за нивната игноранција, туку и за системската дискриминација кон лицата кои живеат со ХИВ и лицата кои се ранливи на ХИВ, вели тој.
Од Управата за санкции, под чија надлежност се затворите, признаваат дека стереотипите и натаму се главниот проблем во функционирање на системот во Македонија, каде што влегува и третманот на затвореници кај кои се откриени ХИВ/СИДА или други заразни болести.
– За жал, во 21 век, дури и во општеството, во средината има повеќе предрасуди и стереотипии поврзани со инфективните болести кои се должат на неинформираноста за начинот на трансмисија на болестите – вели Елисавета Секуловска од Управата за извршување на санкции.
Таа тврди дека Управата за извршување санкции континуирано спроведува обуки за ХИВ/СИДА и туберкулоза во затворите и дека во последниве три години нема откриено нови затвореници со ХИВ/СИДА.
– Односот кон ваквите лица во затворените институции треба да е ист како и во општеството, без дискриминација и сегрегација, а доколку е можно на затворениците носители на ХИВ-вирусот треба да им се понуди предвремено ослободување и да се обезбеди соодветен третман надвор од затворот – нагласува адвокатот Тони Менкиноски, кој повеќе години во рамки на Хелсиншкиот комитет учествуваше во проекти поврзани со затворската популација.
Затворите се потенцијално место за ширење на заразни болести
Општо земено, затворите се сметаат за високоризична средина за пренос на ХИВ. Ризични фактори се раширената употреба на инјектирање дрога, тетовирањето со нестерилна опрема, незаштитениот секс, високата стапка на силувања, како и супстандардните услови и пренатрупаноста.
– За жал, во нашите затвори не се спроведуваат ефикасни програми за заштита на осудените лица од ХИВ, кои подразбираат не само можност за користење на стерилна опрема за инјектирање (и тетовирање), достапност на кондоми, туку и посебни мерки за заштита од силување, вели Трајаноски.
Во Македонија, во моментов има над 210 регистрирани заболени од ХИВ/СИДА, од кои 20 биле откриени во 2012 година, 24 случаи во 2013 година, а 11 само за првото тримесечје во 2014 година. Според податоците на Институтот за јавно здравје, најчест причинител на заразата е практикување на секс без заштита
Станува збор за табу-тема, за која многу не се говори во јавноста, иако сите кои поминале подолг период во затвор можат да ви раскажат како „виделе“ или „слушнале“ за хомосексуални врски и сексуално насилство.
Во судската практика, и покрај сите сомневања за сексуално насилство и силување во затворите, нема евидентирано пријава од затвореник и водење на судска постапка.
– Насилството може да се јави меѓу самите затвореници, но и помеѓу нив и чуварите. Особено што сексуалното насилство меѓу затворениците најчесто е непријавено и, за жал, неофицијално прифатено како составен дел од затворската шема на однесување. Практикувањето на сексуални односи без заштита со размена на потенцијално инфицирани човечки секрети претставува висок ризик – заклучуваат Стефановска и Топаловски во нивното истражување за опасноста од ХИВ/СИДА.
ПРЕПОРАКИ ЗА ЗАТВОРСКИТЕ ВЛАСТИ
Епидемиолозите даваат генерални препораки за заштита од ХИВ/СИДА во затворски услови кои треба да ги практикуваат затворските власти,
– унапредување на општата хигиена и подобрување на квалитетот на здравствената заштита и грижа за затворениците;
– изработување и спроведување на програма за континуирано информирање на сите затвореници за начинот на заштита од ХИВ-инфекција, како и за опасноста од други инфекции кои се пренесуваат по крвен и по сексуален пат, со посебен осврт на безбедното однесување;
– континуирана едукација за сите вработени во затворите, за начините на заштита при професионална експозиција на крв и крвни деривати сомнителни на ХИВ или други инфекции преносливи преку крвта и за надминување на стигмата и на дискриминацијата;
– спроведување на одржлива програма за континуирана дистрибуција на кондоми меѓу лицата кои издржуваат затворска казна;
– почитување на правото на затворениците за доброволно советување и тестирање за ХИВ;
– почитување на правото на затворениците во случај на потреба да им се овозможи примање на антиретровирусна терапија, во согласност со важечкиот протокол за лицата на слобода;
– програма за третман на лицата корисници на дрога кои издржуваат затворска казна, со посебен осврт на интравенските корисници на дрога;
– зацврстување на системот на затворските власти за спречување на внесување на дрога во затворите.
Според нив, проблемот на насилство е реалност во затворите на земјите во транзиција, каде што внатрешната затворска хиерархија е базирана врз систем на касти, кој, е поддржан па дури и прифатен од некои затворски авторитети. Постоењето на ваквиот систем неминовно лошо се одразува врз затворениците од пониските касти, во екстремни случаи принудувајќи некој од нив да прифатат да бидат сексуални објекти и жртви на насилство. Тука влегува и сексот без заштита кој може да биде причина за пренесување на ХИВ/СИДА.
Иако официјално во македонските затвори нема регистриран нов случај на затвореник заболен од ХИВ/СИДА, бројот на болните во Македонија е зголемен во однос на претходните години.
Невладината „ХЕРА“ спроведе доброволно тестирање и советување на затворениците за ХИВ.
– Од 2007 година 706 затвореници се советувани и тестирани за ХИВ. Акциите за ваквите тестирања се спроведуваа во кругот на затворите – вели Тања Станкова, проект-координатор во невладината организација „ХЕРА“.
Станковска не открива дали во рамки на тестирањата се откриени ХИВ-позитивни затвореници, но вели дека во вкупната бројка на ново откриени ХИВ-инфекции во текот на годината, влегуваат и новите ХИВ-инфекции откриени со теренските активности на „ХЕРА“, во кои спаѓаат и тестирањата во затворите.
Релативно големиот број затвореници кои прифаќаат да се тестираат укажува на зголемената свесност кај затворската популација, но претставува и потврда за ризично однесување во затворите, но и страв кај затворската популација.
Приказните за зараза со сида се раскажуваат низ затворските ходници и ја хранат стигматизацијата на болните. Приказната што ни ја раскажа 32-годишниот Б. М. е едно од оние искуства кои ја илустрираат фобијата на затворениците да не бидат заразени со овој вирус.
Б. М., кој бил осуден во Германија, е убеден дека кавгата со група затвореници во истиот затвор резултирала со обид за негово убиство токму преку намерно заразување со ХИВ.
– Во неколку наврати имаше тепачки, кои беа пријавувани кај затворските власти, но немаше некоја посериозна реакција од нивна страна. Сè, до едно утро, кога се обидоа да ме нападнат неколку затвореници од Босна, обидувајќи се да ме прободат со игла и шприц во кој имаше крв – вели Б. М. и тврди дека анализата на крвта во шприцот покажала дека била инфицирана со ХИВ.
– Само среќа ме спаси, бидејќи нападот навреме го забележале затворениците од другите ќелии кои ги алармирале чуварите. Поминав само со физички повреди, вели овој поранешен затвореник.
Сексуалното насилство како посебно ризичен фактор го наведуваат и д-р Весна Велиќ-Стефановска, д-р Јован Топаловски и Миодрага Стефановска, во нивното истражување за сида во македонските затвори.