Државната комисија за спречување корупција отвори предмет за кандидатот за градоначалник на Општина Карпош, Сотир Лукровски, кој ветува поволности за жителите на таа општина во болницата „Аџибадем Систина.“
Антикорупционерите, за БИРН, велат дека она што тие може да го испитаат е дали приватната болница е донатор на неговата кампања.
Според Изборниот законик, фирми може да финансираат кампања во износ до 30 илјади евра, а како донација се сметаат не само пари туку и давањето бесплатни услуги на учесникот во изборната кампања.
„Несомнено, настанот претставува активност во рамки на изборната кампања на кандидатот, која се одвивала во правно лице во приватна сопственост, користејќи услуги и капацитети на истото“, наведуваат од ДКСК.
Според досега објавените извештаи за финансирање на кампањата, оваа компанија не е меѓу тие што ѝ дале пари на владејачката ВМРО-ДПМНЕ, чиј кандидат е Лукровски.
Последниот извештај за сите трошоци што ги направиле и за тоа кој им дал пари, учесниците на изборите треба да го поднесат кон средината на следниот месец.
Лукровски, во последната недела од кампањава, ветува дека ако тој стане градоначалник, секој месец, по 10 жени над 50 години, во следните четири години ќе може бесплатно да направат преглед за остеопороза во „Систина“, која ја нарекува општествено одговорна компанија.
Ветувањето го дава во самата болница пред пултот зад кој стои името на брендот. Со него се неколку медицински лица, меѓу кои и националниот координатор за здравство, доктор Ристо Симеонов, кој е и дел од тимот на „Систина“ како детски хирург.
Тој, пак, наведува дека ако Лукровски стане иден градоначалник, ќе има и бесплатни прегледи за школски деца за тироидна жлезда и на тестиси.
Владата, пред речиси една година, го именуваше Симеонов за национален координатор за здравство. Тој е и член на извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ.
Противкандидатот на Лукровски, Стевчо Јакимовски го обвини дека со ова прави предизборен поткуп.
Од Јавното обвинителство велат дека секој што се сомнева дека е извршен поткуп, може да пријави до нив, а тие ќе испитаат дали има оштетени.
И други кандидати за градоначалници во предизборието ветуваат слични проекти, меѓутоа овде разликата е што конкретна приватна клиника се обврзува на бесплатни услуги доколку победи Лукровски. Од видеото е нејасно кој ќе ги покрие трошоците, дали општината или компанијата.

