За основање партија во Македонија потребни се 1.000 потписи, а за истата таа партија да биде финансирана од државниот буџет, доволни може да бидат само стотина гласови добиени на локални избори во некоја општина.
На овој начин, 93-те гласа во Берово на локалните избори во 2021 година, на малата конзервативна партија Родина ѝ донесоа годишен приход од над 60.000 евра во следните четири години.
На сличен начин, иста сума државни пари за работа обезбеди и Демократи, партијата на битолчанецот со холивудска кариера, Јорго Огненовски, но и онаа на неговиот сограѓанин Горан Тасковски, Македонска ера трета, која беше основана нецела година пред одржувањето на локалните избори.
Во групата со исти приходи влегуваат и партиите Твоја и Интегра. Лани им беа исплатени по 68.000 евра од државниот буџет, а една година претходно, 60.000 евра за да ги финансираат своите партиски активности.
Овие партии имаат големи разлики по својата идеологија и дејствување, но заедничко им е тоа што се нови, помали партии, кои сами излегле на избори и имале скромни резултати, за кои заработиле солидни пари од државата.
И тоа само поради фактот што на локални избори, во барем една општина, успеале да освојат еден процент од вкупниот број гласови. Понекогаш, како во случајот со Родина, за тоа може да бидат доволни и помалку од 100 гласа, кои на партијата ќе ѝ обезбедуваат солиден годишен приход до следните избори.
Демократи, прагот од еден процент го помина со 700 добиени гласа во Битола, а на младата Македонска ера трета, доволни ѝ беа 30-те гласа во Општина Новаци, што е еквивалент на 1,4 отсто од излезените гласачи на последните локални избори во малата јужна општина.
Како до јавни пари за новите партии
Во Македонија, граѓаните се тие што ја финансираат работата на партиите, така што секоја година за оваа намена се двои дел од државниот буџет. Колку е буџетот поголем, толку е поголем и колачот за партиите.
Лани, на пример, вредел 6,5 милиони евра.
Македонското законодавство предвидува дека 30 проценти од овие пари подеднакво ќе им се поделат на партиите и коалициите што успеале да освојат барем еден процент од гласовите, на последните локални или парламентарни избори. Останатиот дел од 70 проценти повторно се дели меѓу партиите, но според добиени советнички или пратенички мандати. Колку повеќе мандати, толку повеќе пари.
А бидејќи малите партии ретко освојуваат мандати, парите што ги добиваат тие се главно преку помалиот дел од колачот, за освоени гласови.
Лани, на пример, за минат праг, партиите и коалициите зеле по 68.000 евра, но на ова конто, за секој советник или пратеник, им се додавале и по околу 3.300 евра.
Затоа со еден советник на последните локални избори и 200 гласа во Јегуновце со кои го мина прагот од еден процент, проруската партија на Јанко Бачев, Единствена Македонија, лани стигна до државен приход од 71.000 евра. Со тројца советници, пак, на ТМРО на Ванчо Шехтански, му се исплатени над 78.000 евра.
Овие пари, партиите ги добиваат четири години, до следните избори.
До пари преку коалиции
Понекогаш, партиите се обидуваат по скратен пат да дојдат до повеќе мандати и влијание, а тоа го прават преку коалициите со големите партии. Тоа не значи и дека ќе добијат повеќе од државните пари, бидејќи ќе мора да ги делат со коалициските партии, зависно од договорот со нив. Затоа, во големите коалиции, за најголем дел од партнерите, најчесто остануваат трошки.
Од друга страна, праксата покажува дека главен мотив за коалицирање не мора да бидат државните пари, туку функционерските позиции.
Така, на пример, малата Достоинство лани добила само 4.000 евра, од коалицијата со СДСМ. Нема советници и пратеници, но нејзиниот лидер Стојанче Ангелов стана директор на Центарот за управување со кризи. На последните парламентарни избори, партијата коалицираше со ВМРО-ДПМНЕ.
Инаку, најголемиот дел од шеесетината партии, колку што се регистрирани во земјава, лани зеле државни пари. Дваесетина имаат исплати под 10.000 евра, а уште толку до 100.000 евра. Повеќе од милион евра зеле две партии, ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ.
Државни пари за поголема демократија
Партиите немаат големи обврски, во однос на трошењето на државните пари, освен таа дека треба да ги користат за партиските активности. Оттука, главна обврска им е да внимаваат на законските рокови за поднесување извештаи до институциите за да не им ги стопираат исплатите. Тоа значи навреме да достават извештај за примени донации, годишна сметка и финансиски извештаи.
Ако не го сторат тоа, им се стопира исплатата, како за малата партија Движење за држава и правда, која со неколку стотини гласови во Теарце го мина прагот од еден процент.
Европската комисија, во своите извештаи редовно укажува на тоа дека за борба против корупцијата, неопходно е да се подобри транспарентноста на финансирањето на политичките партии во земјава.
Со оглед на тоа што на партиите им требаат пари за работа, праксата на демократските општества покажува дека давањето јавни пари го намалува притисокот на големите донатори врз нив и зависноста од еден извор. Тоа е оправдувањето и во Македонија каде што помалите партии немаат многу донатори, а и кога ги имаат, парите најчесто ги донираат нивите лидери и високото раководство.
Не собираат многу пари и од членарини, па државните им се основни пари за работа.
Интересно е и тоа што повеќе државни пари секогаш не носат подобар изборен резултат. Ако Интегра, без државно финансирање, на парламентарните избори во 2020 година сама успеа да освои над 12.000 гласа, на годинешните, во коалиција со уште две партии, стигна само до 4.200.
Слична е ситуацијата и со Демократи и Твоја, кои годинава имаа полош изборен резултат од оној пред четири години.
Пари нема само за независните листи
Додека јавното финансирање на партиите се поврзува со потребата од поголем избор и демократија во општеството, државата што дели милионски суми за партиите, нема пари за независните граѓански листи, кои добиваат многу гласови.
На последните локални избори, преку вакви листи беа избрани шеесетина советници, но бидејќи не се регистрирани како партии, за нив нема ниту ронки од државниот колач, кој треба да служи како поттик за демократијата.
Дополнително, пред годинешните избори, со амин на парламентарните партии, дополнително се отежна и процесот за кандидирање независни листи на пратеници, како и на независни листи за советите во некои општини.
Ако до неодамна, за учество на парламентарни избори им беа потребни 1.000 потписи, сега тие ќе треба да обезбедат од најмалку еден процент од избирачите. Кога се работи за парламентарни избори, тоа би значело дека ќе им требаат трипати повеќе, меѓу 2.400 и 3.400 потписи, зависно од изборната единица.
Од друга страна, пак, за основање партија се потребни само 1.000 потписи од граѓани. Истата таа партија потоа, со мал број гласови на избори може да си обезбеди годишен приход од неколку десетици илјади евра.
Мартина Илиевска од Институтот за демократија (ИДСЦС) укажува дека треба да се размислува во насока на давање државни пари наменски и условено, „за да се минимизира ризикот од формирање партии, кои ќе бидат зависни од јавните финансии без некаков импакт“.
„Финансирање условено со постигнување определени ефекти, како што се зајакнато учество на жените или младите во партијата, го помага работењето на политичките партии, но и ги поттикнува да унапредуваат одредени групи и да вложуваат во едукација на членството, што на долг рок резултира со унапредување на нивното политичко дејствување“, укажува таа.
Министерството за правда, деновиве ги завршува пресметките за годинешната распределба на јавните пари за партиите. Во исплатата за 2024 година, нема да влезат резултатите од годинашните парламентарни избори. Сумата ќе биде рекордна, над 7 милиони евра.