Европскиот парламент, во четвртокот усвои резолуција со која се осудуваат Кина, Русија и Србија за продажба на оружје на воената хунта во Мјанмар – тема што БИРН со партнерите ја истражуваше во февруари.
Испораките продолжија, и покрај барањето владата да не продава оружје доколку постои јасен ризик дека може да се користи за кршење на човековите права.
Резолуцијата вели дека тие се „директно одговорни за злосторствата извршени со тоа оружје“.
Резолуцијата прецизно ги именува земјите наведувајќи: „Со оглед на тоа што воената хунта добива борбени авиони и оклопни возила од Кина и Русија; со оглед на тоа што тие се користеа против цивилното население од минатогодишниот пуч; а Србија одобри ракети и артилерија за извоз во војската на Мјанмар…“
БИРН, во соработка со Myanmar Witness, Центарот за истражувачко новинарство во Србија, CINS и Lighthouse Reports, врз основа на слики, видеа и документи, неодамна објави истражување, кое докажува дека во 2021 година Србија извезла ракети во вредност од милиони евра во Мјанмар, неколку дена по воениот удар со кој беше соборена избраната влада, додека во следните неколку месеци издала уште четири дозволи за извоз на оружје.
Според документите на српското Министерство за трговија, Србија извезла 2.524 ненаведувачки ракети од 80 мм во Мјанмар во две пратки, во јануари 2021 година и во февруари.
Целата нарачка била вредна 4,75 милиони евра и извезена преку белградскиот Југоимпорт СДПР, државен посредник во увозот и извозот на опрема поврзана со одбраната.
Првата пратка од 880 ракети била испратена на 23 јануари, една недела пред војската на Мјанмар да ја преземе контролата по општите избори на која убедливо победи партијата НЛД на Аунг Сан Су Чи. Втората пратка од 1.644 ракети дојде кога во Мјанмар веќе се случуваше државен удар и кулминација на насилството.
Игнорирајќи ги многуте извештаи за насилство, убиства и кршење на човековите права, Србија дозволи испораката на оружје да продолжи, и покрај барањето владата да ја отповика секоја дозвола за извоз на оружје доколку се променат условите во државата што е крајна дестинација и постои ризик дека оружјето може да се користи за кршење на човековите права.
БИРН, Myanmar Witness, Lighthouse Report и CINS не можеа да потврдат дали српското оружје било користено во борбите што следеа по воениот удар.
Сепак, ненаведувани ракети од ист тип беа употребени во воздушни напади врз цивилни области во Лоикав, главен град на источната држава Кајах, во јануари оваа година.
Во март 2021 година, Советот за човекови права на Обединетите нации усвои резолуција, во која се изразува длабока загриженост за заканата по човековите права во Мјанмар поради нерегулиран или незаконски трансфер на оружје.
Во јуни 2021 година, кога војската во Мјанмар сакаше да ги задуши масовните протести, Генералното собрание на Обединетите нации ги повика сите земји-членки „да го спречат снабдувањето со оружје во Мјанмар“.
Србија беше меѓу 119 од 193 земји-членки што гласаа за необврзувачката резолуција, иако веќе имаше издадено уште најмалку четири дозволи за извоз на оружје за таа земја, две во март, една во април и една во јуни. Не е јасно дали пратките продолжиле.
Специјалниот известувач на ОН за Мјанмар, Том Ендрјус, во февруари оваа година, исто така, ги истакна Кина, Русија и Србија како главни земји што ѝ испраќаат оружје на хунтата.