Анализи

Финансирањето на партиите е терен без контрола

Ревизорите бараат државата да воведе правила за членарините и за донациите на партиите

Државата треба да ги регулира начините како политичките партии собираат членарини и донации, бидејќи сегашните правила не овозможуваат контрола на влезот на нелегални пари во нив. Државниот завод за ревизија, деновиве, ги објави извештаите за редовното годишно работење на четири партии (СДСМ, Беса, ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ) и во сите нив ја пренесе истата забелешка, дека постои системски проблем што го отежнува утврдувањето на потеклото на партиските пари.

Во сите четири извештаи, ревизорите забележуваат дека не е конкретно регулиран начинот на плаќање, уплата и евидентирање на членарината како извор на финансирање на политичките партии, ниту начинот како парите од членарина може да се пренесат на сметката за изборна кампања.

Но, оваа порака не е упатена кон партиите, туку кон државата, која треба да го реши проблемот. Во извештаите се укажува дека, од една страна, државата регулирала дека годишната членарина не смее да биде поголема од просечна месечна плата, а од друга, ги оставила партиите сами, со сопствени одлуки, да регулираат како ќе ја собираат и како ќе ја евидентираат. Затоа се бара да се воедначат начините за собирање членарини и донации, за надлежните органи, како ревизорите и други, да имаат појасен увид кој, како и колку пари им дава на партиите.

Обичната и политичката математика многу често не се исти. Ако во обичната не е важно дали бројот 50 е составен од десет петки или од две 15-ки, една 10-ка и две петки, во политичката е многу важно дали еден милион евра партиски пари од членарини се собрани од голем број лица од кои ниту едно не уплатило повеќе од 380 евра (колку што изнесува просечната месечна плата), или некои дале по 20 или 30 илјади евра, а други по 10-15 евра, а просекот на крајот излегол помал од законскиот лимит.

Ова не е само сметководствен проблем, туку суштински, бидејќи остава можности да се прикрие дали партиите имаат скриени донатори што даваат повеќе пари отколку што би смееле. Таквите донатори обично се лица што, или очекуваат да си ја повратат инвестицијата преку услуга што партијата ќе им ја даде преку државните институции, или луѓе што му помагаат на партиското раководство да прикаже пари стекнати на сомнителен начин како донација.

Најдени, но нерешени неправилности

Забелешката на ревизорите е уште поважна, знаејќи дека земјата има историја на неправилности во финансирањето на партиите. А станува збор за големи суми, за илјадници и милиони евра.

 Во ДУИ, на пример, до неодамна легнуваа пари директно од сметките на јавните претпријатија и на државните фирми, со кои раководеа директори на партијата. За случајот алармираше Транспаренси интернешнел – Македонија, од каде што укажаа дека пари на партиската сметка се префрлале од „Македонски пошти“, „Македонски железници“, „Аеродроми на Македонија“ итн.

Партијата се правдаше дека станува збор само за сметководствена забуна, односно дека директорите потпишале трајни налози, со кои парите што треба да ги уплатат како членарина, им се одбиваат директно од платата и претпријатието ги префрла на партијата.

Сепак, Антикорупциската комисија заклучи дека ова е злоупотреба бидејќи јавни фондови не смее да се користат за партиско финансирање. Ова беше забележано во финансискиот извештај за ДУИ во 2016 година, а потоа партијата ја напушти таа практика. Случајот беше предаден во обвинителството, но оттаму нема информација дали се постапило по него.

Поранешното Специјално јавно обвинителство, пак, постапи по информациите за финансирањето на ВМРО-ДПМНЕ и го отвори случајот „Талир“, со кој се замрзна недвижниот имот на оваа партија. Според наодите на СЈО, во ВМРО-ДПМНЕ, меѓу 2009 и 2015 година влегле 4,9 милиони евра, од кои дел се прикажувале како легални донации примени преку уплати на жиро-сметката. Дел од уплатниците биле напишани со ист ракопис и уплатувани на секои 20-30 секунди. На овој начин, во ВМРО-ДПМНЕ влегувале од 12 до 30 илјади евра за еден ден.

Во моментов, случајот „Талир“ е во почетната фаза од судењето.

Цела општина уплатувала заедно

Зоран Заев на партиска трибина во скопска Кисела Вода | Фото: БИРН (Г. Трпковски)

Ревизорите ги повторуваат истите забелешки за финансирањето на четирите политички партии, но кај СДСМ одат и малку подетално. Во извештајот за владејачката партија се вели дека, според интерниот акт, за уредното собирање на парите од членовите се задолжени претседателите на општинските организации. Тие треба да внимаваат никој да не уплати повеќе од дозволеното, а, ако се случи тоа, задолжително да го информираат одговорното лице за финансиско работење во партиската централа.

Меѓутоа, во ревизијата се укажува дека на крајот парите од членарини собрани од секоја општинска организација биле уплатувани во вкупни износи на партиската сметка, наместо за секој член да има посебна уплата. Ревизорите заклучиле дека на тој начин не се овозможува целосен увид во финансирањето за да се утврди дали од некаде дошле повеќе пари од дозволеното, а сумата се покрила со членови што не уплатиле или уплатиле мали износи.

Во овој случај, единствениот доказ дека во партијата немало недозволено финансирање преку членарини било тврдењето на партиското одговорно лице за финансиско работење дека до него не стигнала ниту една информација од претседателите на општинските организации за поголеми уплати од законскиот лимит.

Ревизорите нагласиле дека при ревизијата од пред две години ѝ укажале на партијата да го смени овој начин на финансирање, но дека тоа не се случило.

Со допис потпишан од претседателот Зоран Заев, СДСМ реагирал на овие забелешки во извештајот и барал да се избришат. Во него се вели дека партиските одлуки, правилници и решенија, како и работата на одговорното лице, се доволна гаранција дека партијата се финансира законски. Од партијата објаснуваат дека податоците за одделните уплати на членовите се евидентирани во сметководството кај секоја општинска организација, па на тој начин можело да се види дека немало плаќања над законскиот лимит. Сепак, ревизорите одговориле дека остануваат на ставот дека партијата треба да го смени овој начин на водење евиденција за да овозможи подетален увид во уплатите.

Донации од по три денари?

Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ на митинг пред Владата | Фото: БИРН (Г. Трпковски)

Има многу индиции дека финансирањето на партиите е недоволно регулирано, или уште повеќе, недоволно истражен простор, кој државата го толерира бидејќи и со државните органи раководат политички партии.

Чудните разлики во сумите со кои располагаат партиите го отвораат сомнежот дали е пријавено сѐ што било примено, како и дали е примено повеќе од што е дозволено. На пример, ВМРО-ДПМНЕ годишно пријавувало и по 90 пати повеќе пари собрани од членарини и донации од ДУИ. Во ревизорскиот извештај за интегративците се вели дека од овие основи, во 2018 година имале приход од 30 илјади евра. Опозициската партија, пак, според нејзиниот извештај, во 2017 година собрала 2,7 милиони евра.

Овој сооднос, 1 наспрема 90, би бил логичен ако се споредуваат некоја мала партија што одвај опстојува  и голема партија што доминира на политичката сцена. Но, тука станува збор за две големи партии што со години владееја (едната е сѐ уште на власт), имаат десетици илјади членови  и добиваат стотици илјади гласови.

 Кај донациите има и други необични трендови. Така, единствени донатори на ВМРО-ДПМНЕ во 2019 година, според извештајот што партијата го поднела до Управата за јавни приходи, се лидерот Христијан Мицкоски и неговата сопруга и син, сите по 600.000 денари (нешто помалку од 10 илјади евра), или вкупно 1,8 милион денари.

СДСМ, пак, во последните две години пријавувал по повеќе од илјада уплати за донација. Но, во списоците може да се забележат невообичаени појави. Имало уплати од по три, седум, 11, 21 денар, сите од лице со исто име и презиме.  Необично е да се оди во пошта или во банка за да се уплатат толку мали суми и да се плати провизија, освен ако не станува збор за некакво порамнување.

Со тоа се отвораат прашањата, дали партиите бараат донации или бараат само начини како некои веќе обезбедени пари да ги прикажат како донација.

Ревизорите редовно констатираат недисциплина во финансиското работење на македонските политички партии. Ретки се обидите на истражните органи да утврдат дали зад тоа се кријат грешки и недоволно познавање на сметководството, или, пак, намерно прикривање податоци за изворите на партиските пари.