Истражувањa

Фотелјата најдобра заштита од решетки

БИРН истражува колку има вистина во тоа дека политичарите  речиси никогаш не одговараат за дела што ги сториле вршејќи ја службата

Почнувајќи од 1998 година, во премиерска, вицепремиерска или во министерска фотелја седнале вкупно 186 лица.

Истражувањето на БИРН покажува дека половина од нив, во текот на нивната политичка кариера, барем еднаш „заработиле“ кривична пријава.

Сепак, шансата за кривично пријавен функционер што го достигнал тој ранг да оди в затвор е околу 2 проценти или двајца од сто.

Виновен, невин, службеник, министер

На 3 јули 2019 година, Основното јавно обвинителство Скопје објави дека отфрлило кривична пријава против три лица за несовесно работење во службата. Лицата што се ослободени од одговорност се екс министерката за култура, Елизабета Канческа-Милевска, нејзиниот заменик Драган Недељковиќ и шефот на финансии во Култура за периодот 2009-2017 година.

На прв поглед ништо невообичаено, бидејќи на пример во 2017 година јавните обвинителства отфрлиле околу 45 проценти од кривичните пријави доставени до нив. Но, две работи го прават овој случај вреден за истакнување.

Прво, кривичната пријава е поднесена од Управата за финансиска полиција. Второ, иако пријавата е отфрлена, обвинителството се согласува дека во случајот имало неправилност при набавка на опрема од странска компанија, бидејќи таа немала локална фирма во земјата при склучувањето на зделката.

„Вештото лице констатирало дека фактурите доставувани од „Светлост театар“ ДОО Белград, Р. Србија до Министерството за култура биле искажани во евра со посебно искажан ДДВ и со наведена сметка на која треба да биде исплатена сумата. Притоа, функцијата на подружницата не била реализирана во целост, со оглед на тоа што фактурите биле изготвувани и доставувани од страна на матичната компанија наместо од подружницата. На тој начин е создаден неправилен тек на парите“, се вели во соопштението на обвинителството.

И покрај „неправилниот тек на парите“, обвинителството не гледа случај бидејќи во меѓувреме биле платени сите давачки.

„Со самото тоа не постои штета на Буџетот на државата, ниту каква било друга штета, утврди вештиот наод и мислење,“ вели Обвинителството.

Речиси половина функционери добиле кривични пријави

Колку често се случува јавно обвинителство да отфрли кривична пријава од Управата за финансиска полиција? Според податоците што ги обезбедивме од основните јавни обвинителства од цела држава и од Управата за финансиска полиција, сликата е следна.

Во петгодишниот период од јануари 2014 до крајот на декември 2018 година, Управата за финансиска полиција има поднесено вкупно 283 кривични пријави до јавните обвинителства. Од тие кривични пријави, вкупно 22 се целосно отфрлени, што е 7,8 отсто од вкупниот број.

Така, отфрлената кривична пријава против екс министерката Елизабета Канческа-Милевска, нејзиниот заменик и шефот на финансии во Министерството спаѓаат во „среќните“ 8 на секои 100 пријави на финансиската полиција, кои обвинителствата ја отфрлаат.  

Оваа статистика само ја „храни“ јавната перцепција дека кога станува збор за лица што располагаат со политичка моќ, како да важат некои други правила или, пак, истите правила се толкуваат поблаго.

Но, јавната перцепција не е меродавен критериум за да се потврди или да се отфрли одредена појава. Затоа „копавме“ подлабоко – дали има вистина во тоа дека политичарите никогаш или ретко кога одговараат за дела што ги сториле вршејќи ја службата?

Одговорот на ова прашање се обидовме да го најдеме во составување ограничена листа на највисоки функционери – сите премиери, заменици на премиери и министри во последниве 20 години (од 1998 година, до денес). Потоа, ја проверувавме судбината на случаите во кои тие биле обвинувани за незаконски дејствија во текот на нивната политичка кариера.

Според базата што ја изработивме, од 1998 година, на позиција премиер, вицепремиер или министер на функција биле вкупно 186 лица.

Но, како многу потешка се покажа задачата да се пресмета колку точно премиери, вицепремиери и министри биле кривично пријавени за злоупотреби поврзани со нивната работа. Причината е што ги има многу, а не може да се добие преглед од институциите.

„Копајќи“ низ интернет-архивата на медиумите успеавме да изброиме кривични пријави против најмалку 89 поранешни или актуелни премиери, вицепремиери и министри. Или, статистички, речиси половина од оваа група некогаш биле кривично пријавени барем еднаш, за злоупотреби поврзани со актуелна или со поранешна функција.

Речиси половина од функционерите што добиле кривична пријави, 44 биле пријавени од државен орган, како МВР, Антикорупциска комисија, Управата за финансиска полиција или, пак, постапката била иницирана по сопствена иницијатива на обвинителството.

Останатите 45 функционери, кои имаат барем една кривична пријава на контото, ја „заработиле“ од трети лица, пред сè, од политички противници, но и од засегнати фирми, поединци или групи граѓани.

Кривични има – епилогот најчесто непознат

И додека во архивите на медиумите можат да се најдат траги за поднесените кривични пријави против највисоките функционери, тоа не важи и за исходот од тие пријави. Ретки се примерите кога јавноста дознала дека одредена кривична пријава е отфрлена, особено кога подносителот не е државна институција.

Затоа, пративме „тест“ прашалник до обвинителството за судбината на 10 кривични пријави од државни институции, во кои се опфатени вкупно 13 функционери.

Добивме одговор само за четири случаи – против струшкиот градоначник и екс министер без ресор, Рамиз Мерко, против екс министерот за животна средина и директор на Агенцијата за управување со одземен имот, Башким Амети, против екс министрите за образование Никола Тодоров и Панче Кралев и против екс министерот за земјоделство, Ацо Спасеновски.

За сите случаи пред 2012 година, против екс министрите Агрон Буџаку, Благоја Стефановски, Стевчо Јакимовски, Бедредин Ибраими, Џемали Мехази, Љубчо Георгиевски, Борис Стојменов и Марјан Ѓорчев, обвинителството не можеше да ни одговори бидејќи ги немаат во електронска евиденција.

Од 89 пријавени функционери, само 17 седнале на обвинителна клупа

Ако не може институционално да се провери судбината на сите кривични пријави против 89 високи функционери што биле пријавени барем еднаш, „јавна трага“ може да се најде за случаите во кои обвинителството отворило истрага, поднело обвинение или, пак, почнало судски процес. Тоа и не се случува често, па медиумите не ги пропуштаат овие случаи.

Или попрецизно, од 89 пријавени функционери, јавна трага дека обвинителствата отвориле предистражна или истражна постапка најдовме во 41 случај. До обвинение, што е следна фаза ако истрагата ги потврди основите на сомнение за сторено кривично дело, стигнале 20 функционери. На обвинителна клупа барем еднаш седнале вкупно 17 функционери.

Или, со јазикот на статистиката, само 19,1 отсто од функционерите што некогаш биле кривично пријавени, биле и судени.  

Обвинителството како алатка за пресметка со противниците

Освен нискиот број на пријавени функционери што завршиле на суд – 17, а имајќи предвид дека 44 функционери биле пријавени од државни институции, анализата на секој од овие случаи поединечно води до друг загрижувачки заклучок.

Од 20 функционери што барем еднаш биле обвинети, дури 17 го добиле обвинението кога или не ги извршувале највисоките функции во државата или, пак, во период на кариерата кога извршувале пониски функции, но не биле на страната на извршната власт во државата.

Трите случаи што отскокнуваат од ова правило се обвиненијата против екс министерот за одбрана, Љубен Пауновски, градоначалникот на Струга и краткотраен министер без ресор, Рамиз Мерко и реактивирањето на хашкиот случај „Мавровски работници“ против Хисен Џемаили во 2008 година. Но, и кај нив, приказната е „комплицирана“.

Пауновски беше осомничен во 2001 година, првично за набавка на храна за војската во конфликтот од фирми на неговиот дедо и баџанак во вредност од 11 милиони марки. Веднаш потоа тој се закани дека јавно ќе прозбори за матните партиски зделки, меѓу кои и продажбата на „Окта“. Следи состанок со премиерот и негов партиски шеф, Љубчо Георгиевски. Откако јавно се покајува, „чудно“ се намалува и сумата за која се товари Пауновски. Во обвинението, проневерата тежи речиси четирипати помалку, односно три милиони марки.

Вториот случај е краткотрајниот министер без ресор во 2017 година, Рамиз Мерко. Тој доби кривична пријава од МВР во 2012 година бидејќи дозволил изградба на дивоградба. Обвинителството му поднесува обвинение во 2013 година. Тоа е истата година кога се одржаа локални избори.

Мерко беше градоначалник на Струга од 2009 до 2013 година, но токму за тие избори не ја доби поддршката од матичната партија, ДУИ. Медиумите со недели шпекулираа дека Мерко нема да добие поддршка за втор мандат, но и дека тој се заканувал со повици за бојкот, ако не биде кандидат.

На крај, Мерко мирно ја прими одлуката, не тој, туку Арбен Лабеништа да биде кандидат на партијата за градоначалник на тој град. Обвинението против Мерко на крај е повлечено во 2016 година. Бидејќи било оценето дека не станува збор за кривични дела, Основниот суд во Струга донесе ослободителна пресуда. 

Обвинението против Хисен Џемаили беше активирано буквално во исто време додека траеја преговорите за формирање влада меѓу ВМРО-ДПМНЕ и партијата на тогашниот пратеник, ДУИ. Тој, неколку месеци беше во бегство и не се појавуваше ниту во судница, ниту во Собранието.

Скандалозно беше доживеана одлуката на судот да му го укине притворот иако Џемаили практично беше во бегство, по што судскиот случај се заборави, а во 2011 година, со автентичното толкување на Законот за амнестија, Хисен Џемаили стана слободен човек.

Ако си обвинет функционер, шансите да лежиш затвор се 12,5 отсто

Од дваесеттемина што требало, во судските клупи седнале вкупно 17 функционери. За два случаи, против Стевчо Јакимовски и Спиро Ристовски, обвиненијата се доставени до судот, но рочиштата сè уште не се почнати. Третото обвинение што не доведе до судење е за „Големото уво“ против Доста Димовска. Тогашниот претседател Борис Трајковски ја аболираше во моментот кога обвинителството го достави обвинението за незаконско прислушување од страна на МВР до судот.

Од останатите 17 функционери што седнале на обвинителна клупа, осум се ослободени, дали преку судска постапка или преку аболиција. Против четворица функционери, судењата се во тек, еден е осуден само во прв степен и чека одлука на повисок суд, а петмина биле и правосилно осудени на казна затвор. Но, и покрај тоа, до овој момент, само двајца и ја одлежале казната. Тоа се Љубен Пауновски и Љубе Бошкоски.

Како премиерите се измолкнуваат од затвор

За „толеранцијата“ на целокупниот правосуден систем кон политички моќните фигури, најдобра илустрација се судските процеси што се водеа против Никола Груевски и Зоран Заев.  

Зоран Заев, кога стапи на функцијата премиер, зад себе веќе имаше една аболиција и едно повлечено обвинение. Претседателот Бранко Црвенковски, во 2008 година го ослободи од одговорност за случајот „Глобал“, каде што тој беше осомничен за злоупотреба на службената положба при изградбата на трговски центар и пазар со јавно-приватно партнерство.

На почетокот на 2017 година, односно неколку месеци пред да стане премиер, СЈО го повлече обвинението за предметот „Пуч“, случај кој тимот на Катица Јанева го презеде во декември 2015 година. Предметот беше покренат во мај 2015 година, од страна на редовното обвинителство, за начинот на кој биле обезбедени незаконски прислушуваните разговори, т.н. „бомби“.

Но, кога Собранието му ја даде довербата на Заев, тој имаше и активен судски предмет под кодното име „Поткуп“. По пријава од МВР и со обезбедени снимки со посебни истражни мерки од 2013 година, обвинителството дури во 2015 година се одлучи да го обвини за делото „примање поткуп“.

Во тајните снимки, чии делови протекоа јавно, тогашната власт гледаше како Заев бара 160.000 евра поткуп од струмички бизнисмен. Заев, за цело време тврдеше дека со кратењето на јавно објавените снимки  е изменет контекстот на разговорот. Друг факт што одеше во негов прилог е што парите од наводниот рекет никогаш не биле исплатени. 

Но, индикативно е дека обвинителството заклучи дека нема докази за примен поткуп дури откако Заев стана премиер. Буквално на крајот на судскиот процес го смени делото за кое го товари премиерот од „примање поткуп“ во „барање поткуп“.

Овој чекор, на судијата не му остави ништо друго, освен да го ослободи Заев. Бидејќи делото „барање поткуп“ е полесно дело за кое не се дозволени докази обезбедени со посебни истражни мерки, снимките на кои Заев наводно бара поткуп беа отстранети од предметот.

Со тоа, обвинителството остана без докази дека имало и „барање поткуп“.  

Никола Груевски беше обвинет во вкупно шест предмети кои СЈО ги достави до судот на 30 јуни 2017 година. На 23 мај 2018 година ја доби првата првостепена пресуда. За случајот „Тенк“ доби две години затвор. И покрај тоа, Специјалното јавно обвинителство не бара притвор до правосилност на пресудата.

Единствените екс министри што завршиле зад решетки за кривично дело сторено пред, потоа или додека биле министри засега се Љубен Пауновски и Љубе Бошкоски.

Груевски поднесе жалба на одлуката и на 6 октомври 2018 година, Апелациониот суд ја потврди првостепената пресуда. Но, ќе поминат уште неколку недели пред Груевски конечно да добие упатен акт  да се јави на издржување казна затвор во петок на 9 ноември 2018 година.

Иако целата јавност будно го следеше тој 9-ти, Груевски не се појави во затворот Шуто Оризари. Бидејќи следните два дена беа викенд, судот издава наредба да се бара екс премиерот дури во понеделникот, на 12 ноември. Во тој момент, Груевски е веќе пребеган во Унгарија, каде што набргу потоа добива и азил.

Никој во судот не одговараше зошто се чекало три дена за да се нареди потрага по осудено лице што не се јавило во затвор согласно упатен акт. Немаше одговорност ниту во МВР што не знаеле каде е највисоко профилниот осуденик во историјата на земјата.

Никој не понесе одговорност ниту во СЈО што не побараа притвор по првостепената пресуда за Груевски, како што на пример бараат во други случаи.  

Наместо пресуди, рочиштата почнуваат од почеток

Најдобрата шанса на земјата да го подобри својот просек, кога се во прашање пресудите и случаите против високи функционери, беа предметите на СЈО. Но, од вкупно 26 предмети кои тимот на Катица Јанева ги застапуваше пред судовите, пред да ги преземе редовното обвинителство во 2019 година, само за пет има правосилна пресуда.

Казна затвор издржуваат само две лица, помошник-министерот во МВР, Ѓоко Поповски и бизнисменот Сеат Кочан.

Според истражувањето на коалицијата „Сите за правично судење“, во исто време, дури 13 предмети на СЈО почнале од почеток. Во најголем дел, поради тоа што не е задоволен условот во рок од 90 дена (или 60 дена според стариот Закон за кривичната постапка) да се одржи барем едно рочиште или поради смени во судечките совети.

Како последица, екс премиерот Никола Груевски беше ослободен од одговорност во еден од предметите – „Траекторија“, затоа што настапи апсолутна застареност на делото. 

Случајот што најмногу пати почнува од почеток, трипати, се води под кодното име „Тендери“. Интересно е што „среќниот“ функционер во овој случај е истиот што ја имаше „среќата“ да биде во оние осум од 100 кривични пријави, кои јавното обвинителство ги отфрла од Управата за финансиска полиција.

Станува збор за екс министерката за култура, а сега пратеничка Елизабета Канческа-Милевска. Не може, а да не се забележи дека додека судот и обвинителството не беа активни против неа, таа беше многу активна на политичката сцена.

Ја напушти својата матична партија и формираше посебна пратеничка група со уште неколку пратеници. Можеби го даде клучниот глас „ЗА“ за промена на Уставот, без што немаше да може да се спроведе договорот од Преспа со Грција, а со тоа и земјата да го продолжи својот пат кон ЕУ и НАТО.

Политички имунитет или политички прогон

Бројките, но и историјата на случаите против „големите ѕверки“ несомнено упатуваат на барем два заклучока. Прво, дека највисоките функционери се практично недопирливи додека се на власт или додека „нивната“ партија е во извршната власт. Речиси без исклучок, обвиненијата се резервирани за тие што се „поранешни“, па и тогаш предметите одат бавно.

Сега покојниот поранешен републички јавен обвинител Александар Прчевски, во интервју за Утрински весник на 20.8.2003 година, јавно ја призна „слабоста“ кон функционерите, но прстот го впери, пред сè, во судството:

„Очигледно дека постојат одредени субјективни слабости или притисоци врз судии на судови во одредени подрачја… Според наше согледување, има поединци во судството кои од незнаење или намерно ја одолжуваат постапката, па поради тоа, за конкретни предмети сè уште немаме судски одлуки.“

Вториот несомнен заклучок е што сите обвинети високи функционери тврдат дека случаите против нив се „политички мотивирани“ или „монтирани“. Бучковски го обвинуваше екс министерот за правда, Михајло Маневски, Заев го обвинуваше Груевски, Груевски го обвинуваше Заев и така по ред.