Ако годината што изминува се погледне низ призма на истражувањата, анализите и темите што ги отвори БИРН, заедничкиот именител на речиси сите стории е ист – системот не функционира. Во некои случаи, неговата нефункционалност доведе до трагедии со човечки жртви, во други создаде неправди, нееднаквост, селективна примена на законите и дополнително го отежна секојдневниот живот на граѓаните.
Системските пропусти чинат животи
„Ќе има големо ресетирање на системот“, најави премиерот Христијан Мицкоски, ден по пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, во кој загинаа 63 млади луѓе.
Во март, сите беа во шок како е можно со години да работи објект налик на штала, без основни безбедносни стандарди, додека фотографиите од опожарениот објект го обиколуваа светот.
БИРН, анализирајќи ги официјалните податоци, откри дека во Македонија само мал број ноќни клубови и кабареа имаат важечки лиценци за работа, додека мнозинството функционираат без законски одобренија, што откри сериозни дупки во системот на лиценцирање и контрола на угостителските објекти.
А кога биле утврдени неправилности, казните биле минимални – од мали парични до условни затворски.

Дискотеката Пулс со години собирала млади луѓе | Фото: БИРН
БИРН пишуваше дека и најавените вонредни инспекции често беа повеќе дневен ПР отколку ефективна контрола, а девет месеци по трагедијата, судскиот процес продолжува и се очекува да трае долго.
И во друг случај, системот се покажа нефункционален за заштита на човечки животи. Младата Росица Коцева и нејзиниот татко беа свирепо убиени од нејзиниот поранешен партнер.
БИРН, во разговор со луѓе од опкружувањето на убиецот Илија Стефановски, откри дека тој бил сериски насилник, кој, за разлика од стереотипот за ваквите злосторници, бил навидум интегриран во скопскиот урбан живот. Претходно бил пријавен во полиција од најмалку четири поранешни партнерки. Овој трагичен случај повторно покажа дека без брза и решителна системска заштита, дури и навременото пријавување на ризично однесување нема ефект.
Верските заедници – „систем вон систем“
Покрај човечки трагедии, нефункционалноста на системот се рефлектира и во начинот на кој државата ги третира најголемите верски заедници Македонската православна црква – Охридска архиепископија (МПЦ-ОА) и Исламската верска заедница (ИВЗ).
БИРН, по повеќе години работа, ја објави базата „Верски имоти под лупа“, која овозможува јавен увид во имотот на МПЦ-ОА и ИВЗ.

Базата откри дека МПЦ-ОА поседува над 14.000 имоти, а ИВЗ повеќе од 5.300, вклучувајќи станбени, деловни и комерцијални објекти со значително економско влијание.
И покрај законската обврска за поднесување годишни финансиски извештаи, МПЦ-ОА поднела само една во последните три децении, а ИВЗ ниту една. БИРН пишуваше дека институциите, вклучително Управата за јавни приходи и Централниот регистар, толерираат ваков „систем вон систем“, оставајќи простор за непрегледност и недостиг од финансиска транспарентност.
Нерегулиран криптосвет
И додека во Македонија не се спроведуваат ниту законите стари децении, на пазарот сè помасовно навлегуваат новите начини на плаќање, како криптосредствата.
Овој нов инвестициски бран, „системот“ се обидел да го пресретне. Од пред четири години е донесен нов Закон за спречување перење пари, кој забранува промена на повеќе од 500 евра во кеш за криптовалути, а, исто така, предвидува секоја трансакција повисока од 1.000 евра да биде проследена до Управата за финансиско разузнавање, за да се следи кој сѐ е дел од криптосветот.

Во крипто менувачници може да се купи виртуелната валута без лична идентификација | Фото:БИРН
Но, примената затајува. БИРН пишуваше дека крипто-трансакциите и тргувањето со виртуелни средства често се случуваат без надзор и контрола на институциите и со анонимни кеш-трансакции, што остава простор за затајување даноци, измами и перење пари од криминални активности.
Во меѓувреме, додека граѓаните сè повеќе се цел на различни измамници на интернет, кои усовршуваат различни начини како да дојдат до парите или податоците на граѓаните, државата нема капацитет да се справи со овие предизвици.
Урбанизам и локални контроли
На пет месеци пред крајот на мандатот, поранешната градоначалничка Данела Арсовска, почна кампања со која се обиде да ја алармира јавноста за енормниот број дивоградби во Чаир.
Истражувањето на БИРН покажува дека и онаму каде што навидум системот функционира, во другите скопски општини, дивоградбите се распространет проблем.
Локалните власти најчесто немаат податоци или, пак, уриваат само ситни објекти, и тоа селективно и под медиумски притисок, додека поголемите станбени и деловни згради речиси не се санкционираат.
И додека скопските општини се обвинувани и дека самите урбанистички планови ги кројат според интересите на градежните инвеститори, а не според потребите за квалитетно и хумано живеење, во Тетово оваа практика оди чекор понатаму – инвеститорите, со поддршка на општинските власти, ги менуваат ДУП-овите во текот на самата градба.

Во Тетово прво се гради потоа се менува ДУП | Фото: БИРН
Истражувањето на БИРН откри најмалку седум случаи во кои биле издадени дозволи за пониски објекти, а на терен се граделе повисоки, паралелно со постапки за измена на плановите според бизнис-интересите.
За некои стари куќи, кои се и државно културно наследство, системот е едноставно кажано збунет. Таков е случајот со куќата на Петруш Вангелов во Охрид, сега сопственост на бизнисменот Минчо Јорданов, која со години се распаѓа, а институциите исто толку време си го префрлаат случајот, заглавени се во процедури.
Случајот Бојан Христовски
Системот, пак, не отиде до крај за да ги испита сите околности под кои актуелниот директор на Агенцијата за национална безбедност Бојан Христовски се стекнал со сертификат за познавање на англискиот јазик.
Тоа можеа да го испитаат Државната изборна комисија и Јавното обвинителство, но првата институција се прогласи за ненадлежна, а втората го затвори случајот без да направи темелна проверка за наводите за фалсификат.
Сега Христовски ја заврши првата година од својот мандат како директор на агенцијата, која треба темелно да биде запознаена со сите можни ризици за државната безбедност.
Не беше препознаен ниту можен судир на интереси кога поранешен бизнис-партнер на сопруг на државна секретарка доби тендер во Министерството за дигитална трансформација.
Кравји терор и институционален ќор-сокак

Локалните жители велат дека кравите со години им ги уништуваат насадите | Фото: БИРН
Годинава се покажа и неспособноста на државата да се справи со долготрајни проблеми што директно ја загрозуваат безбедноста на граѓаните.
Во Паланечко, стадо од околу 600 подивени крави шета низ подрачје со големина колку Скопје и им нанесува штета на локалните жители, на кои им ги уништува насадите од кои живеат.
По години преписки меѓу локалната и централната власт и по смената на законот во 2023 година, кравите сега се државни, но само на хартија.
Новиот сопственик, Агенцијата за храна и ветеринарство не може да ги собере поради мрежата што ја создале претходните сопственици, кои им ги пробиваат тајните акции и успеваат да го растераат добитокот по непристапниот планински терен.
Локални избори и системски проблеми
И оваа година, како и таа пред неа беше изборна. Но, за разлика од минатата, кога власта се менуваше на централно ниво, на овие локални избори не дојде до големи промени.
Очекувано, победи ВМРО-ДПМНЕ, но Орце Ѓорѓиевски стана градоначалник на Скопје со најмала поддршка во последните две декади.
А скопјани ја следеа кампањата обележана со зборот „ѓубре“, кој стана симбол на несредените јавни простори и за системските проблеми со собирањето на отпадот.

Градоначалниците заедно со своите тимови излегоа да го чистат Скопје | Фото: ФБ на Горан Герасимовски
По изборите, во помпезна акција, новоизбраните градоначалници, заедно со Ѓорѓиевски, се фатија за работа во обид да го исполнат ветувањето – чист град за 72 часа.
Некои од нив ги извадија и кантите и контејнерите што со месеци им стоеле во депоата, иако Министерството за животна средина им ги дало за да ги користат за рециклирање.
БИРН пишуваше дека системот за рециклирање во државава не функционира, па скопските градоначалници имаат оправдување за тоа што не ја употребуваат оваа опрема вредна милион и пол евра – тврдат дека од Комунална хигиена не соработувале со нив.
Целата акција за чистење, пак, беше и маркетиншки покриена. На социјалните мрежи се споделуваа фотографии и снимки, дури и од дрон од наредената механизација и луѓе што тргнуваат во битка со ѓубрето.

Акцијата за чистење беше снимена и од дрон | Фото: ФБ на Орце Ѓорѓиевски
Но, беше заборавен еден детаљ. БИРН пишуваше дека дронот што ги снимаше панорамските кадри не бил пријавен за лет во Агенцијата за цивилно воздухопловство, иако правилата налагаат секое летало што лета на македонското небо, претходно да биде регистрирано заедно со неговиот оператор, а летот претходно да биде најавен во системот.
И додека се собираше ѓубрето по улиците, можеби дека беше есен, во јавниот дискурс не се ни споменуваше она што ги чека граѓаните во зима – загадениот воздух.
БИРН пишуваше дека за ова прашање, системот потфрла затоа што, иако постои долгогодишно планирање и формални стратегии за справување со аерозагадувањето, тие никогаш не се спроведуваат со реални пари, конкретни мерки и ефективни акции, туку со ад-хок решенија што не ги намалуваат вистинските извори на загадување. Како, на пример, купувањето прочистувачи на воздух, кој никој не знае каде се.
Собрани заедно, овие приказни не се изолирани инциденти, туку делови од ист мозаик – системот во кој законите постојат, но не се применуваат, контролите се селективни, а одговорноста ретко стигнува на вистинските адреси.

