Анализи

Градежни тендери под прашање по одземањето на лиценците

Општините и другите институции пред правен предизвик по чешлањето на градежните лиценци

Неизвесна е судбината на дел од градежните проекти на општините и на другите државни институции по акцијата за одземање стотици лиценци, која Министерството за транспорт брзопотезно ја спроведе по трагедијата во кочанската дискотека „Пулс“.

Овој заклучок се наметнува откако невладината Центар за граѓански комуникации (ЦКГ), анализирајќи го објавениот список на фирми, откри дека 23 компании се на пат да ја изгубат лиценцата што била еден од условите да го добијат тендерот.

Десетина дена по кочанската трагедија, во и по која животот го загубија 61 лице, Министерството за транспорт излезе со информација дека ќе се одземаат лиценци за градежно работење и за урбанистичко планирање на 479 фирми, меѓутоа ЦКГ прецизира дека, всушност, станува збор за 426 компании, бидејќи на списокот има фирми што се повторуваат, а други на кои им се одземаат по неколку дозволи.

Истражувањето покажа дека на фирмите ќе им се одземаат 11 различни видови лиценци.

Дваесет и трите компании со спорна дозвола за работа имаат вкупно 58 договори за јавна набавка, чија вкупна вредност изнесува 14 милиони евра, пишува во извештајот на ЦКГ, кој беше објавен денеска.

Немa конкретни насоки

Фото/извор : Центар за граѓански комуникации

На директното прашање што ќе се случи со градежните проекти засегнати од одземањето лиценци, Министерството за транспорт нè упати на дел од Законот за градење, каде што се опишува процедурата за одземање лиценци, која трае најмалку 30 дена.

Тоа што лиценците сè уште не се правосилно одземени и фактот дека Министерството го потенцира овој податок отвора можност дел од проектите непречено да продолжат, што е на линија на неофицијалните информации до кои дојде БИРН, според кои, ќе се прогледува низ прсти за проектите што се во поодмината фаза.

„Донесените решенија (н.з. за одземање лиценци) сè уште не се правосилни, имајќи предвид дека против нив може да се поднесе тужба пред Управниот суд во рок од 30 дена од денот на нивниот прием“, се вели во одговорот на Министерството.

Официјално, Министерството нема насока за засегнатите градежни зафати и прашањето за нивната судбина го пренасочи кон институциите што склучиле тендер со некоја од овие 23 градежни компании.

Кусото истражување на БИРН на неколку тендери покажа дека секој случај е специфичен и дека секоја институција поинаку се справува со проблемот.

На пример, Mинистерството за здравство, во март склучило договор со скопска градежна фирма за реконструкција на Клиниката за анестезија, реанимација и интензивно лекување (КАРИЛ). На оваа компанија ѝ се заканува одземање на А-лиценцата за градење.

Министерот за здравство, Арбен Таравари, за БИРН, вели дека е запознаен со проблемот.

„Очекувам правни совети од експерти, за да постапиме“, вели тој.

Истата градежна компанија, од август има договор со НУ Турски театар и веќе ги поставува инсталациите во новиот објект на оваа установа, во близина на железничката станица во Скопје. Меѓутоа, од оваа институција не добивме официјален одговор што е нивниот план.

Сличен проблем има градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков, со тендерот за градежни работи во едно од охридските основни училишта. Тој чека инструкции од владата, а една од опциите е јавната набавка да ја даде на второрангираната фирма.

„Проектот уште не е почнат“, објаснува тој зашто ова решение е во игра.

Законот за јавни набавки не ја опфаќа конкретнава ситуација, раскинување договор по одземање лиценца, но ако одредена градежна фирма ја изгуби градежната лиценца, тоа претставува губење способност за реализација на договорот. Тоа би можело да претставува основа за раскинување на договорот.

Третина од фирмите неактивни или со блокирани сметки

Фото/извор : Центар за граѓански комуникации

Инаку, од 426-те фирми, на кои лиценците им се под сомнеж, 49 имаат актуелни договори за јавни набавки, се вели во истражувањето на Центарот за граѓански комуникации (ЦКГ). Меѓутоа, за повеќе од половината, лиценцата што се одзема не била услов да учествуваат и да го добијат тендерот, како што е во случајот со оние 23 што досега ги анализиравме.

Истражувањето на ЦКГ открива дека речиси третина од фирмите, чии лиценци се во процедура на одземање, имаат блокирана сметка или се неактивни.

Од 426-те фирми, приход во последната година за која има објавено податоци, односно 2023 година, оствариле 85 проценти од фирмите, односно 363.

Нивниот годишен приход, во 2023 година изнесувал вкупно 128 милиони евра.

Сепак, најголем дел од овие фирми остваруваат ниски годишни приходи. Речиси третина од фирмите имаат годишен приход помал од 15.000 евра, додека приходи поголеми од милион евра имаат само 33 фирми, односно 8 отсто.

Само три проценти од фирмите имаат по повеќе од 10 вработени.

Во однос на вработените, во сите 426 фирми, чии лиценци се во процедура за одземање, работат 2.188 луѓе. Четири проценти од овие компании немаат вработен, а три имаат само еден. Со повеќе од 10 вработени се само три отсто од фирмите.