Цели 12 години им требало на македонските надлежни институции да утврдат дека скопјанец има долг од 300 евра. Од 1993 година па досега, долгот од 300 евра пораснал за 10 пати, па сега педесетгодишен скопјанец на нотарот, адвокатот и на извршителот треба да им плати вкупно 3.000 евра.
За сето ова време, тој не знаел дека долгот воопшто постои.
„Да знаев, секако дека ќе платев“, вели тој, додека го водиме разговорот и ги покажува документите со кои извршителот му го наплатува долгот. Станува збор за решение за извршување. Стои дека на банката, по основа на стар долг за чековите кои веќе не се во употреба, сега мора да плати дури 3.000 евра.
Тој е видно вознемирен кога ни раскажува за старо-новиот долг кој му дошол како гром од ведро небо. Да се најдат 300 евра е можно, но 3.000 евра се премногу за човек кој работи како референт.
„Платата ми е 300 евра, колку првичниот долг… Треба 10 месеци да не јадам ништо и да не се грижам финансиски за семејството, за да можам да го отплатам ова“, вознемирено вели нашиот соговорник.
Судбината на овој скопјанец не е ниту единствена, ниту пак, е реткост во Македонија.
„Илјадници се, не се познаваат меѓу себе, а сите имаат ист изговор кога ќе влезат овде – ‘не знаев дека имам таков долг’“, сведочи извршителот Гордан Станковиќ.
На неговата врата секојдневно тропаат многу граѓани. Бараат објаснување, информација, молат – да не им се извршува решението за наплата. Тој, пак, посетува можеби и двојно повеќе семејства за да им наплатува долгови.
„Половината од клиентите не знаат дека должеле, две третини се непријатно изненадени од висината на сумата, а малкумина ги знаат сите податоци за настанататa обврска“, ни вели извршителот.
Еден од случаите што се наоѓаат кај извршителот е и долг од 6.000 денари кој семејство од Скопје требало да му ги плати на Здружението за заштита на авторски музички права (ЗАМП) за направената свадба во 2011 година. Сега, долгот стигнал до 24.000 денари – мал дел се камати, останатото е награда за нотарот, адвокатот на ЗАМП, судските трошоци за рочиштата кои биле закажувани.
И ова семејство, како и илјадници други, се своевидни жртви на процедурите за наплата во Македонија, кои поради тоа што се оптоварени со низа недоследности, завршуваат на штета на граѓаните и удираат силно по нивните џебови.
Наместо во судот, долговите кај нотарите
Проблемот за кој освен граѓаните, сведочат и адвокатите, нотарите и извршителите е огромен. Упатените во оваа проблематика велат дека, всушност, станува збор за шема која има проблеми на повеќе нивоа – граѓаните добиваат сметки за наплата на долгови кои датираат од деведесеттите, а доверителот е секогаш во право, затоа што долгот навистина постои. Од ова граѓаните нема кој да ги заштити.
Една од најважните причини зошто сега се случува кон граѓаните да се упатуваат обврски за уплати за заостанати сметки, по повеќе од десет години, е тоа што од пред три години надлежноста за наплата на долговите премина од судовите кон нотарите. Станува збор за илјадници предмети кои дотогаш стоеле во судовите. Најмногу се тужени за комунални сметки, повеќето за струја.
„Тогаш настана еден правен вакуум, во кој период имаше законска непокриеност, ниту судовите можеа да постапуваат ниту пак, нотарите можеа да ја преземат својата надлежност за донесување решенија врз основа на веродостојна исправа. Во тој период многу граѓани не знаеле дека за нив има поднесени нови предлози за присилна наплата на комуналии или други слични обврски. Значи, и да сакале да си ја исполнат обврската, не биле известени, а од друга страна што е многу позначајно , граѓаните биле ставани во неповолна позиција да им тече камата без нивна вина, без да знаат“,вели адвокатот Николчо Лазаров.
Самиот знае за многу судбини. Истите кои нам ни ги раскажаа нашите соговорници. Граѓаните поминуваат низ голгота да ја докажат нивната страна од овој лавиринт, но тоа секогаш завршува неуспешно.
„Од банален долг за ненаплатена сметка за комунални услуги, наеднаш, сега по многу години поминати од добиената услуга добиват огромни сметки. Тогаш настанува вистинска голгота за граѓанинот кој се нашол во таква ситуација. Тргнувајќи од тоа кому треба да плати, колку треба да плати, зошто толку треба да плати, па до безброј други препреки на кои ќе наиде во таа постапка“, вели Лазаров.
Решенија за долг стари десет години
Од Нотарската комора на Македонија не кријат дека станува збор за голем проблем. Тие сведочат за случаи на ненаплатени долгови настанати дури во деведесеттите години. Станува збор за стари предмети за кои судот донел решение за наплата кое не им го доставил навремено на должниците, па сега им ги доставува до нотарите како повереници на судот да ја извршат доставата.
„Должникот, иако не е виновен што решението за наплата му е доставено по десет години откако е издадено, ќе треба да го плати главниот долг со камата која може да го надмине главниот долг“, вели Зорица Пулејкова, претседателка на Нотарската комора на Македонија.
Пулејкова вели дека како нотари постапуваат и по нови предмети, односно такви кои фирмите доверители ги поднесуваат директно до нотарите и по кои постапката се одвива во кратки рокови, од еден до три месеци.
Во 2012 година нотарите примиле дури 36.971 застарен предмет од судовите, во 2013 година се примени 3.853 доверени предмети, а во 2014 година се примени 788 доверени предмети
Според неа, вакви предмети нотарите добиваат од јуни 2011 година, при што во 2012 година се добиени 243.254 предмети, во 2013 година 244.745 предмети и во 2014 година добиле 205.259 предмети.
„Намалувањето на бројот на предметите се должи на зголемената финансиска дисциплина кај должниците и се очекува од година в година да има сè помалку предмети за наплата на побарувања. Со оглед на ефикасното постапување по овие предмети граѓаните не се изложени на дополнителен трошок по основa на камата на главниот долг. Само околу 4 проценти од должниците поднесуваат приговор против решението и тие предмети одат во суд како парнични предмети“, вели таа.
Малку предмети се застарени
Според последните податоци, значајно се намалуваат и бројот на предмети по кои постапуваат извршителите. Тие се, всушност, последната алка во синџирот, но ним им се припишува најголемиот грев.
Граѓаните да ги примаат известувањата
„Не избегнувајте да го примите решението“ е првиот совет на адвокатите кон граѓаните на кои им стасуваат поштенски известувања.
„Граѓаните најчесто сметаат дека ако не го примат решението ќе успеат да избегнат да се води постапката. Но, честопати во практиката се случува определен долг да дојде во фаза на присилна наплата, а граѓаните не знаеле, всушност, заборавиле дека не сакале да ги примат предлогот и решението“, вели адвокатот Лазаров.
Тој објаснува дека со законските измени направен е систем на достава, па доколку не го примите или не отидете до доставувачот за да подигнете пратка, решението се објавува на огласна табла на судот и по 8 дена се смета дека е извршена уредна достава и решението се дава на извршител за присилна наплата.
„Затоа, граѓаните секогаш при потпишувањето на приемот на пратката, треба со своја рака да го напишат денот и месецот на прием со потпис“, советува Лазаров.
Извршител на врата е страв за секој должник во банка, а од нив практично им се стемнува секојдневно на илјадници граѓани. Тие ги блокираат сметките поради неплатена радиодифузна такса, но и поради сметки за кои граѓаните не биле свесни.
„Ним, освен што мора да им се раздолжите, мора и да ги наградите – за трудот“, велат наши соговорници кои имале лошо искуство.
„Зошто постапката трае долго и зошто трошокот се зголемува, па за долг од сто денари треба да наплатиме и десет пати повеќе е, всушност, повеќе од јасно. Една причина е уредноста во поштенската достава. Прописот е доста мек, висок е прагот на толеранција, па имаме уредна достава и тогаш кога не е. На пример, во даночна постапка доставата е уредна со самото носење во пошта. Затоа имаме ситуација кога на граѓаните им извршуваме решенија за наплата за кои, всушност, тие и не знаеле“, вели Станковиќ и додава дека друг проблем е менувањето на имињата на улиците.
„На едночудо улици им ги сменија имињата, бројките, никој не може да се снајде. А граѓаните од друга страна во личните документи не ги менуваат адресите кога се селат, па во време додека трае потрагата по нив, долгот расте.“
Од Народниот правобранител каде што секојдневно стасуваат вакви поплаки велат дека од година в година бројот на луѓето кои упатуваат жалби за нарушени права постојано се зголемува.
Знаат дека проблемот е во префрлувањето на надлежноста за наплата од судовите кон нотарите, но, сепак, не можат многу да им помогнат на граѓаните, освен да ги упатат да реагираат ако станува збор за застарени предмети. Такви се, сепак, многу малку, бидејќи доверителите, односно банките, комуналните претпријатија и телекомуникациските фирми ревносно внимаваат да тужат навреме.
Рокот за застареност за наплата на комунална услуга е една година од денот кога е дадена услугата за тековниот месец односно за три (3) години за правните лица, а општиот рок за застареноста за наплата е десет (10) години од денот на настанување на обврските. Но мора да се знае дека со поднесувањето на предлог за присилна наплата до надлежниот орган дали тоа било суд, нотар или извршител се прекинува рокот за застареност
„Ние како институција генерално предлагаме, да се реши проблемот некако со самиот доверител. Во претходниот систем можеше да се постигне договор барем да престане да тече каматата. На пример, за долг од 2.000 денари да се наплатат уште 2.000 и да се стави точка. Но, сега не оди така“, вели Зоран Билбиловски, заменик народен правобранител.
Според него, сега не постојат унифицирани стандарди.
„Баравме информација од ЕВН, на пример, дали имаат правило по кое склучуваат спогодби, но немаат. На некои клиенти им давале да се раздолжат на 96 рати, на други на три рати“, вели тој.
Граѓаните оставени без основни средства за живот
Билбиловски смета дека граѓаните се незаштитени и на удар од повеќе институции кои само сервисно им го наплатуваат долгот. Таков е случајот со банките, кои наплатуваат дури за самото извршување, но и за блокада и за деблокада на сметката од која го наплатуваат долгот. Од друга страна немаат селекција дали блокираат плата и пензија, па граѓаните се доведени во ситуација да немаат со што да живеат. Законски може да се земе само една третина од месечениот приход.
„Се правдаат дека немаат систем за проверка дали станува збор за плата или пензија или за социјална помош. Им ја земаат на граѓаните целата плата и ги оставаат без основни средства за живот. Баравме и од Народната банка и од државата тоа некако да се уреди, ама засега нема ништо“, вели Билбиловски.
Според Годишниот извештај за работата на извршителите, лани тие наплатиле 107 милиони евра, што е помалку од 2013 година кога вкупната наплатена сума била 127 милиони евра. За истиот период бројот на примени предмети пораснал и изнесува околу 160 илјади предмети.