Balkan Insight

Хуморот е жртвa на медиумскиот притисок во Турција

Згаснувањето на сатирата ја открива ерозијата на слободата на говор во Турција

Речиси 40 години, неделното сатирично списание „Леман“ редовно излегуваше во Турција. Но на 26 јуни беше објавена карикатура што ја прикажува Газа под оган, со две фигури именувани Мухамед и Муса (Мојсеј) – пророкот на исламот и пророкот во јудаизмот. Во една од сцените, двајцата ликови меѓусебно се претставуваат:

„Assalamu alaikum (Мирот нека биде со тебе)“, јас сум Мухамед.

„Wa alaikum assalam (И со тебе)“, јас сум Мојсеј.

Издавачите на списанието објаснија дека карикатурата се однесува на страдањата на палестинскиот народ. 

Сепак, голема група демонстранти тврдеа дека со неа е карикиран пророкот Мухамед, што е забрането во исламот, и упаднаа во редакцијата во Истанбул. Со извици „Сакаме шеријат“ (исламски закон), тие ги искршија прозорците и се обидоа да ја запалат зградата.

Еден член на редакцијата на „Леман“, кој побара да остане анонимен поради состојбата, изјави: 

„Ова беше погребот на списанието.“

Оттогаш проблемите само се множеа. Обвинителството отвори истрага. Пет вработени во списанието беа приведени, иако директно не се поврзани со карикатурата, под обвинение за јавно навредување на верските вредности со тоа што се прикажани ликовите на пророкот Мухамед и пророкот Мојсеј.

За време на апсењето, тие биле насилно легнати на земја, со рацете врзани зад грб. 

Карикатуристот Доган Пехлеван беше обвинет за поттикнување омраза и за непријателство или навреда на јавноста, како и за навреда на претседателот. Одговорниот уредник на списанието Зафер Акнар, графичкиот дизајнер Џебраил Окчу, менаџерот Али Јавуз, сопственикот и главен уредник Тунџај Акгун, како и одговорниот уредник Аслан Оздемир, исто така беа обвинети.

Петмина вработени беа уапсени; главниот уредник, меѓутоа, не беше, бидејќи се наоѓаше во странство. Во меѓувреме, за сите шестмина беа побарани затворски казни од четири и пол до седум и пол години.

Обвинителството нареди конфискација на последниот број на списанието што ја содржеше карикатурата по што „Леман“ престана да излегува. Пристапот до неговата веб-страница беше блокиран од 1 јули.

Дистрибутивната компанија, која има монопол во оваа област во Турција, еднострано го раскина договорот. И печатницата го откажа договорот. Списанието веќе немаше каде да се печати и како да се дистрибуира. Оттогаш не е објавено ниту едно ново издание.

Во меѓувреме, ноќта на протестите, психологот Асли Ајдемир јавно се соочи со луѓето што извикуваа пароли пред редакцијата на „Леман.“ Таа веднаш беше уапсена под обвинение за давање отпор при апсење. Пет месеци подоцна, таа сè уште е во притвор. 

Обвинението е поднесено, а судењето е закажано за февруари 2026 година.

Месеци подоцна, пристапот до веб-страницата на списанието, leman.com.tr, сè уште е блокиран. Неговиот инстаграм-профил беше затворен под друго образложение, единствено останува достапен профилот на Икс (поранешен Твитер), со околу 600.000 следбеници. 

Блокираната веб-страница на „Леман“

Но, карикатуристите, под закана од апсење и затвор, повеќе не цртаат и не објавуваат карикатури.

Главниот уредник на „Леман“, кој со месеци престојува во странство, не може да се врати дома. Неговото судење е закажано за мај 2026 година, но дури и ако случајот биде отфрлен, тој не верува дека списанието ќе може повторно да се појави.

Се чини дека е невозможно магазинот повторно да излегува. Дури и ако карикатуристите повторно почнат да цртаат, нема компанија што би го печатела и би го дистрибуирала магазинот. 

Списание, основано во 1985 година од неколку карикатуристи, по 40 години стана дел од минатото.

Најважната карактеристика на „Леман“, за разлика од другите списанија, беше тоа што припаѓаше исклучиво на вработените и не беше поддржано од голема компанија. Никогаш не прифаќаа реклами и нивниот принцип беше да опстојуваат исклучиво од продажба. 

Под тие принципи, „Леман“ се појави, опстана и постигна успех.

Во текот на повеќе од 40 години, „Леман“ се трансформираше и во културен клуб, беа отворени 18 кафулиња под истото име, кои служеа како културни центри за младите. Бројот подоцна се зголеми на 30. Сепак, поради пандемијата, бројот на кафулиња се намали, а по последните настани, поради страв и закани, тие се затвораат едно по едно и, исто така, ќе заминат во историјата.

Разговарав со еден од основачите на списанието, под услов да не му се спомне името. Тој се потсети дека „Леман“ се роди од списанието „Гиргир“, кое му претходеше и се продаваше во стотици илјади примероци, создавајќи редици пред киосците.

„Турција е посебна земја, кога станува збор за хуморот и карикатурата“, рече тој. 

„На пример, анегдотите за Насредин-оџа се единствени за Турција. Театарот со сенки Караѓоз и Хаџиват е, исто така, уникатен; и двата се опозициски и ја критикуваат власта. Насредин-оџа, тоа го прави преку анегдоти, а Караѓоз и Хаџиват преку зборови, преку две фигури зад завеса. Затоа карикатурните списанија беа толку успешни во Турција.“

Луѓето со кои разговарав денес се на суд. Тие се исплашени и добиваат закани. 

Дури и денес, на социјалната мрежа Икс, некои екстремисти тврдат дека вработените во „Леман“ не биле казнети доволно строго. Како пример се наведува масакрот во „Шарли Ебдо“, во Париз 2015 година, кога исламисти убија 12 вработени. Под закана се и нивните семејства. Тие сакаат случајот што побргу да заврши, за да можат да станат „невидливи“ во општеството, да избегаат од заканите и безбедно да се вратат на своите животи.

Уметноста, политичкиот хумор и карикатурата, по својата природа, секогаш вознемируваат одредени кругови. 

Во Турција, падот на демократијата и слободата на изразување во последната четвртина век го задушија просторот, во кој карикатурата некогаш цветаше. И бројот на списанија и бројот на читатели се намалија, а низа судски процеси ги исплашија карикатуристите.

Слобода во слободен пад под еднопартиското владеење

Под Ердоган назадува демократијата во Турција | Фото: Pexels

Турција, во последните 23 години, е под владеење на една политичка партија. 

Земјата економски назадува, демократијата опаѓа, медиумите и слободата на изразување се стеснуваат, а најважно од сè – владеењето на правото е ослабено.

Механизмот на контрола и рамнотежа, суштински за демократијата, е уништен, а законодавната, извршната и судската власт се врзани за еден центар на моќ. Во такви околности, медиумите тешко можат да останат независни, денес 95 отсто од медиумите се интегрирани со власта преку различни механизми.

Падот на демократијата донесе и ограничувања на дигиталните права и слободи. 

Затворањето на социјалните мрежи стана вообичаена практика во Турција. Јутјуб и Википедија беа блокирани по три години, а Твитер и Инстаграм – по неколку дена.

Законите овозможуваат затворање одредени веб-страници без судска наредба. Не постои официјална листа на сите забранети страници, бидејќи не се објавува. Сепак, според професорот Јаман Акдениз, од Турција во моментов е невозможно да се пристапи до 1,3 милиони веб-страници ширум светот. Меѓу нив има еротски, порнографски и сајтови за запознавање, страници што шират организациска пропаганда, пиратски филмски сајтови, обложувалници и платформи за трансфер на пари.

Познати новинари што не можат да најдат простор во традиционалните медиуми се обидуваат да ги искажат своите ставови преку јутјуб-канали. Најпознат меѓу нив е Фатих Алтајли, кој бргу достигна 1,6 милиони следбеници. Приближно во периодот кога беше затворен „Леман“, тој беше уапсен во јуни, под обвинение дека при говор му се заканувал на претседателот, и осуден е на 50 месеци затвор. 

Додека Алтајли беше в затвор, неговите јутјуб-емисии продолжија, тој испраќаше писма од затвор, кои потоа се читаа во видеата, во кои празно столче ја симболизираше неговата отсутност.

Протестниот поткаст со ставови од затворениот новинар Фатих Алтајли | Фото: YouTube

„Леман“ ја отслика оваа состојба со карикатура на насловната страница, на која двајца полицајци носат празно столче, а еден од нив ѝ вели: 

„Ве приведуваме поради закана кон претседателот.“

Алтајли, кого го посетив во затворот Силиври, изјави дека е казнет единствено зашто е опозициска фигура и дека обвиненијата се неосновани.

Пинар Туренч, претседателка на Турскиот совет за печат, која често ги посетува затворените новинари, во изјава рече: 

„Турција поминува низ мрачен период, ваков период никогаш досега не сме доживеале.“

Мердан Јандардаг, сопственик на телевизијата „Теле 1“, кој беше уапсен, а неговиот канал ставен под државна контрола, на посетителите од турското Здружение на новинарите им изјави: 

„Се обидуваат да го криминализираат новинарството и користењето на демократските права.“

Широко е прифатено мислењето дека она што му се случи на „Леман“, се користи за заплашување на општеството и за ограничување на слободата на изразување. 

Керем Алтипармак, адвокат на уметникот што ја нацрта карикатурата, за време на судењето, изјави: „Целта на овој случај е да се исплаши мојот клиент и општеството.“

Фикрет Илкиз, адвокат на вработените во „Леман“, тврди дека покренувањето постапка против сите петмина вработени било незаконско. 

„Според законот, авторот е одговорен за делото. Графичкиот дизајнер, сметководителот и уредникот не можат да бидат гонети. Отворањето на овој случај е незаконско и треба да биде отфрлено“, рече тој.

Еден од карикатуристите што го основаа „Леман“, кој, исто така, побара да остане анонимен, ја сумираше состојбата: 

„Критиката функционира таму каде што постои чувство на срам. Ако нема чувство на срам, таа нема никаков ефект.“

За жал, во периодот низ кој поминува Турција денес, тоа чувство на срам е еродирано, а критиката има сè помало влијание.

Доган Сатмиш е новинар со седиште во Истанбул. Ставовите изразени во текстот се лични и не мора нужно да ги одразуваат ставовите на БИРН.