Законската одредба според која изборната кампања трае 20 дена пред датумот за избори речиси целосно ја има загубено смислата бидејќи политичките партии секогаш наоѓаат начини како да се рекламираат надвор од овој рок. Со тоа тие, не само што го продолжуваат предизборието кога има изборен циклус, туку создаваат предизборна атмосфера и кога нема.
И овојпат, иако има уште три недели до официјалниот почеток на кампањата за изборите на 12 април, партиите, наместо во фаза на подготовка, се длабоко навлезени во реализација.
Во овој период, објавувањето реклами во медиумите им е забрането, па борбата ја водат на тротоарите. Ги користат законските дупки што им овозможуваат да делат летоци и да закупуваат билборди, некои со потпис кој стои зад содржината, некои без. Одат и на средби со граѓаните и користат сѐ за да си го зголемат времето за убедување на гласачите.
Ако се суди според наративите пред официјалниот почеток на предизборната трка, гласачите ќе бидат изложени на негативна и црна кампања. Тоа беше и очекувано, ако се знае дека веќе подолго време партиите одржуваат атмосфера на тензии и поделби на повеќе основи, како борбата против криминалот и корупцијата, остварувањето на стратешките цели и заштитата на националните интереси, во кои секогаш другиот е виновен.
Таква е и пораката на еден од првите летоци што се појавија – „Заев е виновен“. Не беше потпишан од ВМРО-ДПМНЕ, но партијата го искористи истиот слоган на својот марш против неправдата на 25 февруари. Затоа името на партијата јасно е истакнато на билбордите со пораката „Еден се богати, а два милиони осиромашуваат“, на кои се гледа Заев со чанта „луј витон“ и со слика од тајната снимка кога бара „едно евро за Вицето“. Партијата беспоштедно ги користи елементите од аферата „Рекет“, сугерирајќи дека лидерот на социјалдемократите е во нејзиниот центар.
Од спротивниот табор, пак, се растураат летоци дека СДСМ ја внесува земјата во НАТО, како и дека гласањето за ВМРО-ДПМНЕ е глас за „обнова на режимот“. Тоа е изведено од опозицискиот слоган „обнова на Македонија“, кој е редизајниран. Неименуваниот издавач на овој леток порачува дека враќањето на опозицијата би донело изолација, припојување на партијата и државата, конфликти и поделби итн.
Има ли желба да се затворат дупките?
Официјална кампања нема, вели за БИРН претседателот на Државната изборна комисија, Оливер Дерковски.
„Ова е правна празнина што треба во иднина да се затвори, ако законодавците сакаат да ја затворат, нормално. Официјалната кампања ќе почне откако ќе се потврдат кандидатските листи, кандидатите ќе добијат реден број и ќе почне рокот. Во меѓувреме, партиите организираат настани, одржуваат средби со граѓани, делат и рекламни материјали, но тоа не може да се смета дека е предизборна кампања бидејќи сѐ уште нема никакви листи, никаков субјект за кој ќе може да се гласа“, вели Дерковски.
Во Изборниот законик објавен на страницата на Собранието има четириесетина членови што ја регулираат изборната кампања. Таму се вели дека печатените и електронските медиуми немаат право да објавуваат платено политичко рекламирање откога ќе се распишат изборите до официјалниот почеток на изборната кампања.
За билбордите, плакатите и летоците, пак, нема посебни временски одредници кога што смее, а што не смее. Затоа тие се користат како главна алатка во паузата меѓу политичкото агитирање надвор од предизборните периоди и официјалната изборна кампања.
Дека кампањата ги погодила симпатизерите на партиите покажуваат и сликите што се појавија на социјалните мрежи на кои се гледа како човек со сина боја го покрива ликот на Заев на билбордот нарачан од ВМРО-ДПМНЕ. Потегот наиде на негодувања и на потсмев кај симпатизерите на опозицијата, од кои некои порачаа „џабе фарбате, ташната стоо“.
Редовни, предвремени и безвремени кампањи
Инаку, партиската продукција и дистрибуција на аудиовизуелни материјали практично никогаш не престанува, ниту кога нема избори на повидок.
„Рекламирањето на партиите надвор од кампањата е дозволено како дел од 12-те минути простор на медиумите за комерцијални содржини. Во нормални услови, кога нема избори, радиодифузерите имаат право на еден реален час програма да емитуваат 12 минути комерцијални содржини. Дали тоа ќе бидат реклами од компании или од политички партии, тоа е нивни избор“, вели Зоран Трајчевски, директор на Агенцијата за аудиовизуелни медиумски услуги.
Тој додава дека за време на официјалната изборна кампања, медиумите, покрај 12 минути комерцијално рекламирање, имаат право и на дополнителни девет минути политичко рекламирање, и тогаш не смеат да ги мешаат, како што прават кога нема изборен процес.
СДСМ летото 2019 година, во два наврати среде мандатот емитуваше на телевизиите спотови со мотото „Зборот важи“. Во нив партијата ги промовираше своите успеси по двегодишното владеење, како изградба на патишта, отворање нови здравствени капацитети или детски градинки итн.
Иако БИРН се обиде да ја провери декларираната подготвеност за отчетно работење согласно новиот Закон за пристап до информации од јавен карактер, владејачката партија не откри колку пари чинеше оваа кампања и како се покрија трошоците.
ВМРО-ДПМНЕ, во декември 2018 година го објави спотот „Црнила“, со кој ја обвини власта за „зацрнување“ на земјата. Лидерот Христијан Мицкоски, во февруари 2019 година објави спот дека економијата тоне и дека се потребни нови избори.
Не станува збор за обични снимени обраќања, туку за содржини за кои е потребен малку поголем продукциски зафат, сценарио, снимање од различни агли, монтажа итн. Сите се емитуваа на социјалните мрежи, а дел и на телевизија.
Здружението на новинарите на Македонија реагираше на рекламите на СДСМ што се објавуваа на телевизиите со соопштение во кое вели дека иако не постои експлицитна забрана за политичко рекламирање надвор од кампањата, сепак тоа е негативна појава со која може да се влијае врз уредувачката политика на медиумите.
Набљудувачката мисија на ОБСЕ/ОДИХР, во своите извештаи за изборите редовно забележува дека имало жалби или обвинувања за предвремена кампања, но дека тие, или се отфрлале, или не се процесуирале (ако освен обвинување во јавноста немало официјален поднесок).
Во извештајот за 2011 година, на пример, се вели дека предвремените кампањи биле резултат на широката дефиниција на кампањата во изборниот законик (ова набљудувачите го извеле како заклучок од разговорите со повеќе учесници на тие избори). И други организации, како Транспарентност Македонија, реагирале на раните кампањи.