Анализи

Испразнетите места на Србија и на Северна Македонија во Европравда: Подарок за организираниот криминал

Чекор назад во соработката против прекуграничните организирани криминални групи

На Западен Балкан, борбата против организираниот криминал повеќе не почнува и не завршува до националните граници. Финансискиот криминал, трговијата со дрога и криумчарењето мигранти, трите најштетни нелегални пазари во регионот, според Глобална иницијатива против транснационален организиран криминал (Global Initiative Against Transnational Organized Crime), сè почесто функционираат во повеќе земји и, неретко, на повеќе континенти.

Националните обвинители за врски во Агенцијата на Европската Унија за соработка во кривичната правда, попозната како Европравда (Eurojust), играат важна улога во одговорот на оваа транснационална закана. Нивната улога не е симболична, ниту само административна. Тие обезбедуваат директна врска меѓу националните обвинители и главната платформа на ЕУ за судска координација.

Препознавајќи ги овие придобивки, четири земји од Западен Балкан назначија обвинители за врски во Европравда, во периодот меѓу 2017 и 2021 година.

Во сложените прекугранични случаи, успехот не зависи само од правната експертиза, туку и од довербата, тајмингот и од директната координација.

Обвинителите за врски помагаат доказите собрани во странство бргу да се разменат и да можат да се користат во домашните судови. Со поддршка на Европравда, тоа може да трае со месеци наместо со години, како што е случај со стандардните процедури за меѓусебна правна помош.

Податоците на Европравда, во табелата подолу укажуваат дека Албанија и Србија, особено, интензивно ги користеле овие обвинители во Европравда.

Тие не се само статистики на хартија, туку показатели за конкретни оперативни резултати. Во мај 2025 година, тим поддржан од Европравда им помогна на српските власти да уапсат пет осомничени поврзани со испораки на дрога од најмалку 1,6 тони. Во февруари 2025 година, друга операција доведе до 12 апсења и заплена на повеќе од 680.000 фалсификувани евробанкноти во Северна Македонија и во Србија.

Сепак, шест години откако Србија и седум години откако Северна Македонија почнаа да ја зајакнуваат соработката со Европравда, двете земји ги изгубија своите обвинители за врски.

Ова е повеќе од кадровска промена.

Кога врските со Европравда се ослабени или прекинати, одговорот на организираниот криминал станува побавен и помалку ефикасен, што им дава на криминалните групи повеќе простор за дејствување преку граници.

Во Србија, властите не успеаја да обезбедат континуитет на овој механизам, кој е клучен за чувствителните меѓународни истраги, ниту го продолжија мандатот на обвинителот, ниту навреме назначија наследник за уредно примопредавање на функцијата.

Во Северна Македонија, обвинителката за врски поднесе оставка, наведувајќи дека одлуката следела по поширок политички притисок.

Искуството на Европравда во Западен Балкан покажува дека соработката станува значително поактивна и поефикасна откако една земја ќе добие обвинител за врски

Околностите не се идентични, но поширокиот образец е тешко да се игнорира. Во двете земји, нарушен е функционален механизам за меѓународна судска соработка во околности обликувани, барем делумно, од политиката.

Во Србија, Високиот совет на обвинители, кој е одговорен за назначување, унапредување и дисциплинирање обвинители, и покрај неговата формална независност, се смета за подложен на политички притисок.

Тој не успеа ниту да го стави назначувањето нов обвинител на дневен ред, бидејќи не обезбеди потребно двотретинско мнозинство. Со оглед на составот на Советот, со пет од неговите 11 членови, кои доаѓаат надвор од обвинителската професија, и пошироката контроверзија околу политичкото влијание врз обвинителските назначувања, овој ќор-сокак тешко може да се гледа како само процедурален.

Во Северна Македонија, политичката димензија е поексплицитна.

Обвинителката за врска Ленче Ристоска поднесе оставка откако беше отстранета од два случаи од  висок профил поврзани со наводното незаконско финансирање на владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ.

Таа го опиша своето отстранување како кулминација на поширок образец на политички притисок по месеци јавни напади и одбивање на нејзиното барање за институционална заштита. Нејзината оставка отвора сериозни прашања, не само за независноста на обвинителството, туку и за пошироката отпорност на судските институции.

Чекор назад во борбата

Ова не е само административен пропуст, туку институционален чекор назад во борбата против организираниот криминал. Штетата не е апстрактна.

Европравда е централно јадро за судска соработка во ЕУ, поврзувајќи ги обвинителите со безбедни канали, координациски состаноци и мрежа што опфаќа повеќе од 70 земји ширум светот. Тоа е особено важно таму каде што билатералната соработка е побавна или послаба, вклучително и во случаи на трговија со дрога, кои достигнуваат до Латинска Америка.

Исто така, е важно затоа што е Европравда помага прекуграничните информации да се претворат во докази што можат навремено да се користат во домашните судови наместо случаите да заглават во побавните процедури за меѓусебна правна помош.

Практичната загуба е уште поголема кај заедничките истраги.

Кога нема обвинител за врски, земјите губат не само на брзина и доверлив пристап, туку и дел од практичниот капацитет потребен за ефикасно користење на овие алатки

Европравда поддржува и финансира заеднички истражни тимови, покривајќи клучни прекугранични трошоци, како што се патување и сместување, толкување и превод, транспорт на запленети предмети, форензички испитувања и специјализирана експертиза, со што се намалува притисокот врз националните буџети.

Кога нема ваков обвинител, земјите губат не само на брзина и доверлив пристап, туку и дел од практичниот капацитет потребен за ефикасно користење на овие алатки.

Обновувањето на капацитетот на обвинител во Европравда нема да биде бргу.

Во Србија, процесот е особено подложен на блокада. Според договорот од 2019 година со Европравда, позицијата мора да ја извршува обвинител, а назначувањето е во надлежност на Високиот совет на обвинители, кој доби централна улога во обвинителските назначувања по судските реформи во 2023 година.

Ристоска беше македонската обвинителка за врски | Фото: Роберт Атанасовски

Во пракса, тоа значи дека мора да се обезбеди двотретинско мнозинство во поделено тело: од една страна се членовите избрани од редот на обвинителите, заедно со Врховниот јавен обвинител, а од друга страна се членовите избрани од парламентот, заедно со министерот за правда.

Советот веќе покажа колку лесно може да заглави тоа, бидејќи не успеа ниту да го стави прашањето на дневен ред. Затоа, обновувањето на континуитетот ќе зависи не само од пронаоѓање кандидат, туку и од обезбедување согласност меѓу обвинителската и политичката страна во Советот.

Во Северна Македонија, формалната процедура е поедноставна, бидејќи министерот за правда го назначува обвинителот за врски по предлог на Јавното обвинителство. Во принцип, тоа треба да биде рутинска постапка. Во пракса, сепак, остава простор за одложување доколку нема согласност меѓу обвинителството и политичката извршна власт.

Дури и откако ќе се направи ново назначување, континуитетот не може да се воспостави преку ноќ. Нов обвинител мора да добие безбедносен пристап, да ги научи работните методи на Европравда и повторно да изгради оперативни контакти и доверба. Тоа може да трае многу месеци.

Нарушувањето на соработката е поголема затоа што и во Србија, и во Северна Македонија нема асистент на оваа позиција, кој би обезбедил секојдневен континуитет и би го намалил јазот додека се назначува и се воведува наследник.

Нарушувањето на соработката е поголема затоа што и во Србија, и во Северна Македонија нема асистент на оваа позиција, кој би обезбедил секојдневен континуитет и би го намалил јазот додека се назначува и се воведува наследник

Како привремена мерка, двете земји би можеле повеќе да се потпрат на контакт-точки, кои се наменети за одржување брзи врски со Европравда – и контакт-точката треба да биде обвинителството, а не владата.

Но, тоа би било само делумно решение. Штетата веќе е направена.

Искуството на Европравда во Западен Балкан покажува дека соработката станува значително поактивна и поефикасна откако една земја ќе добие обвинител за врски.

Контакт-точката може да помогне да се избегне целосен вакуум во соработката, но не може да ја замени брзината, континуитетот и оперативниот пристап што може да ги обезбеди само лијазон-обвинител.

Саша Ѓорѓевиќ е виш аналитичар во Глобална иницијатива против транснационален организиран криминал.

Изнесените мислења се на авторот и не нужно ги одразуваат ставовите на Балканската истражувачка репортерска мрежа.