Три со три

Ивановска: Тие што имаат сертификат од странство да полагаат во државата

Разговор со Билјана Ивановска, поранешна претседателка на ДКСК

Веќе две недели, откако беше именуван за директор на Агенцијата за национална безбедност, Бојан Христовски е главна тема во јавноста. Изборот на премиерот Христијан Мицкоски оваа институција да ја води 41-годишниот разузнавач е спорен поради неколку причини- неговата диплома за положен ТОЕФЛ од бугарското јазично студио Јулија, за кое нема информации дека издава сертификати, како и партиското членство во ВМРО-ДПМНЕ каде што до лани беше претседател на градскиот комитет.

За да донесе одлука за професионалната иднина на Христовски, Мицкоски ја чека одлуката од ДКСК. Јавното обвинителство, пак, не отвори постапка оти ја чека антикорупциска да го направи тоа во „разумен рок“.

Поранешната претседателка на антикорупциската комисија, Билјана Ивановска за БИРН вели дека двете институции треба да постапуваат истовремено.

Додека таа раководеше со државната институција имале пријави за слични случаи. Нејзината препорака е сите кои на раководна позиција дошле со сертификат стекнат во странство да преполагаат во државата.

БИРН: Премиерот Мицкоски неколкупати нагласи дека за случајот со новиот директор на АНБ ќе го чека мислењето на ДКСК. Дали оваа институција треба да биде клучна за случајот или треба да бидат вклучени и други институции, како на пример јавното обвинителство?

Ивановска: Постапувањето на Државната комисија за спречување корупција во ниту еден момент не го спречува постапувањето на Јавното обвинителство. Дотолку повеќе што овие две институции имаат Меморандум за соработка и можат уште во оваа фаза заедно да го разгледаат предметот и да определат кој во кој дел ќе постапува. Обвинителството со своите истражни постапки треба да утврди дали постои кривично дело фалсификат.

БИРН: Има ли механизми ДКСК да постапува за овој случај-да го провери сертификатот во соседна држава или да утврди до кога точно бил член на политичка партија? 

Ивановска: Доколку предмет на постапување на ДКСК е назначувањето на директорот на АНБ, активностите на Комисијата ќе бидат во насока да утврди дали именуваното лице ги исполнува условите предвидени во материјалниот закон, кои се повеќе на број.

БИРН: Додека вие бевте претседателка на комисијата имаше слични вакви пријави за сертификати за јазик од странска држава, дури и за истата фирма, за Јулија од Пловдив. Како завршија овие постапки кои ги водеше комисијата и кои се вашите препораки?

Ивановска: Од работа по предмети по кои постапувавме како претходен состав на ДКСК, констатиравме дека не e воспоставен јасен систем на контрола, надзор и верификација на веродостојноста на сертификатите за познавање на странски јазици стекнати во странство, ниту пропишан начин за да се утврди дали едукативните и јазичните центри во странство се членови на Здружението за европски тестатори.

Поради ова ДКСК, како превентивен орган, даде препорака Министерството за образование да изнајде соодветно решение за полагање на испит за познавање странски јазици, над кое ќе може на соодветен начин да се врши надзор по основ на компетентноста на издавачот и надлежностите при утврдување на веродостојноста на издадените сертификати.

Можноста да се признаваат сертификати за познавање странски јазик стекнати во други држави, особено тие од соседните земји, Бугарија и Албанија, стана опасен извор на корупција.

Сметам дека најефикасен начин за справување со оваа состојба е, институциите кои вршат избор и именување на раководни лица да ги признаваат само сертификатите стекнати во акредитирани институции во државата.

Сите оние кои до раководна позиција дошле со сертификат стекнат во странство нека преполагаат во државата. Кој нема да го положи испитот нека сноси целосна одговорност.