Овој викенд, Унгарија се наоѓа пред клучни избори, кои би можеле да стават крај на 16-годишното владеење на премиерот и да предизвикаат шок-бранови низ неговиот меѓународен сојуз на десничарски популистички партии.
Гласањето, исто така, многумина го гледаат како клучен показател за иднината на Унгарија, среде шпекулации дека, со Орбан сè уште на чело, земјата би можела постепено да се оддалечи од ЕУ и да се приближи кон орбитата на Русија.
„Влогот е висок, особено во Европа“, изјави за БИРН, Жужана Селени, авторка на „Затруена демократија: Виктор Орбан и поткопувањето на Унгарија.“
По години блокирање одлуки на ЕУ, особено за Украина, трпението кон Унгарија во Брисел се истенчи.
„Ако Орбан победи, ќе биде многу тешко да се консолидираат односите со ЕУ. Тој можеби дополнително ќе ги ескалира тензиите и постепено ќе ја подготвува Унгарија за излез од ЕУ“, предвидува Селени, поранешна членка на партијата ФИДЕС на премиерот Виктор Орбан.
Но, многумина велат дека промените се чувствуваат во воздухот, во Унгарија.
Последните независни анкети покажуваат дека ривалот на Орбан, Петер Маѓар и неговата централно-десничарска партија „Почит и слобода“ (Тиса), водат со неколку процентни поени пред владејачката партија.
Институти блиски до ФИДЕС на Орбан, сепак, тврдат дека победата на владата не е загрозена, што практично ја дели земјата на две: едни очекуваат голема победа на опозицијата – можеби дури и двотретинско мнозинство, додека други цврсто веруваат дека Орбан ќе остане на власт.
Овие две уверувања ќе се судрат в недела, кога изборните експерти очекуваат рекордна излезност.
Унгарски застој

Биста на Орбан во антикварница во Будимпешта | Фото: БИРН
Трката е спектакуларен судир меѓу искусниот, но видливо остарен и сè поавторитарен Орбан, и новодојденецот, налик на рок-ѕвезда, со редок талент за социјалните мрежи и со неисцрпна енергија да ја обиколува земјата и да допира до најоддалечените делови на Унгарија.
Грасрутс-кампањата на Маѓар ги истисна постарите, во голема мера, дискредитирани опозициски партии на маргините. Социјалистичката партија на Унгарија одлучи да не учествува на изборите, додека леволибералната Демократска коалиција веројатно нема да го помине прагот од пет проценти за влегување во парламентот.
Единствената друга партија што веројатно ќе влезе во парламентот, покрај ФИДЕС и ТИСА, е крајно десничарската Ми Хазанк, антиимиграциско движење за ред и закон, кое би можело да се позиционира како потенцијален коалициски партнер на владата.
Можното ново премиерско лице на Унгарија, Петер Маѓар доживеа метеорски подем откако се појави на политичката сцена пред само две и пол години.
Поранешен инсајдер на ФИДЕС раскина со владејачката партија на почетокот на 2024 година по скандал од висок профил, во кој тогашната претседателка Каталин Новак и поранешната сопруга на Маѓар, тогашна министерка за правда, Јудит Варга, му дадоа помилување на човек вмешан во прикривање педофилија, во државен дом за згрижување.
Скандалот ја наруши кредибилноста на ФИДЕС како самопрогласен бранител на семејните вредности и доведе до оставка на двете жени, но не и на други високи функционери.
Во своето промотивно интервју за независниот јутуб-канал Партизан, Маѓар отворено раскина со Орбан и со владата, критикувајќи го премиерот за корупција и за „водење на државата како семејна фирма“, очигледна референца на зетот на Орбан, Иштван Тиборц, и за неговиот пријател од детството, Лоринц Месарош, кои во последните петнаесет години станаа исклучително богати.
Во тоа време, малкумина очекуваа релативно непознатиот поранешен инсајдер на ФИДЕС, кој и самиот доаѓа од конзервативна интелектуална заднина, да претставува сериозен предизвик за вкоренетиот систем на Орбан.
Сепак, за само две и пол години, политичкиот пејзаж драматично се промени.
До економијата е!

Опозиционерот Петер Маѓар | Фотo: FB
Маѓар, кој освои околу 30 проценти од гласовите на европските избори во 2024 година, сега води во анкетите. Кампањата главно ја базира на основни животни прашања, како нефункционалниот здравствен и образовен систем, при што успеа да допре до многу Унгарци, особено затоа што економијата стагнира во последните неколку години.
Делумното замрзнување на фондовите на ЕУ поради загриженост за владеење на правото и корупција остави видливи последици врз унгарската економија, која стагнира откако следеше рецесија по ковид-пандемијата.
„Унгарската економија навистина е во лоша состојба, без раст веќе три години и со висок дефицит“, изјави за БИРН, Ева Палоц, директорка на независниот економски истражувачки институт Копинт-Тарки.
Таа ги припишува причините на самата суштина на економските политики на ФИДЕС.
„Компаниите поврзани со владата практично го презедоа целиот простор и ги извлекоа јавните средства од економијата, која до 2021 година, во голема мера, се одржуваше од фондовите на ЕУ. Бидејќи повеќето од тие средства се замрзнати, растот застана. Унгарската економија едноставно не може да расте во овој систем“, вели таа.
Според истражување на независниот медиум Valaszonline.hu, околу 11.000 милијарди форинти (28 милијарди евра) се пренасочени од економијата кон компании поврзани со владата.
Повеќето се збогатија од овие јавни средства, ресурси кои сега недостигаат во клучни сектори, како железницата, болниците и образованието. И луѓето почнаа да го забележуваат тоа.
Палоц не верува дека влада на ФИДЕС може да ги поправи своите економски политики.
„Тоа е како кога автомобилот ви заглавува во кал и продолжувате да притискате на гасот – само тонете подлабоко. Но, никој не сака да го сврти воланот“, вели таа.
Палоц, исто така, ги опишува најновите инвестиции во батериската индустрија како голема грешка и симбол на мегаломанијата на Орбан. Таа смета дека малите и средните претпријатија во Унгарија можат да ја вратат својата енергија и конкурентност само ако се урне феудалниот систем изграден од ФИДЕС во руралните области.
„Можеби имаме камикaѕе влада“, претходно во интервју изјави опозицискиот лидер Маѓар, осврнувајќи се на тешката економска ситуација, длабоко поларизираното општество и вкоренетата институционална мрежа што ФИДЕС би продолжила да ја контролира дури и во опозиција.
Клучните позиции – вклучувајќи ги претседателството, главниот обвинител, Уставниот суд, Врховниот суд и Државниот завод за ревизија би останале во рацете на лојалисти на ФИДЕС и тешко би се промениле без двотретинско парламентарно мнозинство.
Во исто време, ветувањата на ТИСА во кампањата – одржување на постојните даночни олеснувања и проширување на поддршката за семејствата и старите лица би можеле да бидат тешко остварливи и да доведат до рано разочарување кај јавноста.
Меѓународно олеснување

Американскиот потпретседател Џеј-Ди Венс со поддршка за Орбан | Фото: FB
На меѓународен план, пораз на Орбан, дури и тесен, би донел големо олеснување во повеќето европски престолнини, каде што владите би ја поздравиле унгарската администрација што престанува да дејствува како „тројански коњ“ на Русија во рамките на блокот.
„Постои силна надеж во европските престолнини и меѓу европските елити дека промена е можна во Унгарија“, вели експертката за надворешна политика Селени, но предупредува дека ТИСА нема секогаш да се усогласува со Европа, особено не за Украина или за миграцијата.
„Но, се очекува да биде посигурен и поконструктивен партнер на ЕУ.“
Од друга страна, поширокиот десничарски популистички сојуз на Орбан е видно загрижен од можноста да го изгуби својот најистакнат модел, ценет најмногу по тоа што успеа да остане на власт 16 години, што е прилично редок успех во современата политика и кој во голема мера е резултат на специфичниот изборен систем на Унгарија.
Орбан сè повеќе ужива да биде во центарот на вниманието на меѓународната сцена, организирајќи ја унгарската верзија на американскиот CPAC, неодамнешен собир на Патриотите за Европа во Европскиот парламент, како и пречекувајќи го американскиот државен секретар Марко Рубио и потпретседателот Џ.Д. Венс – сето тоа во изминатиот месец.
„Поразот на Орбан би бил психолошки удар за патриотите, многу разнолико движење што во голема мера се држи заедно благодарение на Орбан и верувањето дека тој е непобедлив“, вели Селени.
Иако најголемата партија во групата Патриоти за Европа е францускиот Национален собир, финансиски најмногу е поддржана од Унгарија.
„Оваа финансиска линија би можела да ослабне во следните години ако Орбан биде поразен“, додава Селени.
Поддржувачите на Орбан, помалку внимание посветуваат на економското лошо управување под ФИДЕС во изминативе 16 години. Унгарија, некогаш меѓу најсилните нови членки на ЕУ, заостанува според повеќе економски показатели и не ги искористи целосно можностите од членството во ЕУ.
„Мислам дека овие популистички партии малку внимание посветуваат на економијата. Полни се со политички слогани, но многу ретко преземаат владина одговорност“, смета Палоц.
За Орбан да признае пораз, Маѓар би морало да оствари убедлива победа. Иако се очекуваа купувања гласови во последните минути и манипулации со гласачите, големи изборни измами остануваат малку веројатни.
Недела несомнено ќе биде долг ден, со првични резултати што ќе пристигнуваат доцна и можни пребројувања во тесно оспорувани изборни единици. Гласовите од странство може да ги одложат конечните резултати до средината на неделата.
Ако ТИСА победи со мала разлика, што е најверојатното сценарио, се очекува ФИДЕС да усвои агресивна опозициска стратегија, настојувајќи да ја поткопа неискусната влада додека ѝ препушта да спроведува тешки и потенцијално непопуларни економски реформи.
„Не гледам Орбан доброволно да се повлече од политиката“, вели Селени.
„Влогот е едноставно премногу висок, особено финансиски, и особено за семејството Орбан.“
Но, таа гледа и амбициозни млади членови на ФИДЕС, кои се борат да ја преземат контролата врз партијата.
Доколку Орбан победи на изборите, фрустрацијата во унгарското општество би можело дополнително да се засили, а многумина очекуваат иселување на младите Унгарци од земјата.
„Тоа би можело да доведе и до колапс на економијата“, предупредува економистката Ева Палоц, осврнувајќи се на инвеститорите и на кредитните агенции, кои главно се надеваат на политичка промена.
Надежта е на хоризонтот, но за многумина и надвор и внатре од земјата сè уште не е лесно да се замисли Унгарија без Орбан.

