Три со три

Јаневска: Нема упис на првачиња надвор од реон без оправдана причина

Интервју со министерката за образование, Весна Јаневска

Околу 20 илјади првачиња, оваа година ќе треба да се запишат на училиште. Уписите се во тек, а новина е тоа што, според најавите на надлежните, доследно ќе се почитува реонализацијата, па родителите нема да можат да го запишат детето каде што сакаат, освен во строго утврдени исклучоци. Ова во интервју за БИРН го тврди министерката за образование и наука, Весна Јаневска, а во прилог на тоа одат и неодамнешните измени измени на Законот за основно образование.

Правилово постои со децении, но родителите често го изигруваа. Понекогаш и од личен хир, со желба детето да учи во „најелитното“ училиште, но честопати и поради логистички причини, па децата се запишуваа во училиштето каде што живеат бабата и дедото или, пак, е во близина на работата на родителите.

Сево ова доведуваше до преоптоварување на едни, на сметка на други училишта, а неретко и до етничка сегрегација.

Во текот на мајските уписи, со министерката Јаневска зборувавме и за загрижувачкиот тренд сè помалку деца да се вакцинираат против морбили, кој е изразен во централните скопски општини, а зборувавме и за законските промени што го доуредуваат начинот на кој училиштата ќе се однесуваат кон децата со посебни образовни потреби.

БИРН: Во тек се уписите на првачињата, кои се спроведуваат според новиот закон за основно образование, кој предвидува построго почитување на реонизацијата на училиштата, за што веќе има реакции во јавноста, заедно со уште една тема што се повторува секоја година – вакцинацијата. Оттука, како годинава ќе превенирате запишување деца надвор од својот реон и кои се насоките што ги добиваат училиштата од МОН за упис на првачињата што не се вакцинирани?

Јаневска: И во стариот и во новиот Закон постои реонизација. Во изминатиот период имаше некаква слобода за злоупотреба на законските решенија, која била толерирана поради потребите на родителите. Понекогаш се случува да има тенденција во одредено училиште да се запишуваат премногу ученици и таму да се создадат несоодветни услови за учење, а други училишта, кои навистина ги исполнуваат условите, да останат празни.

Законот дозволува одреден број ученици да не се држат строго до реонизацијата, и тоа се ученици што имаат здравствени проблеми и потреби, ученици што треба да учат на својот мајчин јазик и да одат во подалечно училиште и секако учениците со попреченост.

Но, на пример, ако живеалиштето е во Карпош, родителот нема да може да го запише детето во Центар ако нема некои од оправданите причини што ги набројавме или ако не се пресели во Центар.

И во минатото и сега, родителите што имаат живеалиште блиску до училиштето, спаѓаат во реонот на тоа училиште. Јас се надевам дека почитувањето на реониазцијата нема да предизвика сериозни проблеми, затоа што таа во одредени средини спречува физичко одделување на учениците, што е исклучително значајно за нашето мултиетничко општество и може да стане проблем на сепарација.

Во однос на вакцинацијата, и за ова постои законско решение, и МОН ќе се придржува до законот и препораките што ги дава законот. Инаку, јас и како министер за образование, но и како доктор, апсолутно препорачувам вакцинација, затоа што тоа е за заштита на здравјето на нашите деца.

Децата што имаат здравствена причина да не бидат вакцинирани, ќе бидат примени во училиштето. Но, тој број е мал, и тие деца и самите не се во ризик затоа што поголемиот број ученици се вакцинирани, ниту, пак, поголемиот број ученици што се вакцинирани се во ризик. Ако ситуацијата стане обратна, сите деца ќе бидат во зголемен ризик.

Значи секое дете што нема да биде вакцинирано, треба да донесе потврда од здравствена установа дека има причина зошто не е вакцинирано. Доколку не ја донесе, следат санкции по закон за родителите.

БИРН: Во однос на децата со посебни образовни потреби, новиот Закон за основно ја укина одредбата тие да се запишуваат исклучиво во редовните училишта, па сега родителите стравуваат дека самите училишта ќе имаат аргумент плус за да не ги примаат овие првачиња. Како ќе се справувате со овој проблем и дали училиштето може да одбие упис? 

Јаневска: Тоа е забрането. Законот е јасен дека секое дете што може да оди во редовните училишта, треба да оди и ќе оди во редовните училишта.

Но, децата што имаат комплексни потреби и кои според стариот Закон требаше да бидат во редовно училиште – де факто не добиваа, туку губеа. Дел од тие деца остануваа дома, дел од тие деца немаат никаков бенефит од редовното училиште.

Значи, ако имаме деца со помали нивоа на попреченост, тие ќе одат во редовното училиште и никој не смее да не ги запише, ниту да ги отпише од училиштето без согласност на родителот и без проценката на службата за функционална проценка.

Училиштето никако не може да одбие упис, но доколку детето нема бенефит во редовното училиште во кое има инклузивен тим, стручен соработник, наставници, асистенти… кога тие ќе заклучат дека тоа има тешкотии во учењето, треба да му предочат на родителот дека детето трпи штета. Секако, на одреден број родители можеби ќе им треба време за да увидат дали бенефитот за детето е поголем во редовното училиште или ако го носат во ресурсен центар.

Имаме секакви видови попречености и јас отворено кажувам: сите наши училишта не се подготвени за тоа. Тие мора да бидат опремени, мора да има асистенти, посебни соби, мора да има и прва помош, која е потребна.

Можеби на дел од овие деца – познавајќи ги капацитетите на ресурсните центри, таму ќе им биде подобро.

БИРН: Уште еден процес тече во моментов, кој се однесува на матурантите – тоа се подготовките за полагање државна матура, каде што дури ни ланското полагање во холови и спортски сали, не го искорени препишувањето и споделувањето на тестовите на социјалните мрежи. Како годинава ќе се справувате со овој проблем?

Јаневска: И оваа година, одреден број училишта доставија информации дека немаат услови да ја спроведат матурата во училиштето затоа што децата треба да бидат на 1,5 метар растојание, па нивните ученици ќе бидат префрлени во поголеми простори. Тоа значи – во амфитеатри.

Директорката на Државниот испитен центар ме информираше дека веќе склучиле договори, таму каде што има универзитети, да се искористат амфитеатрите за полагање на матурата на учениците, во Штип, Битола,Скопје и во Тетово. Одреден број училишта имаат услови да ја спроведат матурата во своите простории и тие ќе ја спроведат во ходници, сали, училници, во зависност од бројот на учениците.

Другиот проблем, кој всушност и не е проблем, е дека децата не треба да доаѓаат на полагање матура со мобилни телефони. Таа проверка ќе биде засилена и тука не сметам дека треба да има реакции, затоа што кога учениците доаѓаат да полагаат матура, не доаѓаат на нешто страшно, туку доаѓаат да го проценат своето знаење по одредени предмети.

Работиме и на свесноста на наставниците и тестаторите, како и на родителите.