Интервјуа

Јовановиќ: Инфлацијата им одговара на бизнисмените и политичарите

Интервју со економскиот истражувач Бранимир Јовановиќ

Истата тегличка македонски ајвар, која Бранимир Јовановиќ во Виена ја купил за 4 евра, во маркет во Скопје непосредно пред новогодишните празници, го чинела 5 евра (290 денари). Економскиот аналитичар и истражувач, кој веќе пет години живее во Австрија и работи во Виенскиот институт за меѓународни економски студии, не бил многу изненаден.

Одамна говори дека во Македонија, оние што се на власт не работат во интерес на граѓаните, а цената на тегличката ајвар, иако ја споменува како своевидна анегдота, е доказ за тоа. Нема никаква економска логика таа да биде поскапа во Скопје отколку во Виена, како и многу други производи што таму ги купува поевтино, иако австриските плати се неколкупати повисоки од овдешните.

„Не е проблемот во покачувањето на платите, во цената на струјата, на храната на светските берзи… Проблемот е до фирмите што ги покачуваат своите профити секогаш кога ќе имаат можност“, вели тој.

Со него разговаравме за повеќе горливи проблеми, од инфлацијата и колку таа е подгревана од растот на платите и пензиите, сѐ до проблемот со јавниот долг, недостигот од работници и економските политики кои веќе година и пол ги креира владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ.

Годинава ќе ја завршиме со инфлација од 4 отсто, која е поголема од ланската. Ако во 2024 година влеговме со владината мерка за т.н. божикна кошничка, со која се ограничија маржите на многу од производите, сега отсуствуваат какви било мерки.

Објаснувањето на Јовановиќ е дека на државата ѝ одговара повисока инфлација, бидејќи така го намалува јавниот долг, без притоа нешто да прави.

„Бидејќи јавниот долг се прикажува како процент од номиналниот БДП, ако јавниот долг бил 60 отсто, со нула економски раст и инфлацијата од 4 отсто, долгот се намалува на 56 отсто,“ појаснува Јовановиќ.

Исто така, високата инфлација на големите бизниси им носи поголем приход, а со тоа и повеќе пари влегуваат во празната државна каса, преку ДДВ-то, кое е главниот данок со кој таа се полни.

„Ова е игра што им одговара на бизнисмените, им одговара на политичарите, не им одговара само на граѓаните, ама граѓаните и онака никој не ги прашува“, вели аналитичарот.

Од друга страна, пак, забележува дека едноцифрената инфлација граѓаните полесно ја поднесуваат, од на пример онаа што стигна до 14 отсто во 2022 (над 20 отсто на основните продукти), па политичарите не се многу загрижени дека тоа ќе ја подрие нивната власт. Впрочем, и локалните избори покажаа дека, иако секое влегување во продавница е своевиден шок, тоа не се одрази на поддршката што ја доби сегашната влада.

Според Јовановиќ, растот на платите и пензиите не е пресуден за разгорувањето на инфлацијата бидејќи, меѓу другото, тие и онака се многу пониски од оние во еврозоната, а и нивното покачување не успева да ја следи инфлацијата.

Како пример ја споредува мартовската со ноемвриската синдикална потрошувачка кошничка, наспроти растот на просечна плата. За осум месеци, кошничката поскапела за 3.700, а платата пораснала за 1.200 денари.

Дури и податокот на Евростат дека во Македонија има најниски цени не го зема здраво за готово.

„Џабе му е тоа на обичниот човек кога не може да купи повеќе производи со тие пари. Цените се 60 отсто од европскиот просек, платите се 30 отсто од просекот, а пензиите се само 18 отсто од овој просек. Тоа значи дека со просечна плата во Македонија може да се наполни само пола од кошничката што може да се наполни во Европската Унија со една плата“, укажува тој.

Буџет под притисок

Има проблем со ликвидноста на буџетот, вели Јовановиќ | Фото:БИРН

Иако инфлацијата го полни буџетот, таа е недоволна за справување со буџетскиот дефицит, појаснува аналитичарот. Проблемите станаа видливи и на терен. На крајот од годинава, на протести излегоа сточарите, револтирани поради неисплатените субвенции за овците.

Годинава, за првпат од воведувањето доцнеше исплатата на средствата за „Мој ДДВ“, а застој имаше и кај субвенциите за странските инвеститори, како и кај повратот на ДДВ за домашните бизнисмени. Дополнително, граѓаните се жалеа на доцнење на исплатите за породилно отсуство, за социјална помош, надомест за туѓа нега…

Како дополнителен аларм беше протолкувано и тоа што 15 декември беше поставен како рок до кој сите институции треба да ги достават тековните расходи. Од опозицијата ова го оценија како знак за предвремено затворање на државниот трезор. Властите негираа каков било проблем со исплатите, правдајќи се дека се работи, или за техникалии, или за правење дополнителни проверки.

Сепак, за Јовановиќ, ваквите појави, во комбинација со задолжувањата кои годинава беа направени надвор од планираниот календар, се јасен сигнал дека државата се соочува со сериозни буџетски тешкотии.

Во март и во декември, владата зеде кредити од 110 милиони евра од Шпаркасе банка, како и дополнителни 30 милиони евра од НЛБ банка во ноември, за покривање на буџетскиот дефицит.

„Сега одложуваат плаќања колку што можат, ги туркаат за во иднина бидејќи ќе земат еврообврзница во јануари. Тогаш ќе потрошат малку повеќе, ќе скокне можеби и јавниот дефицит, ама ќе се заборави приказната бидејќи почеток на годината не е исто со крај на годината“.

„Прават на некој начин мали финти, со цел да прикажат дека фискалната состојба не е толку лоша, ама дефинитивно имаат ликвидносни проблеми“, заклучува Јовановиќ.

Според него, вакви практики не се новост и не се карактеристични само за оваа влада – се случувале и порано. Но, предупредува дека тие не се одржливи на долг рок, што најјасно се гледа при планирањето на буџетот.

Фискалните правила предвидуваат јавниот долг да не надминува 60 отсто од БДП, а буџетскиот дефицит да се задржи под 3 отсто. Сепак, во последната Фискална стратегија се наведува дека јавниот долг ќе падне под оваа граница дури во 2029 година.

„Исто како законот што вели дека не смееш да убиеш човек, овој закон вели не смееш да надминеш 60 отсто од БДП јавен долг. А ние го кршиме законот, ги кршиме или едното или двете фискални правила. Владата треба да даде објаснување зошто се случило и план како ќе се врати на фискалните правила, но апсолутно нема никакво објаснување“, револтиран е Јовановиќ.

Растот на јавниот долг, додава тој, значи и помал простор за нови задолжувања, но и значително повисоки трошоци за камати. Во 2026 година, само за камати ќе бидат потрошени околу 350 милиони евра, пари кои можат да се искористат за конкретни проекти.

Во 2017 година, кога Јовановиќ бил советник во Министерството за финансии, трошоците за камати изнесувале околу 130 милиони евра, а во 2010 година, кога работел како истражувач во Народна банка, околу 50 милиони евра.

„Значи од 50 на 350 за 15 години раст. И сега прашањето е за што отидоа тие пари? Ништо не направивме, нема крупен инфраструктурен проект во државава, нема голема болница, хидроцентрала, железница, само два-три автопатишта. Тоа е неодговорно однесување на власта кон јавните финансии“, смета истражувачот.

Купи ден, продај

Јовановиќ предвидува дека ќе расте ДДВ-то | Фото:БИРН

Проекциите за 2026 година предвидуваат инфлација од 2,5 отсто, која според Јовановиќ, е нереална. Не очекува наплив на странски инвеститори, бидејќи уште од 2007 година, оваа ставка се намалува во светски рамки. Затоа, смета дека на земјава ѝ е потребен нов модел, кој ќе даде поголема поддршка на домашни инвестиции при што ќе се изберат неколку сектори што ќе бидат клучни за развој на државата.

„Тоа бара силна стратегија и буквално впрегнување на државен апарат да работи во една насока. Не е дека немаме луѓе, немаме волја. Не сакаат политичарите и бизнисмените да го направат тоа затоа што им го нарушува комодитетот“, дополнува тој.

Во моментов смета дека и тезата за недостиг од работна сила е натегната, бидејќи во земјата сè уште има стапка на невработеност од околу 11 отсто, односно речиси 100.000 невработени лица, од кои значителен дел би можеле да се вклучат на пазарот на трудот.

Причината зошто не се случува тоа, според него, не е во немањето работници, туку во неподготвеноста на работодавачите да понудат повисоки плати и подобри услови за работа.

Буџетот за 2026 година е проектиран на околу 6,7 милијарди евра, од кои 40 отсто ќе се потрошат само за плати и за пензии.

Дополнителен притисок врз јавните финансии смета дека ќе дојде и од кредитите,  како унгарскиот од милијарда евра, но и најавените милијарди од Велика Британија. Ваквите задолжувања, вели тој, неминовно ќе го зголемат буџетскиот дефицит. Тоа значи дека ќе треба да растат приходите, кои актуелната влада нема да ги најде преку оданочувањето на богатите, за што се залага Јовановиќ. Вели дека нема да крати ни од расходите, бидејќи и тоа се политички непопуларни мерки.

„Сепак, се популистичка влада, најверојатно ќе го зголемат ДДВ-то, на 19 и 20 отсто и можеби ќе ги зголемат придонесите за пензиско осигурување. Ќе кажат – не ја покачуваме границата за пензионирање, но ќе мора да најдат пари од негде, а тоа нема да биде од воведување прогресивен данок. Не знам дали ова ќе биде во 2026 година, ама мислам дека ќе мора да биде направено“, смета тој.

Јовановиќ не очекува ни 2026 година да биде суштински поразлична од сегашната, единствено „можеби малку подобра на хартија.“

Економската состојба ја опишува со изреката „Купи ден, продај“, која, како што вели, ја чул од поранешниот гувернер на Народна банка, Петар Гошев. Според оваа логика, се купува време, а вистинските промени постојано се одложуваат.

„Економските политики, па и речиси сè во државата, се ставени на автопилот, одат по некаква инерција. Суштински ништо не се менува и тоа е начинот на функционирање – ќе тераме вака колку што можеме подолго, а очигледно, барем во овој момент, на граѓаните вака им одговара.“