Истражувањa

ЈСП како енциклопедија на дефекти

Илјадници страници со информации зошто автобусите не доаѓаат кога треба

Во само еден ден, на 27 мај годинава, вкупно 14 автобуси на Јавното сообраќајно претпријатие Скопје се исклучиле од сообраќај затоа што им снемало нафта. Сообраќале на линиите 2, 7, 41, 57 и други. Пропуштиле вкупно 40 т.н. полуобрти, како што во документите на ЈСП се нарекува возењето од почетната до крајната станица, во еден правец.

Тоа значи дека 40 пати тој ден патниците не го дочекале автобусот што требало да им дојде според возниот ред и останале на станиците 20-30 минути подолго. Само поради нафтата. А имало и откажувања од други причини – проблеми со гумите, прегревање на моторите, откажување на менувачите или на сопирачките, паѓање на вратите, дефекти на греењето, климите, бришачите итн. Во тој ден имало пропуштени речиси 500 полуобрти.

Дневните извештаи од диспечерскиот центар на ЈСП, во кои се содржани податоците за секој автобус што бил повлечен од сообраќај (во колку часот, поради која причина, на која линија возел, колку пати пропуштил да ја извози трасата), се своевидна енциклопедија на дефекти. Речиси нема дефект познат во автоиндустријата што не е забележан во нив.

Преку барање за пристап до информации од јавен карактер, БИРН ги доби дневните диспечерски извештаи за февруари, мај и јуни. Станува збор за околу 700 документи со над 2.000 страници.

Додека оваа неславна енциклопедија секој ден се полни со нови содржини, одлуката за набавка на нови автобуси со кои би се олеснила сегашната ситуација редовно сообраќа на релацијата градоначалнички кабинет – Совет на Град Скопје. Градоначалничката Данела Арсовска, повеќе од 20 пати ја предлага точката на дневен ред, но таа не добива поддршка од мнозинската советничка група на ВМРО-ДПМНЕ.

Пред изборите, тие заедно ветуваа 250 автобуси повеќе. Денес ЈСП има дваесетина помалку од изборната 2021 година.

Детален опис на едно големо пропаѓање

Влезот во дирекцијата на ЈСП Скопје | Фото:БИРН

Сите дневни извештаи од диспечерскиот центар во кои имавме увид почнуваат со список на 20-30 автобуси што воопшто не се вклучиле наутро, а продолжува со тоа кои од вклучените се исклучиле во текот на денот.

Така, една од петките на 6 мај морало да одмори два часа поради прегреан мотор, а патниците во тој период да имаат автобус помалку. Три дена подоцна, еден од автобусите со број 58 бил надвор од сообраќај четири часа поради течење масло. Автобус со број 22, пак, пропуштил еден полуобрт на 22 мај бидејќи не му работела предната врата.

Кога е топло, откажуваат климите, како на три линии на 9 мај, поради што пропуштиле девет полуобрти. Кога е студено, пак, откажува греењето.

Последното место каде што некој би посакал да му откажат сопирачките на автобусот би била линијата број 16, која поврзува две ридски населби – Пржино и Железара. Токму тоа ѝ се случило на една од 16-ките на 14 мај, па ја немало три тури.

Речиси два часа, една 58-ка на 10 мај, пак, не возела поради дефект на бришачите во врнежлив ден, па патниците морале подолго да чекаат на дождот.

Дефектите не се единствената причина поради која автобусите се исклучуваат. На 7 мај биле повлечени една 50-ка и една двојка затоа што за нив немало возачи за втора смена. На 10 мај, поради тоа се исклучила една 57-ка, а следниот ден една седумка морала да се повлече зашто возачот се разболел и немало кој да го замени.

Големата слика – пад за стотина автобуси

Расклопени панорамски автобуси во автобазата во Автокоманда | Фото:БИРН

Денешната состојба со јавниот превоз е резултат на децениски пад, документиран во годишните извештаи што ги објавува ЈСП Скопје на својата интернет-страница. Од нив може да се види дека пред десетина години, претпријатието имало речиси 450 автобуси, од кои во просек, исправни биле 350, а во сообраќај дневно се пуштале по 230-240.

„Сите пееја во ЈСП меѓу 2012 и 2015 година“, вели Миќо Стојановски, долгогодишен прв синдикалец на јавното претпријатие и претседател на Синдикатот на работниците од сообраќајот и врските при ССМ. Тој го нарекува овој период „златно време“, кое следувало по еден тежок период, во кој старите автобуси од 1980-тите и 1990-тите често откажувале, слично како и денес.

Тогаш беше направена големата набавка на автобуси од владата – 100 од марката ЛАЗ од Украина и 200 двокатни од кинеската компанија „Јутонг“, и сè се сменило.

Во меѓувреме, остареа и тие автобуси, се набавија само 33 нови МАН и претпријатието се врати во старата состојба. Според последниот извештај, за првите четири месеци од 2024 година, ЈСП има вкупно 356 автобуси, од кои просечно на дневно ниво се исправни 223, а во сообраќај се пуштаат по 182. Падот бил значителен во последнава година, кога бројот на исправни автобуси паднал за речиси 30.

„Кога почнаа да стареат, кога веќе требаше да се вложат многу пари за да се репарираат, да се обноват, пари нема. Правиме разни фискултури да ги оспособиме тие автобуси“, вели Стојановски, на прашањето дали се расклопуваат автобуси за да се поправат други.

Јавен превоз за тие што немаат друг избор

Жители на Радишани чекаат автобус | Фото:БИРН

Една од бројките што често се сретнува во дневните диспечерски извештаи е 57, линијата што сообраќа од Радишани до Козле. Поминавме едно утро со патниците во овој автобус и ги прашавме дали често се случуваат дефекти.

„Не само што се случуваат, туку тоа веќе е пракса“, ни рече една средовечна жена додека чекаше на една од почетните станици во Радишани.

Нешто по 8 часот, една од 57-ките впишана во возниот ред не се појави, што беше доволно за на станицата да се создаде голем метеж.

„Секој ден се доцни на работа, со нервози“, револтиран е и Никола Макаровски, кој секојдневно патува оттаму до Кисела Вода.

Кога автобусите возат според возен ред, за еден час стигнува до работа. Во последниве месеци се вози и по два часа поради честите доцнења на автобусите, метежите и по некој дефект.

Лошо искуство со јавниот превоз споделија и 170 граѓани што одговорија на прашалникот на БИРН. Се жалат на стари и нередовни автобуси во кои патниците се возат како „вреќи со компири“, без парно во зима и „како стока во штала набутани без клима“ во лето . Се жалат и на нехигиена и огромни гужви, кои одат дотаму што понекогаш се вози со отворени врати и „често се случува некому да му се слоши“.

Листата е долга, а проблемот кулминира во последниот период. Најголеми поплаки има од оние што се возат на подолгите линии, како 2, 7, 57 или 18.

„Јас се возам со автобус од кај 23 април оваа година, автомобилот ми е на сервис и немам друга опција освен јавниот превоз, а не паметам да било олку лошо со автобускиот превоз“, пишува во еден од одговорите.

Дел од оние што одговорија на прашалникот, велат дека веќе се откажале од возењето со автобус, а повеќето велат дека го користат јавниот превоз бидејќи немаат друг избор.

Гробница за автобуси

Работници менуваат стакла на двокатните автобуси | Фото:БИРН

Во јавното претпријатие, за три години се сменија пет директори. Последниот, Драги Кушовски, на директорската фотелја седна пред три месеци. Од ЈСП го одбија барањето на БИРН за разговор со директорот, а не одговорија ниту на прашањата испратени по имејл.

Единствено ги подотворија вратите на дел од автобазата во Автокоманда, за да покажат дека навистина се работи на поправка на дел од автобусите. Им стигнала нарачка со нови делови.

Неколкумина работници ги менуваа стаклата на два од старите двокатни автобуси, кои ги држат најголемиот дел од линиите во градот. Планот им било да репарираат триесетина, за да може да се работи според важечкиот возен ред.

Освен кинеските, на сервис беше и еден од уште постарите, украински автобуси, кои според повеќе сведоштва се покажаа со најлош квалитет.

Остатокот од автобазата личи на гробница за автобуси. Во тој дел не ни беше дозволен пристап за снимање, иако и однадвор може да видат соголените школки, меѓу кои и на десетина панорамски автобуси.

Како што брифираат извори од ЈСП за БИРН, кога почнале да откажуваат двокатните автобуси, за резервни делови почнале да се растураат 15-тината панорамски, направени од истиот производител. Според последниот извештај на ЈСП, во функција е останат само еден од нив.

Пропаѓаат половина од тендерите за делови, гуми, масло…

Автобус на сервис во автобазата во Автокоманда | Фото:БИРН

За состојбата во ЈСП, синдикалецот Стојановски вели дека е резултат на „гола политика“.

„Мнозинството и градоначалничката, додека беа во љубов, си течеше сè, кога се раскина љубовта, секој си тргна на своја страна, и кој трпи? Граѓаните и јавните претпријатија“, вели Стојановски.

Освен очигледната причина – дека не се купуваат нови автобуси, тој посочи и неколку други за сè поголемото пропаѓање. Една од нив е пречестата смена на директори.

„Тамам со еден директор ќе се навикнеме да работиме, ќе го сменат“, додава.

Друг проблем е што тендерите многу доцнат или пропаѓаат, па претпријатието често нема доволно резервни делови за да ги одржува возилата.

„Или никој не се јавува, затоа што сите знаат каква е состојбата во ЈСП, или ако се пријават двајца или тројца, тој што ќе добие, го тужат останатите“, објаснува Стојановски.

Дека тендерите често се поништуваат, покажуваат и податоците од системот за јавни набавки. Така, на пример, во првите осум месеци од годинава, ЈСП објавило 82 огласи, како и дури 40 поништувања на постапки. Тоа покажува дека претпријатието има сериозен проблем со многу набавки, од гуми и алати, до турбини за воздух, алтернатори, стартери, светилки и друго, односно делови недостасуваат со месеци.

Така, мартовскиот тендер за репарирање на менувачите на четири двокатни автобуси, и за набавка на резервни делови за минибусите, бил поништен поради недостатоци во техничката спецификација. Нов бил распишан во мај, но ЈСП повторно немало среќа. Дел од тендерот го поништиле поради немање добра понуда.

Сагата, пак, за набавка на делови за климите во кинеските и во украинските автобуси почнува во 2022 година и сè уште трае. Распишани се дури шест огласи и сите се поништени. Првите два, поради тендерски пропусти, а останатите бидејќи, или немало никаква, или немало добра понуда.

„Како се снаоѓаме, само ние си знаеме“, вели Стојановски.