Истражувањa

Како бирократски лавиринт урива заштитена куќа во Охрид

Тивко распаѓање пред очите на минувачите

„Што е ова и зошто сите го сликаат“?

„Ова е последната куќа од 19 век што останала во ова маало“.

„Аха, но нема уште долго“.

Ова беше краток разговор што летово го имавме со германски турист во населбата Канео во Охрид, кога отидовме да ја посетиме куќата на Петруш Вангелов, објект заштитен со закон како културно наследство, кој со години се распаѓа, дел по дел. Го носи името на првиот сопственик, охриѓанецот што ја изградил.

Освен како последен претставник на својата епоха, овој објект е познат и по неговиот сегашен сопственик – бизнисменот Минчо Јорданов, своевремено еден од најбогатите луѓе во Македонија.

Според информациите што ги доби БИРН, неколкугодишната административна процедура за оваа куќа да се обнови, така што прво би се урнале опасните и неупотребливи делови, па потоа би се реизградила со оригиналниот изглед, завршила неуспешно на крајот од 2022 година. Две и пол години подоцна, сѐ што се случува таму е тивкото распаѓање пред очите на минувачите.

Типичен пример и за архитектурата и за негрижата

Мал е просторот за поминување меѓу куќата во распаѓање и масивната карпа | Фото: БИРН

Сместена на една од двете патеки што водат од црквата „Свети Јован Канео“ до плажата во истоименото маало подолу, оваа куќа е изградена во традиционален стил за своето време, со приземје од камен и два ката од дрво и од тули, со бела фасада. Буквално е стуткана на ќошот меѓу двете соседни куќи. Секое ниво има по дваесетина квадрати, а горните две се еркерно издадени и малку пошироки од основата.

Порано имала и покрив од ќерамиди, сега од него се останати само мали делови. Висат штици и други делови од речиси откриениот горен кат. Соголената трска на средниот кат покажува дека тој ќе биде следен за распаѓање откако оној над него целосно ќе се предаде на временските услови и на негрижата. Само цврстото камено приземје засега успешно ја носи тешката историја и уште потешката сегашност на оваа градба. Влезната врата е заклучена и влезот е забранет.

На две места се поставени предупредувачки табли со големи, црвени букви, дека задржувањето во близина на објектот е опасно. Има одвај два метри меѓу ѕидот во распаѓање и масивната карпа отспротива, па минувачите немаат многу можности да се држат на доволно растојание и единствениот избор им е што побргу да ги претрчаат тие неколку метри покрај куќата. Оние пољубопитните, пак, наоѓаат безбедни точки за да ја набљудуваат жалната сцена, или, пак, за момент го игнорираат предупредувањето и го креваат погледот нагоре.

Уште една табла има на камениот ѕид во основата, на која со подолг текст и со поситни букви е објаснето зошто оваа градба е важна и заштитена со закон. Таму ќе се најде реченица дека таа е „типичен пример на органска архитектура, која ја следи конфигурацијата на теренот во изразит пад и типичен претставник на охридската староградска архитектура.“

Од документите што ги добивме од Министерството за култура, Агенцијата за катастар и од разговорите со Музејот на Охрид, Управата за заштита на културното наследство, Министерството за транспорт и со самиот сопственик, пак, произлегува дека куќата е типичен пример и за тоа како бирократијата успева да распадне еден културен споменик, дури и ако е заштитен со закон и му припаѓа на еден од најбогатите луѓе во земјава.

Чекор по чекор од иницијатива до блокада

На куќата има предупредувачки табли дека задржувањето во нејзината близина е опасно | Фото: БИРН

Податоците што ги добивме од катастарот и од разговор со охридскиот музеј покажуваат дека куќата била прогласена за културно наследство во 2010 година со ревалоризација. Тоа значи дека таа била заштитена и порано, а сега тоа се потврдило врз основа на нов закон за културно наследство.

Една година подоцна, со решение за приватизација од Министерството за финансии, таа им припаднала на двајца сопственици од Охрид. Минчо Јорданов ја купил од нив во 2014 година.

Појавувањето на неговото име како сопственик разбуди сомнежи дека куќата, кога ќе се дораспадне, ќе се отпише од заштитата и ќе отвори простор за изградба на некој нов, иако мал објект. Сепак, документите што ги добивме со пристап до информации од јавен карактер, а кои ја откриваат комуникацијата меѓу институциите во врска со обидот да се обнови објектот, откриваат малку поинаква реалност.

Во 2019 година, преку својата градежна компанија „Бетон“, Јорданов подготвил проект, кој предвидува уривање на објектот, за тој да може да се реизгради, по што поднел барање до Министерството за транспорт и врски. Оттаму, пак, со оглед дека куќата е заштитена, го препратиле предметот до Управата за заштита на културното наследство.

Бидејќи е во Охрид, град под заштита на УНЕСКО, Управата побарала мислење од Комисијата за управување со светското културно и природно наследство во охридскиот регион, меѓуресорско тело, во кое има членови од повеќе министерства и институции. Прашањето се нашло на седница пред членовите на оваа комисија во ноември 2022 година.

Членовите заклучиле дека објектот се наоѓа во зона на најстрога заштита, каде што според Планот за управување со наследството, максимално треба да се избегнува уривање на старите куќи. Имало и забелешки дека дури и тој целосно да падне, заштитата нема да престане и ќе треба да се обнови во оригиналната форма.

Препорачале дека барањето треба да се преименува и да биде за „делумно отстранување“, бидејќи и од самиот проект забележале дека нема сѐ да се урива, односно масивните делови од камен во основата ќе останат, а ќе се тргне само она што не може да се спаси или да се обнови. Дале и дополнителна препорака сѐ што може да се сочува, како тули, преградни ѕидови, греди и друго, да се складира и повторно да се употреби при обновата.

До управата вратиле мислење со кое ниту го одобруваат, ниту го одбиваат барањето за уривање, туку даваат препораки. Управата, пак, до Министерството за транспорт, во декември 2022 година доставила информација дека нема позитивно мислење, па, според тоа, Министерството не дало дозвола за уривање. Од тој момент, објектот е оставен да се самораспадне.

На крајот, сите се прогласија за ненадлежни

Делови од објектот висад над патеката | Фото: БИРН

БИРН стапи во контакт и со бизнисменот Јорданов, за да дознаеме какви се неговите планови со оваа куќа. Тој прво не можеше да се сети која е куќата на Петруш Вангелов, за потоа кусо да одговори дека бил свесен оти објектот е опасност за околината и предложил конкретно решение што треба да се направи.

Проблемот, тврди, е во тоа што документите две години се препраќале низ институциите во Охрид и во Скопје.

„На крајот, сите се прогласија за ненадлежни“, кусо одговори Јорданов и го прекина разговорот, објаснувајќи дека е презафатен.

Горан Патчев, директорот на Музејот во Охрид, институцијата што е директно задолжена за културното наследство во градот, вклучувајќи ја и оваа куќа, за БИРН рече дека нејзината ситуација е комплицирана, а обновата е заглавена во административни процедури. Како што додаде тој, институциите не можеле да се договорат дали може да се издаде одобрение за делумно уривање.

Сепак, тој нагласи дека мора што поскоро да се интервенира за да се отстранат непосредните опасности.

„Објектот е прогласен за наследство во опасност и се наложени итни мерки да се отстранат опасните делови. За среќа, досега немало инцидент, има ознаки за предупредување и минувачите се внимателни. Знам дека процедурата е заглавена, но никој нема да му забележи на сопственикот ако ги отстрани деловите што може да паднат. Ние можеме само да информираме и сме го сториле тоа, но немаме надлежност да преземеме други мерки“, додаде Патчев.

Од клуч на градот до заклучен проект

Канео се наоѓа веднаш до езерото, а повеќето куќи се од поново време | Фото: БИРН

Ова не е прво искуство што Јорданов го имал со обнова на стара куќа во Охрид. Пред 25 години, неговата донација беше клучна за повторна изградба на куќата на Григор Прличев, во центарот на Охрид. Оваа куќа, која се претпоставува дека е изградена во почетокот на 19 век, веќе била целосно руинирана, па како што своевремено ќе забележат од Музејот во Охрид, и самата обнова се правела според стара скица и разгледница од 1915 година.

Изградбата е завршена во 2000 година, кога семејството Јорданови свечено го предале објектот во сопственост и понатамошна грижа на Заводот и музеј – Охрид и функционира како меморијален музеј во кој се одржуваат културни активности.

Тогаш Јорданов беше прогласен за почесен граѓанин на Охрид, па симболично му беше доделен и клучот на градот.

Засега нема одговор што ќе се случи со куќата на Петруш Вангелов, ако некогаш се обнови. Намената, според директорот Патчев, ѝ е домување, тоа е станбен објект. Се наоѓа на место што е атрактивно бидејќи е на дваесетина метри до плажата и е во близина на популарни ресторани, но е тешко пристапно. Објектот, во оригиналните димензии, е помал од просечен стан, а дури и во евентуалното сценарио да се урне целосно и да се тргне заштитата, таму нема место за ништо поголемо.

Додека ја дочека конечната судбина, куќата на Петруш Вангелов ќе стои како симбол на целиот статус на Охрид како светско културно наследство на УНЕСКО: одвај се држи, но никој не прави ништо за да ги подобри работите.