Како по некое ново и непишано правило секоја општествена траума ги пресликува своите екстреми врз социјалните мрежи. Еднонеделното исчекувањето на конкретен датум за почеток на преговори со Европската унија (ЕУ) и на крајот јасната француска блокада ги имаа сите нишани на уште едно колективно бунило.
Затоа и овој пат на Твитер и на Фејсбук не недостасуваа невкусни шеги за бракот на францускиот претседател Емануел Макрон со 24 години повозрасната Брижит или по некој шовинистички изблик за канцеларката Ангела Меркел. Преовладуваа рововските скрин-шот битки меѓу „северџаните“ (погрден назив за поддржувачите на власта, СДСМ и на Преспанскиот договор) и „жмроните или вмраните“ (погрдни називи за поддржувачите на опозицијата и на ВМРО-ДПМНЕ), а се активираше и старата добра твитер-параноја за имигрантите.
Меѓутоа, посветлата страна на овој виртуелен пејзаж обично се шегите, разно-разните „опаски“ и мемињата кои исчекувањето на одлуката го врзуваат за други актуелни случки и личности.
Семјуел Рекет
Имаше твитови што се шегуваа со фамозниот датум во комбинација со аферата „Рекет“. Драмата „Чекајќи го Годо“ од Семјуел Бекет го доби насловот „Чекајќи го Датумо“ од Семјуел Рекет, а скрин-шот од видеото како Орце Камчев на врата го испраќа Боки 13 со парите в торба заврши како меме со наслов „И без датум да не си ми се вратил дома!“.
Неизбежна беше и нова варијанта од шегата со пратеникот Крсто Мукоски и со неговото отворање на вратите од Собранието, па затоа на Твитер беше предложено тој да оди во Брисел, оти, нормално, само „Крсто можел да ги отвори вратите од ЕУ“.
Мајтап падна и за практиката на власта да „шверцува“ закони по брза постапка ставајќи ги во категоријата со европско знаменце, иако тие не се однесуваат баш секогаш на евроинтегративнот процес. Затоа на Твитер имаше предлог да си изгласаме датум во Собрание со европско знаменце.
Тема на подбив беше и зголемувањето на минималната плата на 14.000 евра, потег што Владата го повлече токму оваа недела кога сите очи на јавноста беа свртени ко датумот од Европската унија.
„Ако и утре не добиеме датум минималецот се зголемува на 15 500 денари!“
Имаше и реторичко прашање дали ќе добиевме датум ако признаевме дека Гоце Делчев бил Французин. А, некои „утеха“ видоа во тоа што има датум за настапот на пејачот Дино Мерлин, којшто Град Скопје го најави за централната новогодишна прослава и во фактот дека сега во октомври и Норвешка не добила датум за преговори со ЕУ, без разлика што оваа скандинавска земја тоа и не го побарала.
Други, пак, мудруваа дека за „Добар Македонец нема лош датум“.
Датум? Имам дечко!
Се бараше и објаснување од премиерот Зоран Заев дали сега ЕУ не ни даде датум за преговори или ни го земаа тој од лани. Твитерџиите не ја оставија на мира ниту владејачката партија. Го „пингаа“ твитер-профилот на СДСМ со прашање „Датум дан требит?“ и го модифицираа слоганот „Нема правда, нема мир“ во „Нема правда, нема-датум“.
Стихот на Рацин од песната „Денови“ го видовме во нова верзија – „Ај пуст да е, пуст да би останал овој датум европски“. А, можеби една од најдобрите шеги во врска со исчекувањето на датумот е секако мајтапот со лажната наградна игра на Кам-маркетите поради која фејсбук-корисниците избезумено постираа „Го сакам Кам во поштенското сандаче“.
Од оние помалку политички оптоварени твитови ги издвојуваме досетката дека „Нема датум на крајот од тунелот“ и прашањето „Каде за втора вечер Датум?“, алузија на вечното прашање „Каде за втора вечер Нова година?“. Своја датумска верзија добија и веќе препознатливи интернет-шеги. „А, где је печат“ стана „А, где је датум“, „Еј, девојко? – Имам дечко!“ стана „Еј, Датум? – Имам дечко!“.
Модерна варијанта доби и насловот на книгата на српскиот актер Жарко Лаушевиќ „Годината поминува, денот никако“ – „ Година проџе, датум никад“
Меѓутоа, како се затвораат вратите на Самитот на ЕУ и како станува сѐ појасно дека државава нема да добие конкретен датум за преговори на социјалните мрежи повторно преовладуваат поделбите и пресметките пред хуморот.
Некои му се лутат на Макрон, а други се радуваат надевајќи се дека „корпата од Франција“ е последниот клинец во ковчегот на актуелната Влада и можност за второ полувреме од Преспанскиот договор.