Истражувањa

Како работеле државните претпријатија во 2015 година?

Едно од четири претпријатија во државна сопственост во Македонија лани работело непрофитабилно

Претпријатијата во државна сопственост лани инкасирале вкупно 780,4 милиони евра што е за 10,8% повеќе отколку во 2014 година. Приходите им се движеле од околу 25 илјади евра па до над 260 милиони евра.

Истражувањето ги опфаќа сите претпријатија во државна сопственост (јавни претпријатија и акционерски друштва) основани од Владата или од Советите на општините и Град Скопје кои доставиле годишна завршна сметка до Централниот регистар на Република Македонија. Во рамките на ова истражување се направени рангирања на 113 државни претпријатија според критериумите – вкупни приходи, остварени финансиски резултати и број на вработени.

Топ 10 државни претпријатија со најголеми приходи во 2015 година

Седум од десетте најголеми државни фирми лани ги зголемиле приходите / Фото: ЕЛЕМ

Седум од десетте најголеми државни фирми лани ги зголемиле приходите / Фото: ЕЛЕМ

На врвот на ранг листата на државни претпријатија според големината на приходите што ги оствариле во 2015 година убедливо е АД ЕЛЕМ со приходи од 261,4 милиони евра кои што се зголемени за 8,5% во однос на 2014 година.

Второ по големина според приходите, е рангирано ЈП за државни патишта, со инкасирани 94,9 милиони евра, што е за 18,8% повеќе отколку во 2014 година.

На трето место е АД МЕПСО со приходи од 85,1 милион евра кои се поголеми од претходната година за 28,6%. На четврто место е Јавното сообраќајно претпријатие (ЈСП) Скопје со приходи од 30,1 милион евра, а по него Македонски шуми со приходи од 28,9 милиони евра. Во првите десет најголеми државни компании се рангирани и Македонски железници Транспорт со инкасирани 27,2 милиони евра, АД за изградба и стопанисување со станбен и деловен простор со приходи од околу 26 милиони евра, Водовод и канализација со 23,2 милиони евра, Македонска пошта со 22,3 милиони евра и Македонска радиотелевизија со приходи од 20,9 милиони евра.

Седум од десетте најголеми државни фирми лани ги зголемиле приходите, додека кај три инкасираната сума е помала на годишно ниво. Приходите на првите десет државни фирми зафаќаат речиси 80% од вкупната инкасирана сума кај сите 113 претпријатија.

Финансиски резултати на претпријатијата

Освен што ги зголемиле приходите, државните фирми лани го зголемиле и профитот, а ги намалиле загубите.

Од вкупно 113 претпријатие во државна сопственост кои беа предмет на истражувањето, 84 пријавиле добивки во вкупна вредност од 40,1 милион евра. За споредба, една година порано, добивки прикажале десет државни фирми помалку, односно 74 компании. Во 2014 година, профитот што го оствариле сите јавни претпријатија изнесувал 29,5 милиони евра.

Вкупно 29 од сите анализирани 113 државни претпријатија, пак, лани имале статус на загубари. Прикажале вкупна загуба од 31,3 милиони евра, и во споредба со годината претходно, вкупните загуби се намалени за третина.

Топ 10 најпрофитабилни државни фирми

По одделни државни претпријатија, најпрофитабилно лани било АД МЕПСО, со добивка од 11,5 милиони евра, што е за 40,6% повеќе отколку во 2014 година. Ова е единствено државно претпријатие што остварило профит над десет милиони евра.

Од останатите на листата со најголеми добивки, второ е Јавното претпријатие за државни патишта, со профит од 8,9 милиони евра, што е за третина помалку од 2014 година. Потоа следува АД ЕЛЕМ со добивка од речиси 6,7 милиони евра, претпријатие кое во 2014 година имаше загуба од над 14 милиони евра.

Во првите десет со најголеми добивки се рангирани и АД за изградба и стопанисување со станбен и деловен простор со профит од 3,5 милиони евра, ЈСП со 1,18 милиони евра што е зголемување на добивката за десет пати за една година.

Потоа следува Македонски шуми со добивка од 1,16 милиони евра со што ова претпријатие излезе од листата загубари на која беше рангирано во 2014 година, Македонска радиодифузија со двојно поголема добивка, од околу 920 илјади евра, Македонска радиотелевизија со околу 840 илјади евра, Комуналец Гостивар со добивка од 735 илјади евра и скопското претпријатие Улици и патишта со заработка од нешто повеќе од 560 илјади евра.

Топ 10 најголеми државни загубари

Меѓу најголемите државни загубари, на врвот на ранг-листата е Јавното претпријатие за извршување водостопански дејности, ХС Злетовица Пробиштип чијшто биланс на успех покажува минус од дури 10,9 милиони евра. За споредба, ова претпријатие во 2014 година работело со добивка од приближно 10 илјади евра.

Со загуба од речиси 8 милиони евра, втори на листата со најголеми загуби се Македонски железници- инфраструктура, а треторангирано е претпријатието Стрежево Битола со загуба од 3,6 милиони евра.

Потоа следува Водовод и канализација – Скопје со загуба од околу 3 милиони евра и Аеродроми на Македонија со минусно салдо од 2,2 милиони евра.

Во првите десет најголеми загубари се рангирани и Проаква Струга со негативен финансиски резултат од околу 820 илјади евра, Македонија пат со загуба од околу 800 илјади евра, Македонски железници Транспорт со минус од околу 770 илјади евра, ЈП за водостопанство Лисиче од Велес со загуба од околу 470 илјади евра и скопското претпријатие Паркови и зеленило, со загуба од нешто повеќе од 300 илјади евра.

Топ 10 државни фирми најголеми работодавачи

Вкупниот број на вработени во претпријатијата во државна сопственост во 2015 година, според податоците доставени во Централниот регистар, изнесува 27.767 и е зголемен за 1,2% на годишно ниво.

Како што може да се види од ранг-листата на претпријатија според бројот на вработени, најголем работодавач е АД ЕЛЕМ со вкупно 4.527 вработени, меѓутоа на листата има и претпријатија со само 1 вработен.

Во десетте најголеми претпријатија според бројот на вработени, работат 62% од сите вработени во 113-те анализирани државни фирми.

Во првите 10 претпријатија во државна сопственост според бројот на вработени доминираат претпријатија во државна сопственост наспроти локалните претпријатија каде што се најдоа само скопските ЈСП, Комунална хигиена и Водовод и канализација.

Ова истражување е направено со цел да се изготви база на податоци за финансиското работење на државните претпријатија што би се користела како ресурс за натамошни истражувања. Истражувањето е направено преку прибирање, обработка и анализа на податоците што државните претпријатија ги доставиле до Централниот регистар на Република Македонија.

Податоците во excel формат се достапни овде.