Наместениот тендер на „Секјуриком“, лажниот стечај на „Те-то“ и акцијата против нелегалниот тутун во Љуботен, се само дел од истрагите што ги водеше Финансиската полиција под водство на Арафат Муареми во последниве две години.
Институцијата постои деценија и половина во рамките на Министерството за финансии. Главна задача ѝ е да ги заштити државните пари или како што вели директорот Муареми, таа е чувар на буџетот. Неа ја интересира дали се платени даноците, акцизите, дали соодветно се трошат парите од тендерите, а во втор план се другите видови финансиски криминал.
Пред да дојде на оваа функција, Муареми работел како истражувач во Специјалното јавно обвинителство (СЈО), кое во тоа време уживаше голема поддршка. Денес СЈО повторно е актуелно, меѓутоа овојпат поради сосема различна причина, поради вмешаноста на Катица Јанева во аферата „Рекет“.
Арафат Муареми е актуелен и зашто Финансиска полиција ја истражувала „солената“ трансакција на битолската градежна фирма „Пелистер“ кон една скопска пензионерка, која се врзува со Бојан Јовановски, осомничен во „Рекет“. Станува збор за 750.000 евра наменети на невладината на Боки 13, Меѓународен сојуз.
Обвинителството засега не ја инкриминира оваа необична исплата.
Актерите ги отфрлија сомнежите за парите
При крајот на 2017, банка пријавила во една друга институција, Управата за финансиско разузнавање дека има сомнителна трансакција. Потоа таа го информирало Обвинителството, кое, пак, ги замрзнало средствата, и ѝ се обратило на Финансиската полиција да ги истражи потеклото и намената на паричните средства.
Муареми вели дека колегите утврдиле оти градежната компанија од Битола префрлила над 700.000 евра на жена по основ на склучен договор за посредување. Пред да ѝ се исплатат парите во Финансиска полиција била викната пензионерката и таа им кажала оти тие ѝ се за проект што бил замислен како модерен европски центар за возрасни лица.
„Таа достави целокупна документација за проектот. Според нејзиниот исказ, проектот е поминат во претходната влада кога имало Ден на идеи и имал некоја потврда дека таа влада проценила оти навистина може да се реализира“, вака Муареми одговара на прашањето како пензионерката Лилјана Тодоровска ги убедила дека проектот е реален.
Директорот на Финансиската полиција објаснува дека пензионерката ги добила парите по основ на склучен договор за стратешко партнерство и деловна соработка, а објектот со дополнителни пари требало да го гради битолската фирма.
„Овие пари се давале само за изумот.“
Тоа не ви беше малку сомнително, го прашавме Муареми.
На почеток да, вели тој, но по жената го повикале и управителот и сопственик на градежната фирма од Битола. Муареми е внимателен и не спомнува имиња, меѓутоа во јавноста веќе е јасно дека станува збор за бизнисменот Силјан Мицевски и за неговата градежна фирма „Пелистер“.
„Неговата изјава соодветствуваше со изјавата на жената.“
Сепак, како што раскажува директорот на Финансиската полиција, тие продолжиле да истражуваат. Се сомневале во перење пари.
„Утврдивме дека парите што се префрлени на изумителот на проектот, се пари што се собрани од акумулираната добивка од минати години на фирмата. Не се сомнителни, не се пристигнати од некои трети фирми или од офшор-компании, кои може да ги легализираат на овој начин. И реално е дека компанијата работела успешно во минатите години.“
Нè интересираше дали од денешна перспектива, откако „пукнаа“ скандалите со Бојан Јовановски, Финансиската полиција, сепак, можеби требало да истражува повеќе.
Муареми тврди дека истражувале. Повторно ја викнале жената и ја прашале зошто сака да ги подигне парите во готово. Таа, пак, дошла со адвокат.
„Кога ние почнавме да ‘напаѓаме’ дека ова е фиктивно, првото нешто што направи нејзиниот адвокат нѐ праша: Чекајте, дали на државата ѝ се платени даноците? И навистина ни доставија потврда оти за таа трансакција е платен персоналниот данок на исплатените пари. Од друга страна, компанијата го платила данокот на добивка и сопственикот тврдеше дека тие се негови пари и ќе прави со нив што сака. И толку. Заднината на сето тоа не можеш да ја утврдиш додека не користиш други мерки како на пример посебни истражни мерки.“
Тука Финансиската полиција изготвила посебен извештај и го пратила во Обвинителство за понатамошно постапување. Парите се одмрзнале и жената ги подигнала. Сега таа тврди дека била ограбена од некој од Меѓународниот сојуз.
„Да го кажеше тоа во тоа време, истрагата сигурно ќе имаше друга насока“, вели Муареми.
Азманов требало да пријави во МВР
По оваа фамозна исплата од 750.000 евра на крајот од 2017, наредната година друг член од Меѓународниот сојуз добил 233.000 евра од сосема друга градежна фирма. Како што објави Телма, потпретседателката на Сојузот, Јасна Мандиќ парите ги добила од струшката фирма „Дрим билдинг“.
Директорот на Финансиската полиција открива дека за оваа исплата тие како институција не биле алармирани на начинот на кој биле информирани за исплатата од 750.000 евра.
„Управата за финансиско разузнавање можеби пријавила на друга институција, не знам. Некаде во април, мај годинава од оперативни сознанија дознавме дека на сличен начин е извршена уште една трансакција, но на друго физичко лице. Сакав фирмата да пријави кај нас. Зошто кога имаш две идентични работи – е тогаш нешто се случува“.
Едно од клучните прашања до сите институции, алки во истражниот систем е зошто никоја од нив не реагираше во моментот кога бизнисменот Зоран Азманов на прес-конференција објави дека Бојан Јовановски изнудувал пари од него – му барал 50.000 евра или стан.
Муареми потсети дека главната задача на Финансиска полиција е да ги штити интересите на државата, односно буџетот и додава:
„Такво нешто Азманов би требало да пријави во МВР.“
Во екот на аферата „Рекет“, на социјалните мрежи кружи видео од роденденската прослава на телевизијата 1ТВ, во кое се прикажува како Арафат Муареми, заедно со половина министри од владата и други функционери како илустрација на врските на сега првоосомничениот Бојан Јовановски со политичкиот естаблишмент.
„Јас како претставник на Финансиската полиција сум бил на многу настани. И секогаш ги почитувам сите. Таму беа сите јавни личности… “
„Но, од друга страна ние треба да бидеме достапни за сите. Јас тука примам по 20 граѓани на ден. Некои се жалат, други се фалат, трети пријавуваат нешто. И секогаш ние треба да бидеме достапни. Таква е и политиката на оваа Влада да биде достапна“
Истрагата за „Водовод“ откри октопод од компании
Пред одморите, Финансиската полиција ја затвори истрагата за странската инвестиција во гасната централа „Те-то“ и како што информира Муареми, обвинителството веќе постапува по неа и испрашува луѓе од странство.
Истрагата се сомнева во перење пари, зошто она што во државава било прикажано како странска инвестиција, всушност било заем од кипарска фирма зад која стоел руски капитал.
„Кога државата се фалела дека има странска инвестиција од 160 милиони евра, тоа реално било заем со рок на доспеаност. И тоа не го прикажувала тогашната влада“, вели Муареми.
Тој раскажува дека заемот требало да се врати до крајот на 2030, меѓутоа првиот човек на „Те-то“ свесно и спротивно на статутот на ТЕТО, без одлука на Управен одбор решил тоа да го направи многу порано и бидејќи фирмата немала толку пари да врати во моментот, отишла во стечај. И стечајната постапка не била според правилата.
„Во овој случај оштетени се акционерите, Топлификација АД кои имаат 20 отсто од компанијата“, објаснува Муареми.
Една од истрагите за која се зборуваше во минатиот период е и онаа за австриската фирма „Алпине бау“, која го градеше новиот објект на скопски „Водовод“ на кејот на реката Вардар како дел од проектот „Скопје 2014“.
„Не знаевме дека ова е еден октопод на компании. Чекаме да се смири ситуацијата во правосудните органи за да го предложиме како добар случај. Фирмите се утврдени, тие се затворени – умрени фирми. Проблеми имаме да ги најдеме управителите на тие фирми, дел од нив се корисници на дрога, лица коишто ниту знаат, ниту знаеле што потпишуваат.“
Во „бомбите“ на Заев се слуша дека во времето на ВМРО-ДПМНЕ пари се префрлале во Унгарија, тоа е земјата каде што Никола Груевски доби азил, а исто така од Будимпешта дојдоа анонимните инвеститори во медиумите блиски до опозицијата.
Муареми вели дека она што се однесува околу „бомбите“, тоа е надлежност на СЈО.
„Делот околу начинот на финансирање на медиумите – тоа го истражуваме. Чекаме одговор од унгарските власти да утврдиме чии се тие пари.“