Интервјуа

Како се создаваше „Јон Вардар против галаксијата“

Интервју со Гоце Цветановски, режисерот на првиот анимиран долгометражен филм од Македонија

„Во галаксија, не толку многу далечна, има опасно и моќно оружје, кое може да го избрише целото постоење. За несреќа, тоа се наоѓа во главата на еден тотален лузер.“

Ова е најавата за првиот македонски анимиран долгометражен филм „Јон Вардар против галаксијата“, каде што главниот херој има супермоќ да запаѓа во неволји. Во ова интергалактичко патување за целото семејство, главни улоги имаат и емоционално незрел робот, како и многу, многу вонземјани.

Ако „Снежана и седумте џуџиња“ е првиот долгометражен анимиран филм што излезе пред светската публика во 30-тите години на минатиот век, речиси деведесет години подоцна, Македонија доби свој.

И додека оваа хумористична приказна веќе тргна на својата киноавантура низ државата и светот, нејзиниот автор, режисер и продуцент Гоце Цветановски, од своето домашно студио во Скопје се потсетува низ што сѐ поминал тимот за да се добие резултатот.

„Мене дури и сега ми е чудно што немам некој филм да го завршам. Ми стоеше како облак над мене“, вели Цветановски.

Три години траело само барањето на партнери. Анимираниот филм е направен со финансиска поддршка од Агенцијата за филм на Северна Македонија, а копродуценти се и Хрватска, Унгарија и Бугарија. Вкупниот буџет од 1,1 милион евра, кој за Цветановски првично изгледал мошне голем, се покажал како „стриктен минимум“ за проект од ваков калибар.

Уметнички директор е познатиот домашен илустратор Михајло Димитриевски – Тхе Мичо, а директор на анимација е Димитар Ѓоргиев.

„Уште од почетокот сакавме филмот да биде за сите возрасти. Да биде на некој начин фамилијарен филм“, објаснува Цветановски.

„Сакав да биде комедија, која ќе биде мошне динамична, со голем број шеги“, додава тој.

Или како што тој би го нарекол, „Чарли Чаплин хумор“, каде што на ликовите им се случуваат некакви физички незгоди, кои им се посмешни на децата.

Гледајќи го „Јон Вардар против галаксијата“, станува јасно дека носи свежина на скромната македонска анимирана сцена. Со карикатуралните ликови и лесниот хумор, се одвојува од примерите каде што приказната се основа на стереотипи за Македонците или за Балканците воопшто.

Анимираниот филм можеби не оди подлабоко во приказната, ама цели подалеку, кон светскиот пазар.

Од идеја за крими-трилер до комедија

Херојот Јон Вардар во акција

Помладите би го препознале Цветановски како еден од режисерите што имале работено на популарната анимирана серија „Светот на Биби“.

За „Јон Вардар против галаксијата“, пак, Цветановски користи референци од филмските класици, како „2001: Одисеја во вселената“ на Стенли Кјубрик, „Аватар“ на Џејмс Камерон или од романот што подоцна беше екранизиран – „Автостоперски водич низ галаксијата“.

Самиот признава, „ако барате низ филмот, сигурно ќе најдете стотина различни филмови што може да ги препознаете“.

Според него, најголемо влијанија врз хуморот во „Јон Вардар против галаксијата“ е Чак Џонс, еден од најпознатите американски аниматори: автор на „Ушко Долгоушко“, „Брзата птица итрица“ и ред други класици.

Ликовите настанале од серија цртежи на Тхе Мичо во 2010 година, кој ги правел секое утро како загревање пред работа.

„Мичо има изградено стил што веќе е препознатлив и денеска да видам негов цртеж, ќе речам: ‘аха ова е Мичо’“, му се восхитува Цветановски.

„Му реков, ‘Слушај, морам да напишам нешто за ова’. На некој начин на зафрканција почнав да разработувам приказна со многу вонземјани. Пред да постои Јон Вардар, едноставно постоеја многу вонземјани“, продолжи да раскажува.

Но, приказната претрпела многу варијации. Првично филмот бил замислен како крими-трилер, во кој Јон Вардар би бил сериозен лик.

За „Јон Вардар против галаксијата“, пак, Цветановски користи референци од филмските класици, како „2001: Одисеја во вселената“ на Стенли Кјубрик, „Аватар“ на Џејмс Камерон или од романот што подоцна беше екранизиран – „Автостоперски водич низ галаксијата“.

„Кога почнавме да го пишуваме сценариото, мене некако едноставно ме тераше на комедија. Не можев да го земам сериозно, бидејќи ликовите по кои ја разработивме приказната се смешни“, раскажува Цветановски.

И така, од неколку кратки приказни, се создало сценарио од 90-тина страници. И од мрачна приказна за возрасни, се разви во комедија, во која вонземјаните зборуваат на македонски јазик.

А, кај роботот Зарк, еден од главните ликови, се наслушнува и дијалект.

„Во македонскиот јазик има многу убави дијалекти“ вели Цветановски, појаснувајќи дека се работи за говор од демирхисарскиот крај, од каде што потекнува дел од неговата фамилија.

„Затоа што е луд, затоа што е мегаломан“, се смее тој.

„Како автор, ги сакам ликовите што имаат повеќе мани. Повеќе ме интересираат негативците затоа што мислам дека за добар филм, мора да имаме добар негативец. Конфликтот е тој што ја води приказната, што нѐ држи заинтересирани“, појаснува Цветановски.

Тој студирал филм во Париз, Франција, каде што живеел 17 години. Во 2015 година се враќа да живее и работи во Македонија, како креативен директор на Lynx Animation Studios.

Но, неговото прво искуство со анимиран филм го имал уште во 2009 година, за кратката хорор-приказна за Јованче и Марика.

Дотогаш, последните анимирани филмови во Македонија биле направени во 1980-тите. И за 10 минути продукција биле потребни две години работа.

„Уште тогаш видов колку е мачно и бавно да се работи на анимиран филм, посебно во недостиг од екипа. Ај, со буџетот ќе се снајдеш, ќе работиш повеќе, еден човек ќе работи за тројца“, додава тој.

„Сите можни грешки ги направивме“

Цветановски со полна пареа веќе работи на други проекти | Фото: БИРН

Што е најлошото што може да се случи? Оваа реченица која ќе ја најдете во најавата и служи како мамка за да ве заинтригира филмот, всушност целосно функционира и како најава за заплетите што ги следеле во вистинскиот живот. На моменти дури изгледа дека приказната за изработката на овој филм има подеднаков број перипетии колку и самото сценарио.

На „Јон Вардар“ работела екипа од триесетина луѓе. А, само двајца биле аниматори.

„Целата екипа заедно учевме. Никој го немаше поминато патот да се направи еден филм од почеток до крај“, посочи тој.

„Мислам дека сите можни грешки ги направивме што можеа да се направат. И не само што ги направивме сите можни грешки, туку некои грешки сигурно и ги измисливме“, низ шега вели Цветановски.

Но, токму кога филмот навлегол во завршната фаза и се очекувало да биде завршен во 2021 година, се случи ковид-пандемијата.

„Тоа беше погубно.“

Покрај отежнатата работа, доцнеле и средствата, бидејќи буџетот за култура беше пренаменет. За да ја задржи екипата, направил потег што не го препорачува никому – го продал својот стан.

„Не правете го ова дома, деца!“, додава низ смеа.

Цветановски со полна пареа веќе работи на други проекти за играни филмови, како и втор долгометражен анимиран филм.

„Сѐ додека работам филм, јас сум среќен,“ вели тој.

Но, неизвесно е и тие кога ќе бидат готови, откако Агенцијата за филм го укина конкурсот за финансиска поддршка на филмски проекти за 2024 година. Во одлуката се наведува дека Агенцијата утврдила „неправилности и незаконитости“.

„Ако имало погрешна политика во Агенцијата за филм, тогаш треба да се казнат тие што ја направиле грешката. Наместо да се казнат тие што згрешиле, се казнуваат филмските автори“, реагира Цветановски, додавајќи дека „филмската уметност веќе дише на шкрги“.

Минатиот месец, „Јон Вардар“ ја имаше светската премиера на „Ситџес фантастик филм фестивал“ во Шпанија, а својата домашна премиера ја имаше на фестивалот „Киненова“. Цветановски е задоволен од досегашниот прием. Во тек се преговори и за светска дистрибуција.

Суптилно најави и можна планетарна авантура.

„Не знаеме дали ќе можеме да го проектираме и надвор од планетата, иако и тоа ни е во план. Зошто да не? Можеби ќе биде првиот филм проектиран во вселената.“