Анализи

Како згасна кинокултурата во Скопје

Од 12 кина во 1970-тите до само едно, и тоа со расипан проектор

Одвај десетмина во понеделникот вечерта, кога е ударниот термин, го гледаа најновиот домашен филм во единственото големо градско кино во Скопје – киното „Милениум“.

Киното изгледа запуштено. Одамна не се направени потребните поправки и не е реновирано со години. Столчињата се видно застарени и речиси секое седиште е оштетено. Некои посетители се жалат дека за време на зимските месеци, салата е студена.

Освен тоа, проекторот во киното е расипан со месеци и поради тоа филмовите се прикажуваат со помал квалитет.

Од Младинскиот културен центар (МКЦ), кој го менаџира киното „Милениум“, велат дека проекторот што моментално се користи е застарен и дека се собираат пари за нов, но таквата инвестиција била голема.

„Дури и поправката на сегашниот проектор би чинела околу една третина од цената на нов проектор,“ објаснуваат од МКЦ.

Надвор од главниот град, градски кина има во Битола, Прилеп и во уште неколку градови. На пример, градско кино неодамна е отворено во Ресен, но не е добро посетено, во град со население што континуирано опаѓа.

Репертоар на скопските кина од 1977 година | Фото: БИРН

А во Велес и во Свети Николе, филмови прикажува приватната компанија „Киноверзум“, која планира да отвори и кино во Штип. Но, во истите градови нема кина поддржани од локалните власти.

Потпомогнати со општински пари, градските кина нудат поевтини билети и разновиден репертоар во кој има и културна програма со едукативна улога.

Сепак, тие одамна станаа загрозен вид во Македонија.

Поминати се времињата од 1970-тите и од 1980-тите, кога секој ден во Скопје активни биле 12 кина, рамномерно распоредени низ целиот град. Отсечокот од весникот „Вечер“, кој го најдовме во една од скопските библиотеки, потсетува дека на 17 мај 1977 година, во киното „Култура“ се прикажувал домашен документарец, во Вардар 1 играл американски, а во Вардар 2 италијански филм, додека во киното во Влае се пуштало некое дело на шведската кинематографија.

„Било проблем да се набави билетот навреме зашто бргу се распродавале. Шиткачите, кога ќе дојдеа на каса, ќе купеа 20 билети и половина сала ‘отиде’“, се потсетува филмскиот критичар Влатко Галевски на едно поинакво време.

Денес, повеќето од овие кина се одамна затворени и никаде не се чека ред за купување билети. А малкуте градски кина што сè уште работат, се најчесто посетени од мала публика.

Повремено може да се забележи поголема публика доколку станува збор за детски роденден.

Надвор од домовите, каде што се следат најмногу стриминг-сервисите Нетфликс и Ејч-би-о, филмови може да се гледаат и во комерцијалните кина во моловите, но таму цените на билетите се драстично повисоки и репертоарот речиси исклучиво се потпира на блокбастери.

„Скапа е културата и затоа општините бегаат од неа“, вели Слаѓан Пенев, селектор на меѓународниот фестивал за филмска камера „Браќа Манаки“.

Без простори за филмската култура помогнати од општините, дали филмот како уметност станува недостапна за многумина граѓани во Македонија?

Скопските кина во минатото и денес

Не работи оригиналниот проектор | Фото: БИРН

„Со другарки по неколкупати одевме да го гледаме ‘Брилијантин’ со Џон Траволта“, носталгично се потсетува повозрасна скопјанка на нејзината младост.

Таа опишува филмска култура што е речиси непрепознатлива за помладите генерации.

Фамилијарно одење во кино на партизански филмови. Долги редици за блокбастерот „Ајкула“ на Стивен Спилберг. Во близина се врткале шиткачите, подготвени да препродадат билети на тие што не стигнале до билетарницата навреме. Еротски филмови во киното „Напредок“, во Чаршија близу Бит-пазар, а детски филмови во киното „Бамби“, во долните простории на киното „Култура“ во центарот на градот.

По цел ден играње во градскиот парк, па гледање филм проектиран кај кафеаната „Маргер“, која одамна не постои. Како деца се враќале по проекцијата во 10 часот, мртви уморни.

Селекторот Слаѓан Пенев и филмскиот критичар Влатко Галевски имаат слични сеќавања од 1970-тите и од 1980-тите, како златни времиња за филмската култура во Македонија, а посебно во Скопје.

„Кината едно време беа храмови на културно осознавање, беа прозорец кон светот“, вели Галески.

Кино Милениум | Фото: БИРН

Тој го нарекува поранешното Скопје „кинометропола“ и „град-мултиплекс“, бидејќи градот во 1970-тите имал околу 300.000 жители, а дури 12 киносали и 4 летни простори за прикажување филмови.

Наместо блокбастери и холивудски филмови, Галевски памети поразновиден репертоар во скопските кина. Се гледале италијански, француски и руски продукции, а посебно популарни биле индиските филмови.

Се сеќава дека мексиканскиот „Мајко, слушај ја мојата песна“ и индискиот „Бидаи“ ги гледале околу 150.000 жители, или половина од популацијата на главниот град во тоа време.

Филмови се прикажувале и надвор од киносалите. Пенев раскажува како, кога тој бил студент, често одел на саботно матине во Музејот на современа уметност (МСУ), кое било организирано од ентузијастичен филмофил. Се прикажувале филмови на Вернер Херзог, од францускиот нов бран, филм ноар и многу други жанрови.

Денес вакви филмски ретроспективи со многу ниски цени претежно се прават во Кинотека и некогаш во киното „Фросина“ во МКЦ.

Но, освен таму, „не знам дали би имало исплатливост други кина да имаат некоја програма што не го вклучува Марвел и слични филмови,“ вели Пенев.

Тој посочува дека проблем за локалните кина се и авторските права на филмовите, кои се значајно поскапени во последните години. На мал пазар, како македонскиот, секогаш не може да се покријат овие трошоци. Најчесто филмовите стигнуваат фестивалски и за нив некогаш може да се плати по 1.000 -1.500 евра.

„Сега нема под 500 евра да најдеш филм. Колку билети можеш да продадеш за да ги извадиш тие пари?“, додава Пенев.

Нови технологии или недостиг од филмска култура?

Потсетник за Кино Карпош | Фото: БИРН

Скопје има многу кина сѐ до 1990-тите, кога бројот на овие кина драстично се намалува. Токму во оваа деценија, Македонија поминува низ големи политички и економски промени, кои имале ефект и врз културата.

„Градските кина пропаднаа кога го денационализираа објектот на киното „Вардар“ и кината останаа без објект“, вели Пенев.

Двајцата соговорници, за БИРН, објаснија дека филмската култура била генерално финансиски достапна во 1970-тите и во 1980-тите.

„Кај нас и економскиот момент е битен, денес не е евтино да се отиде во кино“ вели Галевски.

Сепак, не може да се каже дека намалената посетеност во скопските кина се должи само на економските фактори. Голема улога игра и технологијата.

Во 1990-тите се појавиле ВХС касетите, кои им овозможиле на многумина да гледаат филмови во своите домови. Денес, таков ефект има интернетот и особено стриминг-услугите, како Нетфликс.

„Домашното кино сега е поатрактивно од излегување, облекување, плаќање билети,“ објаснува Галевски.

Развојот на технологијата нема ефекти само врз дистрибуцијата и начинот на гледањето на филмовите, туку и на самата форма и изглед на овој медиум.

„Денес киното е технологија. Секоја втора сцена е правена со CGI специјални ефекти, повеќе има ефекти отколку содржина. Техникалија стана филмот,“ вели Галески иритирано.

Овие трендови јасно се гледаат на светско ниво. На пример, лани, комерцијално најуспешен бил „Аватар: Патот на водата“ на Џејмс Камерон – филм што користи напредни специјални ефекти и е често прикажан во кината во 3Д.

Филмот заработил над 2,3 милијарди долари.

Екстремно популарни се и суперхеројските филмови на Марвел, како „Чувари на галаксијата“ (Guardians of the Galaxy) и „Црниот пантер“ (Black Panther). Но, некои филмски работници и филмофили сметаат дека ваквите продукции ја уништуваат филмската уметност.

Во 2019 година, легендарниот режисер Мартин Скорсезе, во интервју, кажа дека смета дека Марвел филмовите не се „кино“ и ги спореди со забавни паркови. Изјавата доби многу негативни реакции од фановите на Марвел, но беше пофалена од колеги од филмската фела, како Францис Форд Копола и Џенифер Анистон.

Галевски, исто така, не ги смета ваквите филмови за вистинска уметност, сметајќи дека голем број од нив се обична забава без многу содржина. Според него, една од главните причини зошто толку малку се оди во кино е лошиот репертоар.

„Тоа што ни се покажува во кината веќе е на многу ниско ниво,“ вели Галевски, прашувајќи се дали филмот ќе остане уметност на 20 век.