Три со три

Каракашова-Шулев: Како членови на ДКСК не се чувствуваме повикани да дадеме оставки

Интервју со заменик-претседателката на Антикорупциската комисија, Билјана Каракашова-Шулев

Актуелната ситуација во Државната комисија за спречување корупција е „сериозна и загрижувачка“, вели заменик-претседателката на оваа институција, Билјана Каракашова-Шулев.

Една недела откако претседателката на ДКСК, Татјана Димитровска е осомничена за оддавање службена тајна во случајот „Адитив“ и ѝ се определени мерки на претпазливост, Каракашова-Шулев вели дека во меѓувреме членовите на комисијата се трудат институцијата да продолжи да функционира „законски транспарентно и независно.“

Денеска, Димитровска издаде соопштение, во кое вели дека комуницирала со семеен пријател, но не била вмешана во корупција. Таа воопшто не ја споменува можноста да даде оставка. Според заменичката на ДКСК, другите членови не може да поднесат оставка заради индивидуална одговорност.

Пред да биде избрана за член, Каракашова-Шулев шест години работеше во самата комисија, а сега како заменик-претседателка, всушност, и ја води.

Таа не е многу позната за пошироката јавност, но во моментот кога нејзиното име се појави како човек што сега ја води институцијата, се појавија и дилемите за тоа дали има конфликт на интереси поради тоа што нејзиниот сопруг Александар бил донатор на владејачката ВМРО-ДПМНЕ.

Заменик-претседателката, за БИРН, вели дека ова било споменато и во предметот што ДКСК го работеле за Академијата за судии и јавни обвинители и дека тогаш комисијата се произнела дека нема судир на интереси, а истото, како што вели, го потврдил и Управниот суд.

БИРН: Дали, како членови на ДКСК, сте размислувале или, пак, можеби веќе правите проверка на предметите што се сработени додека прв човек на комисијата е Димитровска?

Каракашова-Шулев: ДКСК останува целосно функционална и посветена на исполнувањето на своите законски надлежности, и покрај актуелната сериозна и загрижувачка ситуација. Впрочем и согласно Законот за спречување корупција и судир на интереси се овозможува и наложува да продолжиме со работа во случај на спреченост на претседателот.

Сметам дека работата на ДКСК како институција е многу значајна и затоа продолжуваме и мора да продолжиме. Во изминатите денови се прилагодувавме на новонастанатата ситуација и се трудиме да обезбедиме институционална стабилност и континуитет во работата.

Во однос на претходно сработеното, во моментов цениме дека на оние одлуки што се донесени колективно од комисијата на јавна седница нема потреба да им правиме проверка затоа што и во моментов немаме подетални информации од оние што се објавени во јавноста. Конкретниот настан е во надлежност на правосудните органи и тие мора да го расчистат случајот, а ние во меѓувреме ќе работиме на внатрешни контролни и превентивни механизми.

И двата предмета што досега беа одбиени од актуелниот состав на ДКСК поврзани со случајот „Адитив“ се донесени колективно на јавна седница од комисијата и се согласно законот и деловникот.

Во изминатиот период презедовме мерки во институцијата, врз основа на она што се достапни информации за изречените забрани.

Не можеме да коментираме во име на претседателката

Каракашова-Шулев апелира ситуацијата да се надмине што е можно побрзо | Фото: БИРН

БИРН: Гласни се повиците во јавноста Димитровска да поднесе оставка, а во некои случаи се бара оставка и од вас како членови на ДКСК. Каква е вашата позиција во однос на овие прозивки?

Каракашова-Шулев: Ние сме свесни за сериозноста на ситуацијата и вложуваме максимални напори внатре во институцијата да ја надминеме, но истовремено мора да внимаваме и на пресумпцијата на невиност, која е загарантирана за сите граѓани вклучително и за избраните и именуваните лица. Во однос на повиците за оставка на претседателката, не можеме да коментираме во нејзино име и од нејзина позиција. Сметам дека таа лично треба да се произнесе во однос на тие повици.

Во интерес на функционирањето на институцијата и зачувувањето на довербата, но и во јавен интерес е ситуацијата да се надмине што е можно побргу. Ние, во меѓувреме, како членови ќе вложиме максимални напори да продолжи да функционира институцијата законски и транспарентно и независно. Мислам дека ќе биде потребно долго време, но дека може да ја надминеме ситуацијата.

Во однос на прозивките за оставки од членовите на ДКСК, не се чувствуваме повикани да дадеме оставки за постапки што се водат за индивидуална одговорност.

Подготвени сме да ги преразгледаме нашите предлози за јавните набавки

„Жал ми е што нашата проверка на Законот за слободен пристап до информации предизвика загриженост“ | Фото: БИРН

БИРН: Неодамна, ДКСК изврши административна проверка на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер и, меѓу другото, побара да се преиспита обврската да се објавува целокупната документација за јавните набавки. Тоа наиде на остри критики од  невладиниот сектор. Каков е вашиот став во однос на ова?

Каракашова-Шулев: Свесни сме за острите реакции од невладиниот сектор и за изразената загриженост од нивна страна дека ќе предизвика затворање на институциите, особено за острите реакции за препораките за Законот за јавни набавки.

Јас би сакала да нагласам дека целта и намерата на дадените препораки не беше да се ограничи транспарентноста, туку напротив да се усогласат одредбите од Законот за јавни набавки, каде што е уредено начелото за транспарентност и кои документи се објавуваат и тоа да биде усогласено со Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, а со цел да се намалат дискрециските овластувања на имателите на информации во однос на тоа што и како објавуваат на своите веб-страници.

Дефиницијата во Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер е широка и може да остави простор за дискрециско и своеволно одлучување на раководните лица при објавувањето на документацијата на нивните веб-страници.

Значи од една страна, во Законот за јавни набавки се дефинира кои документи треба да се објават, а во Законот за слободен пристап до информации е оставен простор за пошироко толкување. Не е целта да се оди кон потесното толкување за тоа што треба да се објави, туку да се усогласат законите.

Жал ми е што на овој начин беше разбрано во јавноста. Би сакала да истакнам дека транспарентноста во јавните набавки е еден од приоритетите на ДКСК, а тоа  е видливо и во националната стратегија за спречување корупција и судир на интереси, каде што јавните набавки се една од хоризонталните области што генерираат ризик од корупција во сите сектори на општеството и таму  е предвидено зајакнување на надзорот во однос на објавувањето на информациите за јавните набавки.

Дополнително во 2024 година, кога на собраниска седница беа измените на Законот за јавни набавки од наша страна, преку иста ваква проверка, имаше реакција во која беше потенцирано значењето токму на транспарентноста во процесот на јавни набавки.

Жал ми е што нашата проверка предизвика загриженост, но ја препознаваме и подготвени сме за дијалог со граѓанскиот сектор и со надлежните институции и подготвени сме дури и да ги преразгледаме нашите предлози.