Три со три

Каровска-Чемерска: Системска офанзива против правата на жените

Разговор со Драгана Каровска-Чемерска, програмска раководителка на Хера

Помина една четвртина од 21 век, а кога се во прашање правата на жените и родовата еднаквост, во светската политика сè почесто се отвораат прашања што се сметале за затворени во минатиот век, некои пред повеќе од 100 години. Идејата е дека жените треба да се вратат кон домаќинството, кон семејството и да им ја препуштат на мажите секоја улога во политиката, бизнисот, општеството и во донесувањето одлуки.

Иницијативи за ретрадиционализација на улогата на жената доаѓаат, не само од инфлуенсери и од активисти, дел од кои се жени, туку и од моќни политички структури што некаде се на власт, а некаде се силна и растечка опозиција од крајната десница. Влијателни милијардери-донатори, исто така, вложуваат дел од својот капитал во поддршка и промоција на овие наративи.

И сето тоа се случува во САД, во држави на Европската Унија, во земји што до пред една деценија или помалку се промовираа како најголеми поддржувачи на човековите права, вклучително и на еднаквоста на жените.

Во пресрет на 8 Март, Меѓународниот ден на жената, за овие теми и за нивната можна рефлексија во македонското општество и на домашната политичка сцена, разговаравме со Драгана Каровска-Чемерска, програмска раководителка на Хера, една од организациите што повеќе од две децении активно се бори за унапредување на родовата еднаквост.

БИРН: Што ни кажуваат светските трендови за промовирање на ретрадиционализацијата на улогата на жената? Во каков свет живеат денес жените, споредено со периодот од пред десетина години?

Каровска-Чемерска: Доколку направам споредба меѓу денес и изминатите десетина години, можам да кажам дека жените живеат во една чудна, парадоксална реалност, каде што институционално постои подобрување на нивните права, постојат правни механизми за заштита од дискриминација, но во реалниот живот не е баш така. Сведоци сме на една системска политичка контраофанзива, која не е само културен тренд, туку често е државна политика.

Правата, особено на овие простори, се стекнати речиси еден век. Не би рекла дека е тоа нешто увезено од Запад и многу е важно овој наратив да го смениме дека нас Западот нè спасува и дека ни воведува некаков феминизам или борба за женски права. Жените биле силно мобилизирани уште преку АФЖ, Антифашистичкиот фронт на жените. А борбата за женски права не е завршена ниту таму, ниту овде. И нема да биде уште долго време завршена.

Ова е само борба на жените. Ова е борба на едно општество. Имаме тука радикални антиродови и антидемократски групи, кои шират говор на омраза, дезинформации, денес со социјалните мрежи многу лесно може да создадат морална паника, каде што добиваме поларизација на општеството. Станува збор за прашање на безбедноста. Кои се тие? Дали некој се занимава со тоа кои се, зошто се тука и што прават? Која е големата слика?

БИРН: Како го коментирате тоа што дел од промоторите на овие иницијативи се политичарки или политички инфлуенсерки?

Каровска-Чемерска: Тоа не треба да нè чуди, затоа што ова е истражувано и во политичката теорија, и во родовите студии. Овие антиродови движења или радикални десници ги мобилизираат тие идеи за семејството, за враќање кон природниот поредок, кон традиционалните улоги и тука често публиката се жените. И тоа кажува дека антиродовите движења умеат многу лесно да артикулираат такви чувства на заштита, на припадност, вреднување на грижата на жените, кои на жените понекогаш може многу да им се допадне.

Многу често, тие процеси се легитимират преку присуство на женско лице, но е многу неблагодарно да се каже дека жените не треба да бидат присутни. Треба да се присутни, но треба да бидеме свесни дека често се легитимираат реформи, кои значат регрес на одредени стекнати права, преку давање порака дека не станува збор за некое угнетување на жените, туку за право на избор. И тоа фино може да се спакува како стил на живеење, женственост, традиционални вредности, враќање во природата, а во заднина станува збор за регрес.

Се демонизира родовата еднаквост како нешто што треба да се преговара, што може да се стави на маса или нешто што треба сега да одлучуваме дали треба да постои. Не, тоа е основна демократска вредност, основен принцип на кој почиваат сите демократски општества.

БИРН: Како овие појави може да се рефлектираат на македонската јавна и политичка сцена? Каква порака испраќа вмешувањето на овие наративи во јавниот дискурс во светот и како може да ја прочитаат домашните политички елити?

Каровска-Чемерска: Овие појави, дефинитивно, се рефлектираат кај нас на многу опасни начини. Домашните политички елити може да го прочитаат тоа како сигнал дека ветрот се менува. На глобално ниво, политиките се дека родовата еднаквост не треба веќе да се третира како демократски стандард, туку како нешто што е работа на преговори и дека може да се користи за мобилизација на гласачи, за дневно-политички дебати или профитирање.

Можам да кажам дека кога во влијателни држави или во европскиот јавен дискурс се појавуваат вакви наративи што го проблематизираат правото на избор, правото на телесна автономија, правото на политичко учество, на освојување јавни простори, присуство во јавниот дискурс или кога се стигматизира родовата еднаквост како некаква идеологија, а не како демократски принцип, тоа може да биде преведено тука како некаква дозвола да има регрес во однос на тие права.

Се става на маса и се разговара нешто што веќе речиси еден век претходно било апсолвирана тема. Тоа е нешто што нашите баби и прабаби го стекнале со борба, со дијалози, со нивно мобилизирање, со нивно учество во секакви процеси.

Граѓанските организации се посветени на тоа да не дојде до таков регрес, туку да се мобилизира критичко размислување од самото население, каде што самите жени или граѓани на оваа држава ќе се спротивстават на такви регресивни политики. Ќе бидат свесни дека тоа е на штета на нивниот заеднички живот, каде што ако сакаме да видиме економски прогрес, вклученост, општо растење на целата заедница, секој треба да си го искористи својот потенцијал непречено и без никакви забрани или оспорувања на основните човекови права.