На предната страна, на еден од мостовите во центарот на Кочани, распространо е бело платно, на кое со црвени букви пишува: „Години на молк секогаш водат до минута молк“, потсетник на трагедијата што го срози градот пред седум месеци.
Веднаш над него се издига билборд со еден од кандидатите за градоначалник и изборната парола „За живот во Кочани.“
Двете пораки рефлектираат поинакви реалности што се разминуваат во малиот град – една за животот со болка и борбата за правда на оние што ги загубија најблиските, а другата за трката за претстојните локални избори.
Во градот со 30-тина илјади жители, кои сѐ уште се обидуваат да го вратат животот во некаква нормала, по пожарот во дискотеката „Пулс“, кој зеде 62 млади животи, малку посрамежливо од претходно, непречено си тече изборната кампања.
Како никогаш досега, во Кочани се пријавени дури шестмина кандидати за градоначалници и девет советнички листи, што партиски, што независни.
Но, кампањата се одвива во тишина.
Во средата, кога екипата на БИРН го посети Кочани, еден од кандидатите за градоначалници од пазарот им ветуваше на тезгаџиите помодерен и побезбеден простор за работа. Друг кандидат, пак, држеше прес-конференција за проекти за подобра заштита од пожари.
На самиот влез во градот, „добредојде“ ни посакаа билборди со партиски лица и бројките што треба да се заокружат. Ветуваа подобра иднина, дом, живот… ако се направи „вистинскиот избор.“
„Кренав раце јас од ветувања. На овој град му треба соживот, му треба мир да се соземе и да продолжи да живее“, раскажува пензионерката Розина Ивановска.

Кејот на Кочани со поожолтените и подоткинати некролози од загинатите во пожарот | Фото: БИРН
Ја сретнавме на кејот, додека брзаше кон градинката за да го земе внучето.
Забележува дека кампањата тече и има потреба од промени, но не се надева дека промените ќе дојдат со овие избори.
„По она што се случи, во овој град никој не оди со дигната глава од почит кон починатите, живите, повредените и од почит кон нивните фамилии“, вели таа.
„Нема тука ни гласна музика, ни гласна смеа“, брзајќи одмавнува со главата.
На повеќето граѓани со кои разговаравме, не им беше дојдено до избори, иако коментираат дека недостигаат многу нешта во Кочани.
„Спортска сала нема, кино нема, парк нема, базен нема, улици, само згради се градат“, набројуваше момче во своите 30-ти.
Сепак, сите овие работи им беа во втор план.
На прашањето што му треба на Кочани, говореа за ставање крај на корупцијата, која доведе до трагедијата, за ресетирање на системот и да запре долгогодишната партизација на градот.
Родители на повредени или настрадани на листите

По некој билборд низ градот | Фото: Е. Петреска
Во Кочани, локалната политика со децении е во рацете на двете најголеми партии – СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, кои традиционално го држат мнозинството во општинскиот совет. Од нивите редови доаѓаат и тројцата поранешни градоначалници, Љупчо Папазов, Николчо Илијев и Ратко Димитровски – кои се меѓу обвинетите за пожарот во „Пулс“.
На претстојните избори, овие партии повторно имаат свои кандидати за градоначалник, заедно со уште две помали партии и двајца независни граѓански активисти. За 19 советнички места во Општината се пријавиле 170 кочанци.
Меѓу нив и многумина што лично ги почувствувале последиците од трагедијата.
„Ќерка му на Владко (кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ н.з.) беше меѓу погодените, на Соколова, која е четврта на листа, ѝ загина дете. Коцева од СДСМ има повредено дете, на Благица (од независната листа н.з) ѝ беше повреден синот…“
„На сите листи има по некој родител на повреден или настрадан во пожарот“, појаснува Илија Стефановски, долгогодишен новинар од Радио Кочани, кој ги следи случувањата во градот.

Билбордите со партискките противкандидати на растојание | Фото: Е. Петреска
Практично нема човек кој на своја кожа ја нема почувствувано трагедијата. Ако не во најблиското семејство, тогаш во поширокиот круг пријатели. И затоа, колку и да избегнуваат да ја споменат луѓето што сега ги водат изборните кампањи, таа тема е неизбежна.
А со неа и револтот на граѓаните.

Благица Сабовљевиќ-Стојменова | Фото: Е. Петреска
Оттука и подемот на независните граѓански листи. Меѓу нив и онаа на активистката Благица Сабовљевиќ-Стоименова, чиј син беше сериозно повреден во пожарот во дискотеката. Тоа за неа било дополнителен мотив да се вклучи во политиката, иако објаснува дека трагедијата не сака да ја користи во предизборната реторика.
Револтирана е од „деструктивните партиски политики“ и тоа што општината 15 години ја водат неспособни и упорни.
„Луѓето веќе во никого не веруваат, ни еден на друг, ниту во институции. Јас она што го гледам во Кочани е апатија, но таа може да експлодира“, раскажува Сабовљевиќ-Стоименова.
Смета дека за некои работи не смее да има компромис. Како, на пример, за дел од нивните предлози, кои не се многу популарни меѓу кочанци, како најавите за уривање на останатите угостителски објекти што се дивоградби, исто како што беше и дискотеката „Пулс.“
„Ако порано ми кажеле дека треба да се затвори диското, ќе помислев, бреј едно диско имаме и тоа ли ќе го затвораат?! Ама ете, тоа се затвори и тоа ‘затвори’ 200 куќи“, вели граѓанската активистка.
Без големи митинзи на отворено

Центарот на градот | Фото: Е. Петреска
Големите партии, сепак, не се откажуваат од Кочани. Имиџот е важен, исто како и победата. Бегаат од големите митинзи на отворено, какви што има во другите градови, ама присутни се насекаде.
СДСМ закажаа митинг во понеделникот, пред самите избори, ВМРО-ДПМНЕ, минатата недела организираа трибина во старото кино, каде што се поздравуваа со своите активисти. Дојде и премиерот Христијан Мицкоски, за на Кочани да му вети 100 милиони евра за инфраструктурни проекти, претставувајќи ја коалицијата на партијата на власт како единствен избор за кочанци.
Но, многумина се лути затоа што оваа власт повеќепати потфрли во помошта кога таа беше најпотребна, непосредно по пожарот. Некои од најпогодените зависеа од донациите, кои најпосветено ги собираа младите од градот, организирани во иницијативата „Супорт Кочани“.
„Очекувавме дека по трагедијата, политичарите ќе се преселат во Кочани и дека нема да излезат од градот додека не направат некаква промена“, велат оттаму, не криејќи го своето разочарување од тоа што, наместо промени, партиите дополнително ги поделија граѓаните.

Влезот на дискотеката „Пулс“ | Фото: Е. Петреска
Во ваква атмосфера, многу е тешко да се прогнозира и исходот од изборите.
„Десетина илјади веројатно е преоптимистично ако излезат да гласаат. Во просек гласаат меѓу 15 и 20 илјади. Независните ќе повлечат луѓе, но, иако на многумина им е доста од партиите, партиските машинерии ќе работат кога ќе дојде гласањето“, укажува новинарот Стефановски.
Се враќаме кон Скопје.
На излезот од градот е дискотеката „Пулс.“ Околу неа е тивко. Дивата вегетација веќе го опколила објектот. Влезот е затворен со црна железна врата потпрена со камен. Под неа се гледа на превитканиот црвен тепих и пластични шишиња. На прозорците на дискотеката што не се скршени, уште „зјае“ стиропорот, кој однадвор се гледа дека е залепен со лепак.
Сѐ уште има обезбедување. Еден млад и молчалив полицаец нѐ запира за да провери што правиме. Решението за работа го добил ден пред трагедијата. Вечерта бил изморен и не отишол во дискотеката.