Анализи

Кога малите дела носат тивки промени

Што ги мотивира луѓето да го менуваат светот околу себе

Новата година традиционално е период кога се сумира сработеното и се поставуваат приоритетите за периодот што следи. Во таа рамка, активизмот и волонтерството остануваат области во кои промените најчесто зависат од поединци или од неформални иницијативи наместо од системски решенија.

Иако нивната работа ретко добива институционална поддршка, ефектите се видливи и мотивирачки за многумина. Затоа БИРН споделува неколку приказни, за луѓето, кои, и покрај општата апатија, несебично го донираат своето време и знаење за општо добро.

Компјутерџијата што поправа и донира компјутери

„Доволно ни е да создадеме реална промена, таму каде што можеме“ | Фото: Донирај компјутер

Кога се зборува за двигатели на промени, невозможно е да не се спомене кавадарчанецот Борче Стаменов и неговиот волонтерски тим од иницијативата „Донирај компјутер.“ Околу една деценија, оваа организација собира и поправа половни компјутери, и потоа ги донира на деца и на семејства што не можат да си дозволат да купат компјутер.

Досега имаат собрано над 7.500 компјутери, од кои речиси 4.000 се поправени и донирани. Опремиле 101 кабинет во училишта низ целата земја, две одделенија во државни болници, неколку доброволни пожарникарски друштва, а помогнале и неколку стартап-бизниси со ИТ-опрема.

„За нас, 2025 беше година исполнета со многу донации и патувања за нивно собирање. По периоди на интензивен раст и голема видливост, оваа година повеќе се фокусиравме на тоа системот да работи стабилно и одржливо. Не беше година на спектакуларни бројки, туку на тивка и конзистентна работа. Повеќе внимание посветивме на собирање финансиски средства, без кои едноставно веќе не се може“, вели Стаменов.

Годинава што изминува донела различни предизвици за организацијата. Наместо со недостиг од опрема, почесто се соочувале со донаторски замор, ограничени ресурси и никаква институционална поддршка. Луѓето, како што вели Стаменов, се оптоварени со сопствени грижи, па волонтерството станува потешко.

Но, предизвиците ги научиле да бидат пофокусирани и поефикасни, а помалку зависни од моментални изблици на еуфорија. Чувството дека поради нивната работа, нечии животи стануваат барем малку полесни, им го одржува ентузијазмот на потребното ниво.

„Нашиот мотив никогаш не бил апстрактен. Тоа е конкретно дете, конкретно семејство и конкретна приказна. Кога ќе видите дете што за првпат има пристап до дигиталниот свет, учење и можности, станува јасно зошто оваа работа има смисла. Ние не се обидуваме да го смениме целиот систем одеднаш, доволно ни е да создадеме реална промена таму каде што можеме“, додава Стаменов.

Толкувачката што спојува два света

„Наместо да уживам во детството, ја преземав улогата на возрасен човек“ | Фото: БИРН

За себе вели дека припаѓа на два света – светот на тишината и светот на звуците. Викторија Волак е професорка што работи со учениците со оштетен слух во средното стручно училиште „Партенија Зографски.“ Таа е и толкувачка на знаковен јазик и често волонтерски помага во комуникацијата меѓу глувите лица и институциите по шалтерите, на студентите на факултет.

Револтирана е затоа што државата уште не успева да обезбеди доволно толкувачи за оние на кои тие им се потребни. Тоа го почувствувала на своја кожа, во најраното детство, бидејќи нејзините родители имале оштетен слух. Како мало девојче, редовно одела со нив по институциите, ставајќи се во улога на толкувач. Честопати се борела со терминологијата, на пример, како да им објасни што е тоа СИЗ (Самоуправна интересна заедница (СИЗ) е назив за државни органи во системот на самоуправен социјализам на поранешна Југославија). Или, пак, која е дијагнозата кога оделе на лекар.

„Јас бев постарото дете и, наместо да уживам во детството, имаше периоди кога ја преземав улогата на возрасен човек. Децата сакаат да им помогнат на родителите, но не е сеедно да му ја дадете таа обврска на сопственото дете“, вели Волак.

Оттука и желбата и мотивацијата, кога ќе порасне, да им помага на семејствата со глуви лица. Не бара надомест и среќна е што има разбирање од своето семејство бидејќи се случува да биде повикана и среде ноќ, за да помогне некому, во болница или во полиција.

„Ним (на глувите лица) им е непријатно бидејќи знаат дека и ние имаме приватен живот. Но, не бараат луксуз, тоа е парадоксот, не бараат некое право на првенство. Едноставно бараат достоинствен начин да ги остварат своите права“, вели Волак.

Среќна е што оваа работа ѝ била детски сон, но и тажна поради тоа  колку бавно се поместуваат нештата во земјава, кога се работи за глувите лица. За неа е привилегија што е дел од двата света, а најмногу ужива во училницата, кога е меѓу своите ученици.

„Најубав звук за мене е кога имаме гласно смеење. Уживам кога ги слушам, кога се смеат, кога се закачаат, кога им е убаво.“

Градинарот што го разубавува Скопје

Рајатовски редовно добива пораки од луѓе што сакаат да се приклучат | Фото: БИРН

Јавноста годинава го запозна 25-годишниот Андреј Рајатоски од Скопје, откако тој почна да ги снима и објавува на Инстаграм неговите акции за средување на јавните површини.

Вооружен со метла, гребло и дувалка, го сретнавме среде нова чистка на крајот на 2025 година, кога правеше здружена акција со Музејот на современа уметност.

Скалите со панорамски поглед кон Скопје беа обраснати со трева и грмушки.

„Сметам дека тоа што го правам е за општо добро и дека им помага на луѓето. Особено оваа акција, бидејќи местото е мошне фреквентно, а беше мошне запуштено. Со тоа што го исчистивме, го ослободивме просторот за луѓето што поминуваат тука“, рече тој, седнат на веќе исчистените скали.

Она што го направи „видлив“ во јавноста беа неговите видеа од акциите. Присутен е на сите социјални мрежи, а инспирација нашол кај други креатори на слични содржини. Омилени му се „пред и потоа“ видеата.

Среќен е што за толку кратко време веќе ги освои симпатиите на јавноста. Добива и пораки од луѓе што сакаат да се приклучат.

„Луѓето навистина сакаат да гледаат ваква содржина и кога веќе имам толкава поддршка, зошто да не продолжам кога и мене самата работа ми е сатисфакција. Кога и да шетам, дали го шетам кучето или со пријатели, си запишувам локации во телефонот на кои им треба ваква акција. Кога ќе најдам слободно време, одам и ги снимам.“

Рајатоски ги охрабрува и другите млади „да почнат, да пробаат и да бидат храбри.“

„Во мојот случај, се исплати храброста.“

Едукаторката што поттикнува инклузија

„Уметноста не треба да е резервирана само за високите галерии“ | Фото: Билјана Димитрова

Тие што имале шанса да се запознаат со луѓето од уметничкиот колектив „Ветерница“, знаат дека се работи за уникатна иницијатива. Во колективот учествуваат деца и млади, меѓу кои многумина се со попреченост, а токму инклузивноста е важен елемент во „Ветерница.“

Меѓу едукаторите во него се издвојува Билјана Димитрова, жената што веќе две децении е дел од алтернативната културна сцена речиси 20 години.

Во центарот на нејзината работа е играта во градот, во кој забележува дека има сè помалку јавни простори за дружба на децата и кој е притиснат од стереотипите и предрасудите. Затоа колективот ги спојува типичните и атипичните деца,  заедно да учат нови вештини, сами да смислуваат претстави и да стекнуваат самодоверба преку танц, театар, визуелна уметност, графика… Многу од работите се прават волонтерски.

„Децата се на маргините и не се ставени во никаква културна стратегија“, вели Димитрова.

„Уметноста не треба да е резервирана само за високите галерии, туку треба да е алатка што ни припаѓа на сите, што ќе ни помогне да живееме поисполнети и поквалитетни животи.“

По менување на неколку простори, денес „Ветерница“ се наоѓа во зграда во Дебар Маало. Иако важи за попрогресивна населба, колективот веќе подолго време се соочува во вознемирување од нивните комшии, бидејќи, како што вели Димитрова, „им смета што работиме со деца и деца со посебни потреби.“

Во дворот им фрлале лушпи од кромид, ги исмевале на состаноците на куќниот совет и ги пријавувале за наводно непрописно работење во различни институции. Надлежните, од друга страна, не нашле ништо спорно во работењето на колективот.

Иако континуирано се соочуваат со пречки и агресија од соседите, таа во самиот колектив наоѓа сила и мотив за да продолжи.

„Сум одела на многу протести, но од тоа кај мене останало фрустрација бидејќи не се случиле промените за кои сме се бореле. Но, фактот дека сум дел од овој колектив во кој сме успеале да го промениме расположението меѓу нас и да почнеме да правиме нешто заеднички, ме мотивира да продолжам понатаму.“

Велешанецот што спасува животни

Благодарноста на животните му дава сила да продолжи со оваа работа | Фото: Виктор Мазнев

Виктор Мазнев е млад велешанец, кој 14 години живее со мисијата што самиот си ја задал, да спасува и згрижува животни. Кучиња, мачки, коњи, овци, птици – за него тоа не се бројки, туку живи суштества со своја приказна.

Во изминатите години, над 1.000 кучиња и мачиња, преку неговите раце, нашле нов дом и почнале нов живот низ Европа.

Во сопствениот стационар, Мазнев им овозможува засолниште на животни што биле несоодветно чувани. Благодарение на донации од луѓе и фондации, кои веруваат во неговиот хуманизам, но и безусловно ги сакаат животните, тој активно работеше и во 2025 година.

Кога го прашавме што го мотивира да продолжи, одговорот беше едноставен и длабоко човечки.

„Моментот, кога од една напуштена, повредена и исплашена душа гледаш како повторно се раѓа среќно суштество – тоа е непроценливо. Нивната љубов, нивните искрени чувства и благодарноста… Tаа благодарност е нешто што ретко се доживува. Тие се мојата сила. Тие се мојата причина да продолжам,“ вели тој.

Виктор е свесен дека живееме во време на апатија и кога емпатијата бледнее. Но, токму помислата дека спасил еден живот во време на рамнодушност и направил разлика – му дава сила и смисла на тоа што го работи.

Како дете растел со животни и тогаш ја научил најважната лекција.

„Тие чувствуваат исто како и ние. Страв, болка, љубов, тага… сè е исто.“