Извештај

Кој е кој во новата унгарска влада и зошто е тоа важно

Петтата влада на Орбан ќе се концентрира на економијата, со нови министри и со познати повратници во политичката арена

Откако беше избран по четврти пат со двотретинско мнозинство на парламентарните избори во април, Виктор Орбан го почна својот петти мандат како премиер во понеделникот, откако помина гласањето на неговата влада во парламентот, предупредувајќи дека Унгарија и Европа се соочуваат со децениска опасност од војна, раст на цените и сериозна енергетска криза.

Новиот состав на унгарската влада е одраз на овој став. Најмалку петмина министри од вкупно 14 ќе се занимаваат со некој аспект од економијата. Тоа ги вклучува министерствата за финансии, економски развој, надворешни работи и трговија, градежништво и инвестиции, дури во одредена мера и Министерството за регионален развој и искористување на фондовите на ЕУ.

Прашањето е кој ќе има најсилно влијание врз економските политики, бидејќи во оваа влада на Орбан има повеќе економисти од која било порано. Министерот за финансии, Михали Варга е долгогодишен близок соработник на Виктор Орбан, но во новата влада учествува и Мартон Наѓи, кој ќе го води Министерството за економски развој и кој до неодамна беше висок и влијателен советник на премиерот. За Орбан не е невообичаено да стави министри во позиција да се борат меѓу себе, за потоа тој да излезе како решавач на проблемите, велат аналитичарите.

Петер Сијарто останува министер за надворешни работи. Двајцата повратници на политичкиот фронт се Јанош Лазар (Министерство за градежништво и инвестиции), кој беше еден од највлијателните владини политичари до 2018, и Тибор Наврачич (Министерство за регионален развој и искористување на фондовите на ЕУ), кој е поранешен министер за правда и заменик-премиер (2010-2014), министер за надворешни работи (2014) и еврокомесар (2014-2019).

Враќањето на Наврачич покажува колкава станала важноста на ЕУ фондовите за Унгарија. Нејзиниот дел од европскиот фонд за закрепнување од корона вирусот вреден 750 милијарди евра (кој изнесува 7,2 милијарди евра во грантови и девет милијарди во заеми) е блокиран во Брисел поради недостиг од антикорупциски гаранции. Наврачич има добри врски во Брисел и поседува знаење што ќе му помогне да постигне договор со Европската комисија. Тој и новиот министер за култура и иновации, Јанош Чак, поранешен бизнисмен и унгарски амбасадор во Велика Британија, се сметаат за „пријателски  лица“ на новата влада кон ЕУ.

Крај на суперминистерството

Кога е во прашање владината структура, најважната промена е крајот на „суперминистерството“ за човечки капацитети, кое, меѓу другото, ги раководеше културата, образованието и здравството и беше силно критикувано поради лошото справување со пандемијата со ковид-19. Сѐ уште не е јасно кое министерство ќе ги преземе ресорите образование и здравство, но има силни шпекулации дека ќе ги раководи Министерството за внатрешни работи.

Иако оваа одлука на прв поглед изгледа невообичаено, министерот за внатрешни работи  Шандор Пинтер е единствениот владин член што останал на истото место во сите пет влади на Орбан, вклучувајќи ја и првата (1998-2002) и се смета за еден од најдоверливите сојузници на премиерот.

Друг верен сојузник е Антал Роган, кој како шеф на премиерскиот кабинет ќе ги контролира сите служби за цивилно разузнавање, нешто што досега не е видено во Унгарија.

Ќе има промени и во Министерството за одбрана. Нов министер ќе биде Криштоф Шалај-Бобровнички, бизнисмен кој има добри врски со Русија и сопруг на владината портпаролка Александра Шенткирали. Минатата есен, Шалај-Бобровнички стана мнозински акционер во чешката компанија „Аеро Водоходи“, од која унгарската влада купи 12 воени авиони.

Речиси две третини од министрите се познати лица од претходната влада на Орбан, вклучувајќи ја и борбената министерка за правда Џудит Варга, која ќе биде единствената жена во кабинетот. Но, Варга и нејзините колеги во Владата барем формално ќе бидат назначени од претседателка, што ќе биде првпат во Унгарија, откако во саботата Каталин Новак беше инаугурирана на претседателската функција.

Структурата и членството на новата  влада на Орбан го одразува тоа што премиерот смета дека ќе биде најголем предизвик во следните четири години. Се чини дека здравството, социјалните прашања и образованието, кои немаат свои министерства, не се меѓу приоритетите.

Ѓула Чак, Прага