Актуелно

Комисијата пресече: Приватноста пред јавниот интерес

Комисијата за заштита на правото на слободен пристап до информации ги одби барањата на БИРН за увид во анкетните листови на поранешните министри Гордана Јанкулоска и Миле Јанакиески и бившиот директор на УБК, Сашо Мијалков.

Последните анкетни листови за имотот на Јанкулоска, Мијалков и Јанакиески остануваат тајна

Последните анкетни листови за имотот на Јанкулоска, Мијалков и Јанакиески остануваат тајна

Комисијата за заштита на правото на слободен пристап до информации застана на страната на Антикорупциската комисија. Комисијата, на чие чело сега стои токму поранешниот претседател на Антикорупциската комисија, Ѓорги Сламков, ги отфрли жалбите на БИРН за увид во првите и последните анкетни листови за имотната состојба на поранешните министри Гордана Јанкулоска и Миле Јанакиески, како и на поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков.

БИРН ги поднесе овие барања уште во декември минатата година, со цел јавноста да добие слика за тоа со колкав имот овие функционери дошле на функцијата, а со колкав имот си заминале.

Антикорупциската комисија ги одби нашите барања со образложение дека станува збор за „лични податоци, заштитени со закон“, а ова решение го потврди и Комисијата за заштита на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер, по што уште еднаш се отвори прашањето зошто воопшто анкетните листови за имотот на функционерите се објавуваат јавно, ако последниот анкетен лист претставува „таен податок“. Токму тој последен анкетен лист за имотот, треба да ја даде финалната слика за тоа колку богати си заминуваат функционерите кога ја напуштаат функцијата.

Одговорот што го доби БИРН на поднесената жалба на одлуката на Антикорупциската комисија

Одговорот што го доби БИРН на поднесената жалба на одлуката на Антикорупциската комисија

Но, за Антикорупциската комисија и за Комисијата за заштита на правото на пристап до информации, овие податоци се тајни.

Според одговорите што ги добивме, „штетните последици врз интересот кој се заштитува, се поголеми во однос на јавниот интерес“.

Четворица членови на ДКСК сè уште го кријат имотот од јавноста

Антикорупциската комисија години наназад ја бранува јавноста, но не со отворање корупциски и криминални афери, туку со нивно премолчување. Последниве години не бил отворен ниту еден поголем случај со сериозни сомнежи за криминал и корупција кај владините структури. Слично нешто се случува и со (не)објавувањето на анкетните листови за имотната состојба на функционерите.

Под притисок на јавноста, поранешниот претседател на Антикорупциската, Горан Миленков, пред медиумите само го покажа последниот анкетен лист на поранешниот премиер Никола Груевски, но не кажа точно што содржи тој, освен дека има „незначително зголемување на имотот“.

Последниве години, ниту Управата за јавни приходи ниту пак, Антикорупциската комисија, немаат отворено случај за несразмерно зголемување на имотот на одреден функционер.

„Прашањето да го затвориме за век и векови, амин!“, им одговори Миленков на новинарите кои инсистираа да знаат со колкав имот бившиот премиер дошол на функцијата, а со колкав си заминал.И покрај тоа што се именувани од страна на Собранието, членовите на Антикорупциската комисија до неодамна не ги објавуваше јавносвоите анкетни листови за имотот, наспроти законот кој е дециден дека тоа е обврска на сите избрани и именувани функционери. БИРН веќе ги бараше нивните анкетни листови, користејќи го Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, но и на тоа добивме одговор дека станува збор за личен податок, кој не е од јавен интерес.

Десетина дена подоцна, тројца членови на комисијата, Горан Миленков, Фарије Алиу и Игор Тантуровски го објавија својот имот на веб-страницата на ДКСК.

Тоа не го сторија останатите четворица членови на ДКСК, Жаклина Дамческа, Најдо Спасевски, Сузана Таскова Аџикотарева и Сејди Халили.

Законот за спречување корупцијата предвидува дека секој избран или именуван функционер е должен да пополни анкетен лист со имотот на неговото семејство во рок од 30 дена по стапувањето на функцијата, и потоа уште еден анкетен лист, 30 дена по престанокот на функцијата. Законски е предвидено да се пријави и секоја промена во имотната состојба што настанала во меѓувреме.

Овие законски одредби се направени со цел да се види доколку кај извесен функционер има несразмерно зголемен имот во однос на буџетската плата што ја зема.

Последниве години, ниту Управата за јавни приходи ниту пак, Антикорупциската комисија, немаат отворено случај за несразмерно зголемување на имотот на одреден функционер.