Истражувањa

Компании без вработени, а за една година свртеле 273 милиони евра

Секоја петта компанија во земјава е со нула вработени. Вкупно има 11.579 вакви фирми кои не произведуваат ништо, а годишно имаат приход од 272,7 милиони евра и добивка од 18,6 милиони евра

Од вкупно 57.906 фирми што во 2014 година доставиле годишни сметки до Централниот регистар, дури 11.579 имале нула вработени. Сите тие заедно, за една година, инкасирале приходи од 272,7 милиони евра, што е, на пример, еднакво на приходите на петтата најголема фирма во земјава, државната компанија за производство на струја – ЕЛЕМ, каде што се вработени 4.566 луѓе или, пак, двојно повеќе од приходите на Македонски Телеком каде што работат 1.048 луѓе.

Газдите на овие компании без работници, во 2014 година заработиле вкупно 18,6 милиони евра, покажува анализата на податоците од Централниот регистар.

Најголем дел од компаниите само со управители, без ниту еден работник, се регистрирани во секторите трговија на големо и мало, во стручни, научни и технички дејности и во преработувачката индустрија.

Во базата на Централниот регистар речиси сите се заведени како компании коишто се занимаваат со производство, меѓутоа, освен управителите, немаат работници кои би произведувале што било.

Иако според бројот на вработени спаѓаат во микропретпријатија, дел од нив, според големината на приходите се прилично големи фирми и котираат меѓу 200 најголеми во земјава.

Најголема од сите компании со нула вработени во 2014 година е друштвото за производство, трговија и услуги, Вардар Метал Трејдинг со инкасирани 35,3 милиони евра. Како сопственик на компанијата се јавува Ријалтио Финанс ЛТД, компанија којашто според веб страницата може да се види дека се занимава со откуп на побарувања и други финансиски услуги и има седиште во Лондон, Велика Британија.

Истата британска компанија се јавува како сопственик на уште една фирма без вработени во Македонија, која со приходи од 17,3 милиони евра е рангирана како трета по големина. Тоа е друштвото за производство, трговија и услуги – Блек Си Метал Трејдинг.

Меѓу најголемите компании без вработени, втора на листата е Камени Мост Комуникации со приходи од 25,1 милион евра. Оваа компанија за консултантски услуги е формирана во 2000 година за да ги хармонизира интересите на различните акционери во Македонски Телеком во тоа време, Маѓар Телеком, американскиот фонд Сорос Инвестмент на милијардерот Џорџ Сорос и грчки Космотелко, кои заедно поседуваа 51% од акциите во Македонски Телеком. По извесен период, Сорос и Космотелко му ги продадоа своите акции во Камени Мост Комуникации на Маѓар Телеком со што унгарската телекомуникациска компанија стана единствен акционер, односно сопственик на Камени Мост Комуникации. Со тоа постоењето на оваа консултантска компанија се покажа како непотребно и влезе во фаза на ликвидација. Меѓутоа, со години потоа таа постојано котира на врвот меѓу најголемите и најпрофитабилните.

Меѓу десетте фирми коишто без ниту еден вработен инкасираат и по неколку милиони евра се и Езпада која од трговија со струја во 2014 година направила обрт од 13 милиони евра; Данске Комодитис со приходи од 11,5 милиони евра; Акспо Мк со приходи од 6,5 милиони евра; ХСЕ Мак Енерџи со обрт од 6,5 милиони евра; Алпик Енергија со приходи од 5 милиони евра; скопска Топлификација со 4,2 милиони евра приходи во 2014 година.

Со приходи од 5,2 милиони евра, меѓу најголемите фирми без ниту еден вработен се појавува и битолската Гринфруит, којашто, како што објаснува управителот Коца Андонова, извезува земјоделски производи. Во 2014 година, извозот на земјоделски производи ѝ донел на оваа компанија 50% повеќе приходи отколку во 2013 година.

Андонова објаснува дека во фирмата нема вработени, бидејќи не им се неопходни.

„Немаме вработени, затоа што за овој бизнис не ни требаат. Откупуваме земјоделски производи од домашниот пазар и ги препродаваме на странските пазари“, кусо изјави Андонова за БИРН во телефонски разговор.

Таа вели дека и покрај тоа што имаат милионски приходи без ниту еден вработен во фирмата, немаат засилени инспекциски контроли, затоа што работеле согласно законот.

Најголема од сите компании со нула вработени во 2014 година е друштвото за производство, трговија и услуги, Вардар Метал Трејдинг со инкасирани 35,3 милиони евра. Како сопственик на компанијата се јавува Ријалтио Финанс ЛТД, компанија којашто според веб страницата може да се види дека се занимава со откуп на побарувања и други финансиски услуги и има седиште во Лондон, Велика Британија.

Истата британска компанија се јавува како сопственик на уште една фирма без вработени во Македонија, која со приходи од 17,3 милиони евра е рангирана како трета по големина. Тоа е друштвото за производство, трговија и услуги – Блек Си Метал Трејдинг.

Меѓу најголемите компании без вработени, втора на листата е Камени Мост Комуникации со приходи од 25,1 милион евра. Оваа компанија за консултантски услуги е формирана во 2000 година за да ги хармонизира интересите на различните акционери во Македонски Телеком во тоа време, Маѓар Телеком, американскиот фонд Сорос Инвестмент на милијардерот Џорџ Сорос и грчки Космотелко, кои заедно поседуваа 51% од акциите во Македонски Телеком. По извесен период, Сорос и Космотелко му ги продадоа своите акции во Камени Мост Комуникации на Маѓар Телеком со што унгарската телекомуникациска компанија стана единствен акционер, односно сопственик на Камени Мост Комуникации. Со тоа постоењето на оваа консултантска компанија се покажа како непотребно и влезе во фаза на ликвидација. Меѓутоа, со години потоа таа постојано котира на врвот меѓу најголемите и најпрофитабилните.

Меѓу десетте фирми коишто без ниту еден вработен инкасираат и по неколку милиони евра се и Езпада која од трговија со струја во 2014 година направила обрт од 13 милиони евра; Данске Комодитис со приходи од 11,5 милиони евра; Акспо Мк со приходи од 6,5 милиони евра; ХСЕ Мак Енерџи со обрт од 6,5 милиони евра; Алпик Енергија со приходи од 5 милиони евра; скопска Топлификација со 4,2 милиони евра приходи во 2014 година.

Со приходи од 5,2 милиони евра, меѓу најголемите фирми без ниту еден вработен се појавува и битолската Гринфруит, којашто, како што објаснува управителот Коца Андонова, извезува земјоделски производи. Во 2014 година, извозот на земјоделски производи ѝ донел на оваа компанија 50% повеќе приходи отколку во 2013 година.

Андонова објаснува дека во фирмата нема вработени, бидејќи не им се неопходни.

„Немаме вработени, затоа што за овој бизнис не ни требаат. Откупуваме земјоделски производи од домашниот пазар и ги препродаваме на странските пазари“, кусо изјави Андонова за БИРН во телефонски разговор.

Таа вели дека и покрај тоа што имаат милионски приходи без ниту еден вработен во фирмата, немаат засилени инспекциски контроли, затоа што работеле согласно законот.

firmi-bez-vraboteni

Фирми на Камчев, Керим, Панделески меѓу најпрофитабилните

Најголем профит од компаниите со нула вработени од 1,3 милиони евра во 2014 година направила фирмата Тимох, регистрирана како друштво за производство, трговија, угостителство и услуги. Оваа компанија е во сопственост на Дејан и Снежана Панделески, попознати и како сопственици на Пелистерка. За една година, добивката на компанија пораснала дури 177 пати.

Како што објаснува еден од нејзините сопственици, Дејан Панделески, добивката на оваа компанија е од издавање недвижности.

„Фирмата Тимох се занимава со издавање недвижности, односно деловен простор. Иако нема вработени, има управител којшто ја управува оваа фирма. Станува збор за 3 договори за 3 локали дадени под закуп, капитал мој и на сестра ми, така што приходите секој месец доаѓаат како што се фактурира рента од издавањето. Оваа компанија не произведува ништо за да има вработени, туку е наменска за издавање недвижен простор. Фирмата работи законски“, вели Панделески за БИРН.

Втора на листата на најпрофитабилните со нула вработени и добивка од 1,03 милиони евра е компанијата Камчев Консалтинг, којашто е основана во 2008 година. Сопственик е Ратка Куноска Камчева, а управител е Јордан Камчев, еден од најуспешните домашни бизнисмени последните неколку години. Како што сугерира и самиот назив на оваа фирма, основна дејност се консултантските услуги. И овој бизнис процветал во 2014 година, ако се суди според тоа што за една година добивката на компанијата е зголемена дури 124 пати.

Истиот сопственик, мајката на бизнисменот Јордан Камчев, Ратка Куноска Камчева, се јавува како сопственик на уште една фирма од оваа ранг листа. Тоа е друштвото за трговија и услуги Орка Фајнанс рангирана како четврта според големината на добивката од нешто повеќе од половина милион евра во 2014 година.

Меѓутоа, приходите во овие фирми не доаѓаат од консултантски услуги, како што сугерира називот од Централниот регистар, ами како што вели управителот, Јордан Камчев, од дивиденди од други поврзани компании.

„Друштвата Камчев Консалтинг и Орка Фајнанс се заеднички сопственици на акционерското друштво Орка Холдинг. Тие остваруваат приход исклучиво од дивиденда од акциите на Орка Холдинг. Затоа и во овие две друштва не е неопходно да има вработени луѓе. Во однос на инспекциските контроли, друштвата Камчев Консалтинг и Орка Фајнанс подлежат на регуларните контроли кои се спроведуваат во сите останати друштва, согласно законските регулативи во Македонија“, вели за БИРН бизнисменот Јордан Камчев.

Меѓу најпрофитабилните десет, со добивка од 462 илјади евра, котира и Интернет Гроуп Инвестмент, компанија којашто е еден од трите сопственици на Графички Центар и којашто стои зад веб порталот Telegraf.mk. Сопственик на компанијата е истоимена фирма од Србија, којашто таму го има порталот Telegraf.rs.

Управител е Јана Станисављева која истовремено е управител и во Медиа Принт Македонија (МПМ) заедно со Срѓан Керим (пред да замине во пензија минатиот месец).

Кога станува збор за неговото име, пак, тоа се појавува и како сопственик и управител на компанијата Мирекс Плус, која со профит од 333 илјади евра, исто така е рангирана меѓу десетте најпрофитабилни, а без вработени.

Во првите десет што најмногу заработуваат без ниту еден вработен, се и штипската компанија Аикол со профит од 535 илјади евра во 2014 година; скопска Топлификација со 475 илјади евра; компанијата МА Труст која се јавува како сопственик на Мак Аутостар, генералниот застапник за Мерцедес Бенз во Македонија, со добивка од 440 илјади евра; Делцо Оператива со заработка од 370 илјади евра; компанијата за посредување со недвижности Амари Ред чиј сопственик е Снежана Блажеска, со 250 илјади евра профит. Оваа фирма се јавува и како еден од сопствениците на Македонската комора за посредување во промет со недвижности при Сојузот на стопанските комори.

Легални фирми со посебен надзор за нелегалности

„Од правен аспект законите дозволуваат да се основаат фирми и притоа да немаат вработени, меѓутоа мора да има управител, којшто може да биде ангажиран со менаџерски договор, а не според Законот за работни односи“, вели професорот по трговско право Горан Коевски

„Законите дозволуваат да се основаат фирми и притоа да немаат вработени, но мора да има управител“, вели професорот по трговско право Горан Коевски

Експертите велат дека законите не ограничуваат колку вработени треба да има во фирмите, односно не постои законска регулатива која ги обврзува компаниите да имаат најмалку еден вработен.

„Од правен аспект законите дозволуваат да се основаат фирми и притоа да немаат вработени, меѓутоа мора да има управител, којшто може да биде ангажиран со менаџерски договор, а не според Законот за работни односи. Оваа можност беше оставена во легислативата за да може еден човек да биде управител во повеќе фирми. Чести се на пример случаите кога странци доаѓаат и основаат фирми во Македонија, се јавуваат како управители, но не и како вработени во компанијата“, вели професорот по трговско право на Правниот факултет „Јустинијан Први“, Горан Коевски.

Меѓутоа, даночните советници оценуваат дека во некои прописи, не постои законска можност да немате вработени. „Во трговијата на мало, на пример, ако работите во две смени, заради почитување на Законот за работни односи, треба да имате најмалку двајца вработени, или пак, во градежништвото заради Законот за безбедност и здравје при работа“, вели Павле Гацов, претседател на Здружението на даночни советници.

Експертите велат дека во светот не е невообичаено фирми без вработени да заработуваат милиони евра, особено ако станува збор за фирми-ќерки на некои поголеми корпорации. Меѓутоа, многу често токму тоа што немаат вработени, а имаат приходи како и најголемите компании, отвора сомнежи дека некои од нив прават измами, матни трансакции или затајуваат даноци.

„Кај овие фирми треба да се следат буквално сите исплати, особено оние кои се однесуваат на наводното користење на некаква форма на консултантски услуги од странство. Улогата на Управата за јавни приходи во вакви случаи е значајна, бидејќи и за исплатата на приходи на странски компании треба да се плати задржан данок во земјата. Потребно е да се зајакнат контролите за да се лоцираат на ефикасен начин сите нефункционални трошоци кај ваквите компании и да се отстранат евентуалните сомнежи за нелегални и матни трансакции кои имаат за цел да се одбегне плаќањето данок“, вели Гацов.

Од Управата за јавни приходи (УЈП), велат дека од она што го покажува даночната практика, бројот на вработени може, но и не мора секогаш да укажува на ризично даночно однесување.

„Податокот за бројот на вработени, анализиран самостојно, односно без соодветна компаративна анализа со другите релевантни податоци и информации, не претставува секогаш веродостоен критериум кој упатува на ризично даночно однесување од причина што даночните обврзници можат да ангажираат други фирми за вршење на дел од работите од својата дејност или за одделни работи тие можат да ангажираат лица по основа на договор за дело“, вели за БИРН Кирил Миноски, директор на Управата за јавни приходи (УЈП).

Тој вели дека бројот на вработени, меѓу останатите, претставува еден од важните критериуми за утврдување на неактивноста на даночниот обврзник, а „неактивните даночни обврзници се предмет на редовни контроли кои се спроведуваат во рамките на редовните активности на Управата за јавни приходи“.

Државата губи најмалку 10 милиони евра приходи во буџетот

„Со целосната примена на меѓународните стандарди за финансиско известување, поголемиот дел од државите компании што искажале профит, би станале загубари“, вели претседателот на Здружението на даночни советници на Македонија, Павле Гацов

Павле Гацов

Според експертите, еден од главните мотиви за постоењето фирми без вработени, е да се намалат трошоците на работењето.

„Фирмата без вработени нема трошоци за вработените кои по правило се најголема трошковна ставка во секоја компанија, а особено во оние од трудо – интензивните гранки“, оценува Гацов, претседател на Здружението на даночни советници.

„Државата треба да го оневозможи, односно најмалку да го дестимулира постоењето на фирмите без вработени. Впрочем ако сите ги отпуштат вработените и работат како фирми со нула вработени, сите државни напори и политики за вработување ќе бидат дезавуирани, а државата ќе го изгуби социјалниот елемент. Водењето бизнис ќе стане бесмислено. Ваквите фирми ги уриваат пазарот и конкурентноста“, вели Гацов.

Од друга страна, повеќето управители на вакви фирми што ги контактиравме одговорија дека немаат потреба од вработени, а дел од нив се поврзани со други фирми каде што имаат работници.

„Друштвата Камчев Консалтинг и Орка Фајнанс се заеднички сопственици на акционерското друштво Орка Холдинг кое преку своите акции и удели во други друштва раководи со повеќе од 3.700 вработени. Оттаму, нема простор да се говори за каква било нелојална конкуренција“, објаснува Јордан Камчев.

Пресметките покажуваат дека државата ќе добие најмалку 10 милиони евра приходи во буџетот од социјални придонеси и персонален данок на доход доколку сите 11.579 фирми вработат барем по еден човек којшто ќе зема минимална плата. Со тоа државата би инкасирала по 850 евра годишно социјални придонеси од вработен и уште 60 евра персонален данок на доход.

Кога сите овие фирми би вработиле по еден од невработените луѓе, стапката на невработеност би се намалила дополнително за 1,5 процентен поен, од 25,5% на 24%.

Експертите велат дека државата може да ги дестимулира фирмите без вработени преку забрани за учество на тендери, оданочување со двоен данок на добивка, признавање само на трошоците за продажба, а не и на административните трошоци за целите на оданочувањето.

Од Конфедерацијата на работодавачи велат дека во слободна пазарна економија не треба да се доведе во прашање постоењето, одлуката за основање, поврзаноста со други субјекти и економската активност на овие фирми, ниту пак, да се шпекулира дали тие компании ги исполнуваат социјалните и даночните обврски.

„Сепак дилемата постои дали тие фирми ги користат законските недостатоци и остануваат оперативни без вработени, без точна адреса и променливо седиште, дали главната активност е поради бизнис или поради сомнителни зделки, со однапред договорени бизниси. Иако овие фирми имаат сопственичка структура, а со самото тоа и регистриран управител, нашиот став е дека тие фирми треба да имаат најмалку еден вработен“, вели Миле Бошков, претседател на Конфедерацијата на работодавачи.

Според него, овие фирми од повеќе аспекти предизвикуваат економски контроверзии и се појавуваат низа недоумици и нејаснотии за реалното работење и за концептот на овие компании.

Универзитетскиот професор од областа на облигациското право, Осман Кадриу, вели дека треба да се анализира фактичката состојба и да се направат законски измени кои нема да дозволуваат нелојална конкуренција или злоупотреби.

„Секогаш кога ќе се утврдат слабостите на еден систем, може да се пристапи кон законски измени кои ќе ја подобрат состојбата, а за овие компании е потребен посилен инспекциски надзор“, вели Кадриу.