Ако состојбите во СДСМ се претстава во неколку чина, вчерашниот конгрес е првиот. Заврши успешно, како што соопшти актуелното раководство. Беа изгласани извештајот за локалните избори, беше потврден составот на централниот и надзорниот одбор и беше изгласана доверба за заменик-претседателката Фани Каранфиловска-Пановска.
На конгресот на 24 јануари, мнозинството од околу 450 присутни делегати ги поддржаа извештаите и раководството, а на дебатата во затворениот дел на конгресот, според присутните, покрај афирмативни говори за партиските лидери, можеле да се слушнат и критики за раководењето.
Но, успешно завршениот конгрес не е крај на драмата, барем судејќи според најавите на поранешни познати лица на партијата.
Вториот чин се најавува по кратка пауза.
Повеќе бивши и сегашни партиски функционери, за БИРН, велат дека растечкото незадоволство на дел од членството не можело да бидe вистински адресирано на конгресот и најавуваат платформа што треба да биде објавена во следниот период. Иницијаторите велат дека не станува збор за формирање нова партија, туку за организиран притисок за промени во, како што оценуваат, сериозно нарушената внатрепартиска состојба.

На конргесот освен поддршка за раководството се чуле и критички тонови | Фото: СДСМ
Во обид да ја пресретне оваа иницијатива, претседателот Венко Филипче, на конгресот упати т.н. повик за обединување, со кој практично кажа дека секој што е против него, е против партијата.
„Кој сака да се бори рамо до рамо со нас, добредојден е вистински, искрено, братски.“
„Но, кој планира да нè поткопува однатре, кој планира да биде Тројански коњ на ВМРО… нека си замине веднаш“, порача Филипче.
За разлика од него, некои од другите говорници на конгресот коментирале дека е некоректно сопартијците кои го критикуваат водењето на партијата да се навредуваат.
Крстопатот на кој е партијата го отсликува и изјавата за БИРН од делегат, долгогодишен член и функционер, кој вели дека не е сигурен дека раководството ги прима и ги сфаќа забелешките.
„Kонгресот заврши, а како помина, ќе видиме од утре“, вели тој.
Перцепцијата што води кон поделби

„Нова сила“ беше мотото на 31. конгрес на СДСМ | Фото: БИРН
Падот на СДСМ не почна со раководството на Филипче. Поразите во низа тргнаа од локалните избори во 2021 година, по кои Зоран Заев си замина од партијата, па продолжија на парламентарните избори под водството на Димитар Ковачевски.
Но, поделбата во СДСМ сега се движи и околу перцепцијата дека актуелното раководство, предводено од Филипче, со поддршка од поранешниот лидер Заев, има неформален договор со власта на Христијан Мицкоски.
Тоа уверување се храни од постари информации објавени во медиумите дека уште во периодот на владеењето на СДСМ и ДУИ бил постигнат договор што обезбедува амнестија за тогашните високи функционери, кои, за возврат, му овозможува на актуелниот владин кабинет комотно управување без сериозен опозициски отпор.
БИРН разговараше со десетина истакнати членови на СДСМ, со поранешни и сегашни високи партиски функции. Некои од нив тврдат дека, без разлика колку има вистина во приказната за „пакт за мир“ меѓу Заев и Мицкоски, преку Филипче, самото уверување дека таков договор постои, ѝ нанесува сериозна штета на партијата.
Овие критичари на актуелното раководство посочуваат дека во изминатава година и пол има и низа потези што дополнително им ги зајакнуваат ваквите сомнежи.

Поранешниот лидер беше отсутен | Фото: БИРН
Како клучен пример ги наведуваат ланските избори, кога непосредно пред локалното гласање, СДСМ, во корист на својата штета, ја отвори чувствителната тема за Бугарија со резолуција во Собранието, и покрај, како што тврдат повеќе извори, противењето на повеќето пратеници и неинформираноста на дел од раководството.
Како самосаботажа ги оценуваат и одлуките за кандидатите за градоначалници, како и тоа што СДСМ, од ослабена позиција, не побара и не понуди соработка со независни или со други опозициски кандидати во општините, како Битола, Куманово и Карпош.
„Фактот дека нашата кандидатка во Карпош, Маја Мојсова, која отпадна во првиот круг, се фотографираше со кандидатот на ВМРО, Сотир Лукровски, пред вториот круг, многу говори“, велат незадоволни партиски извори.
Проблем за овие луѓе претставува и начинот на кој партијата во последниов период ги адресира критиките за неефективност – преку жестоки и често непристојни партиски соопштенија и прес-конференции, во кои актуелната политичка состојба се поистоветува со опозициската борба од 2015/2016 година против авторитарното владеење на Никола Груевски или со политичката состојба во Србија под Александар Вучиќ.
Овој наратив беше присутен и во конгресниот говор на Филипче, дополнително засилен со споредби на денешнината со периодот на Народноослободителната војна.
„Се спушта една тешка, оловна завеса над нашата татковина и ако ние, наследниците на партизаните, не ја кренеме таа завеса, никој друг нема да го стори тоа.“
Новата пиар-стратегија на СДСМ, дел од соговорниците ја објаснуваат како искрен и неконвенционален обид партијата повторно да се наметне во јавниот простор. Често, ефектот е спротивен зашто медиумите сè поретко ги објавуваат партиските соопштенија во кои Филипче и партиското раководство, на моменти со уличарски речник, влегуваат во пресметки со новинари и со медиуми.
Централизирана моќ

Раководството доби барања за клучни промени во партиското организирање | Фото: СДСМ
Иако за надворешната јавност изгледа како техничко прашање, барањето за измена на статутот на СДСМ во делот што пропишува како се избираат претседателите на општинските организации – е суштинско за внатрепартиската моќ.
Темата доминира во партиските кругови, а јавно ја отворија поранешниот скопски градоначалник Петре Шилегов и ексминистерката Славјанка Петровска, која во постконгресен фејсбук-статус објави дека пред делегатите побарала претседателите на општинските организации да се избираат директно од членството наместо да ги именува партискиот лидер како што се одлучи во партијата пред повеќе од десет години.
Објаснувањето е дека делегатите на конгресот се избираат под влијание на општински лидери назначени од партискиот врв, што создава тело лојално на актуелното раководство.
Дополнително, статутарните промени од 2020 година го ограничуваат конгресот и тој не може да го разреши претседателот, кој се избира на директни избори. Повеќемина поранешни функционери со кои зборувавме, изразуваат и недоверба во процесот на гласање на членството со картички, кое во некои општини, наводно, дало необјасниво големи предности на победниците.
Во такви услови, незадоволните велат дека промените „однатре“ се невозможни и затоа ќе формираат платформа.
Таа би била составена од препознатливи партиски кадри, кои преку јавни дебати, теренска работа и артикулација на политики би се обиделе да влијаат врз идниот правец на СДСМ. Како неформални носители се сметаат поранешниот градоначалник на Карпош и партиски функционер, Андреј Петров, и експратеникот Игор Ивановски-Шема.
Кревко раководство
БИРН имаше увид во извештајот за локалните избори за кој вчера гласаа делегатите. И самото раководство во него констатира дека партијата влегла во изборите, во услови на кревко раководство и тежок процес на ревитализација, а теренските тимови пренеле пораки од гласачите за потреба од нови лица и енергија, но и за враќање на искусни и докажани кадри.
Двајцата одамна разговарале за можноста за промени во политиките на партијата, а сега на идејата им се приклучиле и други незадоволни членови на СДСМ. Во таа групација се и високи партиски функционери од времето, меѓу кои и поранешни генерални секретари, некогашни претседатели на скопска градска организација, како и поранешни раководни лица од партиската младина. Меѓу нив се споменуваат и актуелни и поранешни пратеници.
Според извори од иницијативата, и поранешниот градоначалник на Скопје, Петре Шилегов, би бил вклучен во иницијативата.
„Кога ќе застанат повеќе луѓе, кои со години биле препознатливи лица на СДСМ, тешко ќе може сите да се прогласат за предавници или за уценети“, велат извори од оваа иницијатива, алудирајќи на партиските соопштенија за „квислинзите“ Шилегов и Јован Деспотовски.
Атмосферата вчера во конгресната сала, барем во отворениот дел, не го отсликуваше незадоволството што го споделуваат луѓето зад најавената платформа.
Додека ечеше партиската химна, делегатите со силен аплауз го пречекаа Филипче, а со ракоплескање му го прекинуваа и говорот.
„Внатре аплаудираат, надвор мрчат, а на избори ни се случува поплава“, коментираше поранешен висок државен функционер, кој со децении е и делегат на конгресите, во обид да ни го долови однесувањето на своите сопартијци.

