Недели пред одбележувањето на 1 декември, Светскиот ден за борба против сидата, невладините организации во Македонија што работат на откривање и превенција на ХИВ предупредија дека четврта година по ред, Министерството за здравство го крати буџетот, чин што ќе има влијание врз набавката на многу од прозводите за превенција.
Велат дека, според нивните информации, во буџетот за 2025 година, кој е во собраниска процедура, ќе има само 90 милиони денари – нешто повеќе од 1,46 милиони евра – наменети за превенција и лекување од ХИВ, што е клучен механизам за искоренување на болеста.
Тоа се десет милиони денари помалку од сумата доделена годинава.
„Во собранието, преку амандмани не очекуваме ништо да се смени во однос на средствата. Повеќе се надеваме дека кога буџетот ќе се врати во владата, дека таму ќе може да се коригира“, вели Андреј Сених, директор на здружението за поддршка на ХИВ лица, „Заедно посилни“.
Доколку повторно се намалат парите, ќе се затворат многу услуги што моментално се достапни низ целата земја.
„Она што го постигнавме како земја со ставањето на оваа епидемија под контрола, ќе биде изгубено. Повеќе од 25 милиони американски долари инвестирани во изминатите децении ќе бидат изгубени и ние ќе се соочиме со нова епидемија“, рече Сених.
На овој начин, додава тој, не може да стане збор за исполнувањето на глобалната цел за ставање крај на ХИВ како главен јавно-здравствен проблем до 2030 година.
Министерството за здравство досега не беше децидно за буџетските планови, инсистирајќи дека не е во опасност лекувањето на пациентите со ХИВ. Од таму не соопштија ништо за превентивните механизми што функционираа досега за да се помогне во искоренувањето на ХИВ и сида.
Апелите за пари се игнорираат
Од 2004 година, Македонија доби три грантови од Глобалниот фонд за борба против сида, туберкулоза и маларија, посебно за борба против ХИВ-сида.
До 2017 година, од овие средства, државата доби околу 30 милиони евра за превенција и за лекување.
Парите, околу 800.000 евра годишно, меѓу другото, се користеа за купување чисти шприцови и игли, дистрибуција на кондоми на сексуалните работници и на ризичните групи, обезбедување едукација и печатење материјали за превенција.
Но, Глобалниот фонд го заврши финансирањето во 2017 година, сметајќи дека Македонија, како средно развиена земја, е способна самата да обезбедува пари.
Лекови за превенција достапни во Македонија и во Косово
Освен што нудат бесплатна терапија за ХИВ-сида, Македонија од 2021, а Косово од средината на 2024 година на луѓето што спаѓаат во ризичните категории им нудат и нов бесплатен превентивен лек наречен „предекспозициска профилакса“, PrEP.
Косовското Министерство за здравство вели дека PrEP „го намалува ризикот од ХИВ инфекција преку сексуален однос во околу 99 отсто од случаите, кога се зема редовно и како што е препорачано“.
Оттогаш, локалните организации што се занимаваат со ХИВ апелираа до владите да ги обезбедат изгубените средства. Најчесто, овие молби беа игнорирани.
„Зачудувачки е што државниот буџет за програмата за ХИВ беше 95 милиони денари во 2018 година, кога беа лекувани околу 200 пациенти со ХИВ, а се предвидува да биде помал во 2025 година, кога очекуваме бројот на пациенти да надмине 500“, се вели во неодамнешното заедничко писмо потпишано од 13 здруженија што се занимаваат со превенција од ХИВ, плус Црвен крст на Македонија.
Овие здруженија, кои се дел од Платформата за одржливост на услугите за превенција и поддршка на ХИВ, во средината на ноември испратија писмо до министерот за здравство, Арбен Таравари, министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочовска, и до премиерот Христијан Мицкоски.
Во него наведуваат дека се потребни минимум 131 милион денари (околу 2,1 милион евра) за правилно функционирање на услугите следната година, а без тоа нема да има доволно ниту за лекови.
Тие проценуваат дека само за лекување ќе бидат потребни 110 милиони денари (1,79 милиони евра), дури и под претпоставка дека 80 отсто од луѓето ќе ја користат најевтината достапна терапија.
Раното откривање на вирусот е од суштинско значење
Планот за борба против ХИВ-сида, кој го поддржуваат овие организации, се заснова на откривање нови случаи на ХИВ што е можно порано, за да може заболените полесно да се лекуваат.
Сених објаснува дека кога заболените се рано откриени и рано почнуваат со терапија, третманот може да го потисне вирусот, така што тој не може да се пренесе на други луѓе преку сексуален однос или од мајка на дете.
„Не е случајно што само во изминативе неколку години имаме родени 14 деца, каде што еден родител бил ХИВ позитивен“, истакна Сених.
Оваа година, бројот на регистрирани ХИВ позитивни лица во земјава достигна 440. Секоја година се откриваат околу 40-50 нови случаи. Во 2024 година, бројката на нови случаи досега е 51.
Здравствените власти се гордееја со фактот дека, глобално, Македонија е земја со ниска стапка на ХИВ-сида.
Но, со буџет што постојано се крати и од кој и до сега само 20 проценти се трошат за превенција, нема гаранции дека ќе остане така.
Платформата вели дека очекуваното намалување на буџетот ќе резултира со затворање на услугите за скрининг и тестирање, вклучително и мобилната клиника отворена во 2007 година, заедно со стационарни услуги за ХИВ низ целата земја, кои 1.750 луѓе, многу од нив од ризични групи, ги користеле во 2023 година.
Дополнително, ќе пропаднат и услугите за превенција од ХИВ и други инфекции што се пренесуваат преку крв и сексуално преносливи болести, предупредуваат тие. За многу од 8.000 корисници на овие услуги во земјата, тие се единствениот начин за пристап до основна здравствена заштита.
„Ова е можеби единствената програма што ги покрива и трошоците за терапии, но и трошоците за превенција од ХИВ. Досега соодносот беше 80 отсто за лекување и 20 отсто за превенција, но како што се зголемуваат трошоците за лекување, останува сè помалку буџет за превенција“, вели Сених.
Стигмата останува додека објектите се затвораат
Од Министерството за здравство, за БИРН, велат дека една од целите на оваа програма е токму одржување на ниската преваленца на ХИВ.
„Министерството е отворено за соработка со невладините организации и здруженија во интерес на здравствената заштита на нашите граѓани“, додаваат од таму.
Нo, Горан (чие вистинско име не го објавуваме) веќе се соочил со последиците на кратењето на средствата.
Нему му бил дијагностициран ХИВ пред 12 години. Тој вели дека кога минатата година, поради недостиг од пари се затворил центарот за поддршка на ХИВ во неговиот роден град во централна Македонија, животот му станал потежок.
„Центарот беше место и за дружење, не само за земање чисти шприцови и други работи. Таму можевме да помуабетиме, да разговараме со пријателите и да испиеме едно кафе. Тоа мене многу ми значеше“, вели тој за БИРН.
Од затворањето на центарот, единствена станица му е локалната болница, каде што посетите се кратки.
Тој вели дека сè уште е жива стигмата околу неговата здравствена состојба и дека кога се обидува да купи чисти шприцови од локалните аптеки, персоналот често одбива да го услужи.
„Ме лажат дека останале без шприцови, а, всушност, знам дека имаат“, вели тој.
Сега мора почесто да патува во Скопје, за да ги набави потребните работи – а понекогаш и само за да размени некој збор со пријателите и со познаниците во градот.