Хана Лешниковска, многу ретко купува нова облека, последниот пат кога го направила тоа било за да купи посвечен фустан за свадба на роднина.
Наместо тоа, како и сè повеќе млади, 22-годишната Лешниковска одбира да носи облека од втора рака. Ја купува во продавници наменети за тоа, но добива многу гардероба и од роднините.
Во време на клик-економија, кога од домот преку компјутер може да се купи речиси сè, од електронски уреди до неквалитетни декорации за домот, само затоа што е лесно достапно и често многу евтино, во Македонија ненаметливо се шири едно движење што му се спротивставува на агресивниот консумеризам.
Раздавањето и разменувањето стара облека, играчки и други стари предмети е еден вид традиција во семејството на Лешниковска, а посвесно почнала да купува од втора рака кога била четврта година средно.

22-годишната Лешниковска одбира да носи облека од втора рака | Фото: Лична архива на Лешниковска
„Беше условно кажано еден вид ‘врснички пристисок’, ама на позитивен начин. Ме охрабрија пријателите, некогаш нашите излегувања подразбираа одење во ‘секанд хенд’ продавници по часовите“, се присети Лешниковска.
Освен што ѝ одговара од моден аспект, Лешниковска вели дека заштедува пари и го гледа ваквиот вид на облекување како одржлива практика.
Текстилната индустрија е еден од најголемите загадувачи во светот. На глобално ниво, се проценува дека претставува околу 10 отсто од аерозагадувањето и околу 20 отсто од загадувањето на водата.
Освен тоа, оваа индустрија годишно создава околу 92 милиони тони текстилен отпад.
Затоа, оние што се загрижени за ваквото загадување, како дел од решението на проблемот го гледаат купувањето облека од втора рака.
„Дефинитивно придонесува за поголема одржливост и јас го сфаќам како начин на рециклирање“, објасни Лешниковска.
Од економска потреба до одржлива практика

За разлика од постарите, кај многу од младите не постојат предрасуди за облека од втора рака | Фото: БИРН
Како деца, многумина од нас добивале облека од постари братучеди и од други роднини кога нив ќе им се смалела.
Најчесто ваквите работи се практикувале повеќе поради сиромаштија и економска потреба отколку од еколошки убедувања.
„Мислам дека каков и да е мотивот, и да е од економски причини, сепак ако индиректно придонесува за одржливост, сметам дека е добро да продолжи да се практикува“, вели младата Лешниковска.
Без разлика што ваквите практики во реалноста не се ништо ново на нашите простори, до пред десетина години, купувањето од втора рака се гледало како „страшно табу“, објаснува Александра Спасеска, новинарка и екоактивистка со пасија за модата.
Во 2013 година почнала блог за мода со фокус на одржливи практики.

Младите купуваат и предмети од втора рака | Фото: БИРН
Пишувала дека нема ништо страшно да се носи повеќепати иста облека, дури и за свечени пригоди, и дека носењето парчиња од нашите мајки и баби значи сакање на таа гардероба.
„Ова е старомодно“, и „нели имаш пари да си купиш нова облека?“, биле дел од коментарите што ги добивала на блогот.
И Лешниковска слушала слични коментари, особено од постари луѓе.
„Ми викале дека купувам партали или да внимавам да не фатам некоја инфекција“, рече таа.
За разлика од постарите, смета дека кај многу од младите не постојат овие предрасуди. Или го гледаат како нешто позитивно, или едноствано е „многу нормализирано“, вели Лешниковска.
Освен облека, младите купуваат и предмети од втора рака. Тоа го прават преку профили на социјалните мрежи и специјални онлајн-платформи наменети за тоа, но и во физички продавници.
Еден ваков пример е профилот „@nostalgicno_“ на уметницата Моника Стојановска, каде што може да се најдат бројни антиквитети, како стари вазни, чаши и декорации.
Кај неа купуваат луѓе што „бараат естетика и карактер за својот дом, до колекционери што го ценат контекстот и историјата на парчето.“
А младите се многубројни меѓу нејзините клиенти.
Со овој стил на живот се намалува отпадот, како и потребата за ново производство, што има позитивен ефект врз животната средина. Ова движење се осврнува кон антиквитетите и зашто нема доверба дека модерната индустрија работи одговорно кон животната средина.
„Тоа создава целосно нов пристап кон купувањето, вреднување на веќе постоечките предмети, кои честопати се поиздржливи и поквалитетни наместо предмети произведени на начини што се нетранспарентни, а се сѐ подостапни со само еден клик“, вели таа.
„Трифтање“ како одговор на една загадувачка индустрија

Облеката многу потешко се рециклира, особено кога е направена од измешани материјали | Фото: БИРН
Со зголемувањето на свеста за ефектите врз животната средина, купувањето од втора рака, или како што би рекле младите „трифтање“ (од англискиот збор „thrift“), сè почесто се практикува.
Ова е впечатокот на Катерина Илијовска, барем од тоа што го гледа во нејзините кругови.
Илијовска е една од основачките на здружението за еколошка едукација и одржливо живеење „Јес фор лес“ (Yes for less).
Преку него, промовираат орджливи и екобизниси, но се спроведуваат и едукациски кампањи.
„Денес многу од луѓето во екоиницијативите се познаваат и се има создадено еден вид мрежа. Сега во Скопје, неколкупати месечно се организираат базари на кои се продава облека од втора рака“, раскажува таа.
БИРН имаше можност да посети еден ваков базар во Скопје каде што меѓу купувачите најбројни беа младите. Oсвен облека, се продаваа стари камери, книги, слики и други предмети.
„Зошто да купам ново кога знам дека старотo најверојатно ќе заврши во ѓубриште? Плус, кај постарата облека, поверојатно е да се најдат парчиња направени од поквалитетен материјал“, ни кажа Симон, купувач на базарот, кој беше облечен во винтиџ џемпер.
Имаше штандови на луѓе што посериозно се занимаваат со продавање облека од втора рака, но и луѓе што едноставно сакале да ги испразнат своите плакари од парчињата што веќе не ги носат.
Новинарката Спасеска, првпат се активирала на оваа тема преку локалниот огранок на глобалната иницијатива „Fashion Revolution“ (Модна револуција), преку која организирале размени на облека и едукација.
Оваа глобална иницијатива почнала во 2013 година по несреќата во Рана Плаза, Бангладеш, каде што се урна текстилна фабрика во која загинаа 1.134 луѓе и беа повредени околу 2.500.
За Спасеска, денешното работење на текстилната индустрија претставува политичко прашање.
„Ако ние тука секоја сезона купуваме облека за ситни пари, тоа значи дека таа цена некој веќе ја платил многу поскапо за нас преку слабо платен труд, лоши работни услови и загадување на животната средина преку обработката на материјали“, вели таа.

Фустанот што го носи Спасеска е од жените во нејзиното семејство | Фото: Лична архива на Спасеска
Таа вели дека целта на „Fashion Revolution“ не е да згасне текстилната индустрија, туку да се подобрат практиките и работните услови, како и квалитетот на облеката што се произведува.
Ако сакаме да купуваме поквалитетна облека, која е и подобра за животната средина, Спасеска вели дека важно е да ги читаме етикетите.
Како еден од најштетните материјали, Спасеска го наведува полиестерот, кој, всушност, е направен од нафта и му се потребни 200 години за да се распадне.
За разлика од други производи, како лименки или пластично пакување, облеката многу потешко се рециклира, особено кога е направена од измешани материјали. Односно, за да се рециклира ваквата облека, потребен е комплексен и скап процес за одвојување на различните влакна од текстилот.
Проблемот особено ескалира во 21 век, кога многу од глобалните брендови произведуваат десетици колекции годишно, за разлика од последните декади од 20 век, кога модните куќи обично имале две до четири колекции во годината.
Некои од таканаречени „fast fashion“ (брза мода) брендови произведуваат дури 52 колекции годишно, односно по една секоја недела.
Ваквата гардероба е обично крајно неквалитетна и се произведува во помалку развиените земји, каде што западните брендови може да си „дозволат“ да плаќаат многу ниски надоместоци за локалните работници што ја шијат облеката.
Иронијата на ваквото производство е што тоа ја прави облеката евтина за купувачите, иако цената што колективно ја плаќаме е висока.
За Илијовска и Спасеска, позитивно е што, освен кај потрошувачите, овие прашања за одржливост се покренуваат и во модните кругови кај нас.
Велат дека темата е присутна и на „Моден викенд Скопје“, особено преку дизајнерите што практикувале „апсајклинг“, односно реупотребување стари материјали во нови модни парчиња.
За Спасеска, ова е само едно од решенијата на овој комплексен проблем и смета дека секој од нас треба да придонесува согласно своите можности, потреби, убедувања и едукација.
Инспирација црпи од Орсола де Кастро, една од основачките на ‘Fashion Revolution’.
Според неа, промената нема да дојде ако мал број луѓе, 100 проценти го следат овој стил на живот, туку ако илјадници и милиони го практикуваат макар и нецелосно и несовршено.

