Истражувањa

Курири за кеш: Како албанските банди ги испраќаат нелегалните профити дома

Kриминалнитe групи често користат обични луѓе и агенции за превоз на патници за да шверцуваат нелегални профити во Албанија

Во 2022 година, „Ливија“, албанска студентка во Франција, слета на меѓународниот аеродром во Тирана со 30.000 швајцарски франци (над 30.000 евра) скриени во појас врзан околу нејзината половина.

Се сеќава дека била вознемирена, но, сепак, успеала без проблеми да го помине обезбедувањето на аеродромот.

На други две патувања до Тирана, таа прошверцувала вкупно 40.000 швајцарски франци (над 40.000 евра).

Ливија, чие име е сменето за да се заштити нејзиниот идентитет, не изгледа како типичен курир на сомнителни пари, таа изгледа како стотици други европски студенти.

На прашањето дали знае за потеклото на парите што ги носела во Албанија, одговори дека не ѝ е гајле.

„Заработив добри пари, кои ми помогнаа да си ги платам трошоците“, рече таа во едно кафуле во Тирана.

„Тие избираат луѓе што нема да бидат сомнителни, кои немаат криминално досие или на кои им требаат пари – треба само да бидат чисти, без проблеми“, додаде таа.

Ливија е еден од многуте курири на непроценливи суми готовина од сомнително потекло, кои редовно ги минуваат границите на Албанија без да бидат фатени. За БИРН, таа се согласи да ја раскаже својата приказна под услов на анонимност.

Парите што ги носат куририте, како Ливија, потекнуваат главно од албанските организирани криминални групи, кои во последната деценија ги проширија своите операции во Европската Унија, Велика Британија, Јужна Америка и во САД.

Иако овие групи сѐ повеќе се транснационални, тие продолжуваат да го „перат“ својот профит во Албанија.

Податоците што ги доби БИРН од интервјуа и од судски досиеја покажуваат како криминалните банди користат обични луѓе и сè пософистицирани механизми за шверц на пари добиени од нелегални активности преку границите на Албанија.

Најчесто користен канал се агенциите за патен транспорт, лиценцирани во Албанија или во други земји, како што се Британија, Италија или Франција.

Полициските истраги што ги анализираше БИРН покажуваат дека овие компании се потпираат на слаби контролни структури на граничните премини и на корупција на персоналот за граничната безбедност.

Во меѓувреме, доколку бидат фатени, куририте што превезуваат помали суми, ризикуваат да бидат обвинети само за „непријавување готовина на граница“, кривично дело, кое честопати поминува со казни или со помилување.

Претставници на албанските правосудни органи велат дека ваквиот проток на валкани пари е олеснет поради недостигот од проактивни истраги и соработка во реално време меѓу странските полициски агенции.

Ерион Бани, судија во албанскиот Специјален суд за корупција и организиран криминал, за БИРН изјави дека кога ќе се откријат непријавени пари на граничните точки, истрагите треба да се ориентираат кон перење пари.

„Доколку некој крие сума пари со цел да ја има за себе, или помага да се скрие за други, знаејќи дека тие приходи се од криминални активности, тој треба да сноси одговорност, дури и ако сумата пари е помала од вредноста што мора да се декларира на граница“, рече тој.

Главни „порти“: пристаништето Драч, аеродромот во Тирана

Патничка носи куфер на аеродром | Фото: Пекселс

Податоците објавени од Генералниот директорат на царината покажуваат дека главната порта за непријавена готовина во Албанија е пристаништето Драч по што следи меѓународниот аеродром во Тирана, каде што од година во година се зголемуваат заплените на готовина.

Според полицијата, речиси 2 милиони евра и околу 455.000 британски фунти биле запленети на граничните премини во 2023 година. Очигледен е растечкиот тренд на заплени на кеш во британски фунти, кој е речиси тројно зголемен од 2022 година.

Експертите велат дека непријавените пари пронајдени на граница не мора да потекнуваат од криминални активности, но најчесто упатуваат на тоа.

„Ако ги истражувате парите заработени од нелегалната трговија со наркотици, тие потекнуваат од оние пазари што доминираат во оваа трговија, како што се Холандија, Британија или Италија“, рече Артан Ѓерѓи, експерт за финансиски прашања.

Податоците на БИРН добиени од окружните обвинителства покажуваат дека, од 2020 до 2023 година, имало најмалку 99 кривични постапки за „непријавување пари и вредни предмети на граница“ – но ниту еден осомничен не бил истражуван за перење пари.

Обвинителството на Драч регистрираше најголем број случаи потоа следува канцеларијата во Ѓирокастро, на границата со Грција, па канцеларијата во Кукс, на границата со Косово. Обвинителството на Тирана, кое има јурисдикција над аеродромот, не даде бројки.

Од нив, вкупно 80 предмети се испратени на судење. Но, тие завршија само со казни, чија вредност се совпаѓа со процентите што куририте ги заработуваат од транспортот на парите.

Шефот на Обвинителството на Тирана, Аренс Чела, за БИРН, изјави дека ниту еден од случаите на непријавени пари што им ги упатила полицијата не бил за сомнение за перење пари.

„Во сите случаи, заплената на непријавени суми пари на граница беше случајна. Ниту една не беше резултат на истраги со проактивни средства – односно со следење одредени лица за да го истражат протокот на пари или наменетите примачи, нивните домаќини или придружници“, рече Чела за БИРН.

„Сите овие случаи беа луѓе фатени на дело. Тогаш не е можно да се следи сумата пари или да се следат луѓето што ги примиле или испратиле“, додаде тој.

Обвинителството на Ѓирокастро, во писмената реакција, исто така, ги забележа тешкотиите во откривањето на можно перење пари.

„Граѓаните што се под истрага за кривично дело непријавување пари на граница… не можат да се окарактеризираат како курири на пари, поим кој е многу поширок од гореспоменатото кривично дело“, се вели во реакцијата.

„Нема случаи кога осомничените признале дека биле курири на пари“, се додава.

Готовина превезена со минибус

Улогата на курир во пренесувањето на нелегалните пари ја има возачот или сопственикот на агенцијата | Фото: Пекселс

Според Министерството за инфраструктура на Албанија, до јули 2024 година, 152 албански превозници и 214 странски превозници биле овластени да патуваат меѓу различни европски градови и Албанија.

Голем број транспортни компании управувани од албански државјани се регистрирани во Британија и во други европски земји, иако не е познат нивниот број.

Документите што ги анализираше БИРН, од полицијата во земјите-партнери, покажуваат како албанските криминални групи користат лиценцирани меѓународни агенции за превоз на патници за да внесат пари, кои произлегуваат од нелегални активности во Албанија.

Улогата на курир во овие случаи ја има возачот или сопственикот на агенцијата. Плаќањата што ги добиваат се движат од три до седум отсто од сумата што се транспортира.

Друг фактор што го одредува процентот е деноминацијата на валутата. Колку се помали банкнотите, толку е поголем ризикот од откривање, и поголем е процентот платен на курирот.

Криминалните мрежи користат и кодни зборови за да избегнат полициско откривање. Единиците за готовина обично ги опишуваат како „патници“, на пример.

Француската полиција влезе во трага на една таква албанска криминална група во септември 2020 година, откако двапати приведе двајца Албанци во ист транспортен минибус.

Првиот пат беа запленети 70.000 евра и 800 грама златен накит и вториот пат беа пронајдени 10.000 евра и 500 грама злато.

Во двата случаи, минибусите се чини дека тргнале од хотел во Вилурбан, во близина на Лион, чиј рецепционер бил Албанец со француско државјанство, познат како Сокол Балили, алијас Сокол Бриант.

Четиригодишната истрага на француската полиција, која потоа беше проследена до албанското специјално обвинителство за борба против организираниот криминал, СПАК, укажа на постоење структурирана група за перење пари, која имала три албански агенции за превоз на патници во центарот.

СПАК ги обвини сопствениците на трите компании, Дритан Улќинаку од Тани турс, Агустин Месули од Ердиса турс и Алтин Дода од Алтини травел, за перење пари и создавање структурирана криминална група.

„Бројни минибуси беа испратени од Албанија во Лион, во Франција за да се соберат приходите од криминалните активности на албанските државјани лоцирани на територијата на Оверњ – Рона – Алпи“, се вели во документот со кој се објавуваат обвиненијата објавени од СПАК.

„Овие минибуси имаат малку патници, што ја покажува малата профитабилност на овие агенции наспроти транспортните трошоци. Тие користат легална непрофитна фасада, која крие незаконски и особено профитабилни активности“, го цитира СПАК, извештајот на француската полиција.

Покрај минибусите од Лион, Месули управуваше и со минибуси што патуваа од Швајцарија и од Италија.

Истрагата покажа дека таквите минибуси шверцувале до 60.000 евра по релација до Албанија или еквиваленти во швајцарски франци и фунти.

Прислушувањето открило и постоење договор со албански полицајци за да се овозможи влегување на голема сума пари во земјата.

Во 2022 година, Националната агенција за криминал на Обединетото Кралство соопшти дека албанските организирани криминални групи шверцуваат стотици милиони фунти годишно во Албанија, добиени од фарми со канабис или од трговија со кокаин.

Во најмалку еден случај што го истражува британската полиција, во минибусот на транспортната агенција лиценцирана во Британија, на пат кон Албанија во април 2022 година биле пронајдени вкупно 200.000 фунти.

„Албанските групи во Обединетото Кралство, откако ќе заработат пари, имаат главна цел да ја напуштат земјата што е можно поскоро. Затоа тие ги шверцуваат парите од Британија во Албанија, во каква форма можат“, рече висок функционер на националната агенција.