Три со три

Лазова: Безбедноста на жените не смее да се сведува на лична претпазливост

Интервју со Душица Лазова од Реактор-истражување во акција

Речиси една петтина од жените во Скопје и Тетово избегнуваат да излегуваат сами навечер поради тоа што се чувствуваат небезбедни додека се движат во јавните простори.

Ова се податоци од последното истражување на Реактор, кои проблемот го следат петнаесетина години, уште со објавувањето на платформата „Реагирај – биди безбедна!“ на која може да се означуваат локациите на кои жените доживеале непријатни искуства движејќи се надвор – од довикување и свиркање, до силувања и физички напади.

Истражувањата на ова здружение покажуваат дека листата на небезбедни јавни простори со години останува речиси непроменета: неосветлени улици, подземни премини, јавен превоз, паркинзи, паркови, па дури и места наменети за забава и рекреација.

Со Душица Лазова, истражувачка од Реактор, зборуваме за тоа зошто истите точки на страв се повторуваат низ годините, каде треба да се бара одговорноста и зошто чувството на безбедност треба да биде јавен приоритет.

БИРН: Кои локации и јавни простори во секое истражување се повторуваат како небезбедни и што ни кажува тоа за урбаното планирање и за локалните политики?

Лазова: Во последното истражување, речиси една петтина од испитаните жени изјавиле дека избегнуваат да излегуваат сами навечер, што сведочи за ограничена слобода на движење и чувство на небезбедност.

Во сите три истражувања, кои беа спроведени во Скопје и дел во Тетово, учесничките, како небезбедни простори, ги посочуваат неосветлените или лошо осветлените простори, градилиштата, заградените простории, како јавните паркинзи и катните гаражи, Градскиот парк во Скопје, просторите околу казината и обложувалниците, подземните премини, но и баровите и ноќните клубови, како и јавниот превоз (автобусите и такси-возилата).

Тоа се места каде што или недостасува присуство и движење на луѓе или се доживуваат како поподатливи за непријатни инциденти и вознемирување, особено во вечерните часови. Исто така, како помалку безбедни се доживуваат лошо одржуваните, односно искршени и валкани простори, кои оддаваат слика на запуштеност и негрижа и поради тоа предизвикуваат чувство на страв при движењето.

Тоа ни кажува дека, за жал, урбаното планирање и понатаму им дава предност на ефикасноста и на економските фактори пред реалните потреби на различните групи корисници и кориснички. Локалните политики и урбаните интервенции мора да ги земат предвид приоритетите на жените, со тоа што ќе интегрираат безбедносни мерки што ги адресираат предизвиците со кои се соочуваат.

Исто така, треба да работат на подобрување на јавните места со обезбедување јасна прегледност и осветлување, функционални пешачки и велосипедски патеки, простори за одмор и рекреација, јавни тоалети и чекалници, како и достапен (ноќен) јавен превоз и мониторирање на небезбедните зони.

БИРН: Колку институциите го препознаваат проблемот и каде, според вас, потфрла системот?

Лазова: Одговорноста за безбедноста не треба да се бара во способноста, односно очекувањето од жените да го регулираат своето движење, туку потребна е поголема мултисекторска вмреженост за унапредување на нивната безбедност на јавните места.

Сѐ додека институциите ја занемаруваат распространетоста и сериозноста на овој проблем и владее недоверба и неказнивост, постои ризик да се нормализира сексуалното вознемирување и насилство на јавните места, како неизоставен дел од секојдневниот живот на една девојка или жена.

Како последица на тоа, жените се присилени да бидат исклучително претпазливи и да смислуваат сопствени стратегии за заштита: да ги менуваат патеките на движење и да изберат подолг пат до дестинацијата за да ги избегнат местата што ги сметаат за небезбедни, да се движат во групи, да бараат друштво по телефон, па дури и да носат предмети за самоодбрана за да се чувствуваат побезбедно.

Со тоа, товарот и одговорноста за слободното движење повторно паѓаат врз нив.

Иако 36 отсто од испитаничките во последното истражување изјавиле дека доживеале или познаваат жена што доживеала физички напад на јавно место, само 8 отсто од нив имаат искуство со пријавување каков било инцидент во полиција, без разлика дали е поврзан со напад на јавно место или друго искуство.

Тоа укажува на сериозна недоверба во институциите, но и на постоење општествена стигма поради која кај жртвите се јавува срам, страв и вина, кои дополнително ги обесхрабруваат да пријават, како и (пренесеното) искуство дека нема да бидат сфатени сериозно.

Често, решението го бараме во полиција, но полицијата најчесто се активира откако насилниот инцидент ќе се случи, без да ги таргетира причините што ги претвораат јавните простори во места на страв наместо на слобода.

БИРН: Што треба да се направи за во блиска иднина жените да не се плашат да излезат надвор штом ќе се стемни?

Лазова: Постои сериозен проблем кога на една половина од населението ѝ е ограничено слободното движење и независноста во местото на живеење, односно кога на жените и на девојките им е оневозможено без страв и задршка да учествуваат во секојдневните социјални, културни и економски активности.

Во однос на последното, на пример, голем број жени одлучуваат да не прифатат работа доколку логистиката поврзана со стигнувањето до работното место и враќањето дома подразбира небезбедно движење низ јавните простори.

Најпосле, наместо да ги прашуваме жените и девојките „Каква облека носевте?“, „Што правевте таму доцна навечер?“, „Зошто бевте сами?“ и „Зошто не пријавивте?“, како општество треба да се прашаме зошто инсистираме да ја ограничиме нивната (нашата) слобода да се движиме, работиме, забавуваме и да зафаќаме простор во градот што подеднакво ни припаѓа и нам. Во спротивно, пораката што им ја испраќаме на девојките и на жените е дека околината не ги смета за рамноправни.