Од бадемите и лешниците за министерски кабинет, преку владините набавки на лубриканти и кондоми, па сѐ до тренирањето магариња, бројни се примерите на македонската медиумска сцена, кога одредена дезинформација продолжувала да се шири, и покрај тоа што била демантирана и објаснета.
Се вели дека лагата го поминала половина свет додека вистината ги врзува чевлите. Тоа е очигледно на социјалните мрежи каде што е речиси невозможно да се потисне ширењето на некоја популарна дезинформација, особено ако може да послужи да се истераат скриените агенди, а притоа од неа да се прават шеги.
Магарешки инает
Десет дена откако средното училиште „Ѓорче Петров“ од Кавадарци објави демант и објаснување на нивниот Еразмус+ проект, голем број медиуми и натаму зборуваат за магаре или магариња што биле тренирани за 83 илјади евра.
Училиштето реагираше еден ден откако веста, најнапред објавена на социјалните мрежи, се прошири во јавноста преку медиумите. Објасни дека не станува збор за никаков проект со кој се тренираат магариња, туку за двонеделна обука во Хрватска за 35 ученици и петмина наставници за одгледување магариња и коњи.
Тоа било дел од практичната настава за сточарство (училиштето има сточарска и ветеринарна струка), а со парите требало да се покријат трошоците за патувањето, престојот и наставата.
Проектот е одложен поради пандемијата со корона вирусот и забраните за патување, па како точно ќе се потрошат парите ќе се знае откако училиштето ќе ги добие и ќе ја реализира обуката.
Но, освен на социјалните мрежи, магарето сѐ уште „се тренира“ во партиски прогласи и во медиумските извештаи, новинарски прашања и во колумни. „Пари за дресура на магариња“, „проект за тренирање магариња“, „магаре добило тренинг од 83.000 евра“, се само дел од десетиците примери со кои целосно се игнорираше демантираната и објаснета информација во врска со „магарешкиот“ Еразмус+ проект.
Освен дека братот на пратеник од СДСМ бил директор на училиштето, не се објавија други информации со кои проектот би се покажал како проблематичен. Немаше никакво откритие дека парите биле неправилно распределени и потрошени, проневерени итн. Ниту докази дека училиштето лажело во демантот.
БИРН се обиде да стапи во контакт со дел од авторите на овие и на други содржини што ги споменуваат „тренираните магариња“. Тие што одговорија, рекоа дека немале слушнато за демантот од училиштето.
Директорот Горан Велковски деновиве е сѐ поприсутен во јавноста, засега недоволно успешно обидувајќи се да го запре ширењето на информацијата.
„Работата целосно излезе од контрола. Учениците се вознемирени“, вели тој за БИРН.
Тој додава дека локалната јавност во Кавадарци прво била зачудена, но бргу сфатила за што станува збор бидејќи било објаснето преку локалните медиуми, а знаела и какво е училиштето.
„Ама на национално ниво дезинформацијата се шири и се шири“, додава директорот.
Тој смета дека и Националната агенција за европски образовни програми, која ги води Еразмус+ проектите, можела да направи повеќе за да ја објасни ситуацијата и да го заштити училиштето.
Вели дека не му е јасно како насловот на проектот што го напишало училиштето, „Обука за копитари – магаре и коњ“, се претворил во „Тренирање магаре и коњ и коњско однесување“ во документот објавен од агенцијата.
„И сѐ тргна од една таква грешка“, вели Велковски.
Повторувањето, мајка на дезинформирањето
Тешко е да се очекува дека ќе запре спиралата на ширењето на веста за тренираните магариња, ако се суди според поранешните примери.
Почесто има примери со повторување отколку со запирање. Така, секогаш кога рестораните на АРМ имаат потреба да набават лешници, бадеми, торти и колачи, морски плодови и друго, дел од медиумите објавуваат дека тие набавки се вршат за во кабинетот на министерката за одбрана, Радмила Шекеринска. Се оди и со наслови дека таа ќе ги изеде сите тие производи вредни десетици илјади евра.
Министерството објаснило дека набавките одат преку него, но дека станува збор за набавка за десетте касарни во државата, како и за неколку постојни воени угостителски објекти, што значи дека храната е наменета за македонските војници и за посетителите на угостителските капацитети. Според тоа објаснување, не станува збор за „скандалозни трошоци“, туку за остварување приходи.
И Специјалното јавно обвинителство беше вмешано во „афера“ со лешници, бадеми и индиски ореви. Дел од медиумите во 2019 година објавија дека обвинителството потрошило 50 илјади евра за „кркање“, па дури и правеа пресметки дека дневно се јаделе по девет килограми индиски ореви во него. Објаснувањето стигна веќе следниот ден, дека станува збор за кирија што СЈО ја плаќало на локална семкарница, чиј простор го закупило, а не за набавки на некакви производи. Медиумите тука запреа, па ова продолжи да се шири само на социјалните мрежи.
Има и примери со навраќање на демантираните информации и по две години откако тие биле објавени. Уште првиот пат кога се скандализираше владината набавка на кондоми и лубриканти, во 2018 година, излезе објаснување од граѓански организации дека станува збор за обврска на државата како дел од програмата за борба против сидата на Обединетите нации, и дека тие набавки се случуваат секоја година. Тоа не ги спречи медиумите секоја година да повторуваат дека „владата повторно набавува кондоми и лубриканти, дури и среде пандемија“.
Борбата за брзо информирање наметна темпо „прво објави, па проверувај“, а тоа беше очигледно со тендерот за хортикултурно уредување околу Владата, кога речиси едногласно медиумите објавија дека „власта троши 670 илјади евра за цвеќиња“. Владата објасни дека не станува збор за украсување на просторот само околу нејзината зграда, туку околу 20 институции. Но, и следната година, како по инерција, продолжија објавите за оваа тема.
Колку длабоко врежана останува една погрешна информација или погрешно толкување, пак, покажува примерот со поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, и прислушуваните разговори за убиството на Мартин Нешковски, објавени од СДСМ во 2015 година, со фамозната реченица „се нервирам, не можеш убиство да скриеш“.
Од контекстот на нејзиниот разговор со тогашниот владин функционер Мартин Протоѓер се гледа дека таа изразува револт затоа што други се обиделе да го скријат убиството, а не зашто самата не можела да го стори тоа. Три години подоцна, Јанкулоска се уште ги објаснуваше своите зборови во медиумите. Пет години подоцна, и натаму се појавуваат натписи со тврдење дека рекла оти сака да го сокрие убиството.