Анализи

Македонија најверојатно ќе се пребројува во 2020 година

Специјалното јавно обвинителство ги проверува причините за неуспешниот попис на населението од 2011 година и ја лоцира одговорноста

Пописот е влезен во 5-годишната програма на Државниот завод за статистика и најверојатно ќе се спроведе во 2020 или во 2021 година, информираат од Заводот.

„Попис се спроведува во години кои завршуваат на 0 или на 1, што значи дека по редот на нештата тој би требало да се спроведе во 2020 или во 2021 година. За да се спроведе попис потребни се многу фази, а пред сè донесување Закон за попис, а и пробен попис кој би се спровел наредната година“, велат за БИРН од Државниот завод за статистика.

Овие информации ги потврди и пратеничката на СДСМ, Фросина Ташевска Ременски, која на вчерашното гостување на дебатната емисија „Клик плус“ на ТВ21, рече дека во тек се подготовки за попис во Македонија. 

И владиниот портпартол Миле Бошњаковски потврди дека СДСМ и ДУИ како коалициски партнери се во координација за спроведување попис, но засега нема конкретни информации околу активностите. 

Ве меѓувреме, сè уште остануваат неразјаснети околностите од минатиот неуспешен попис во земјава. Специјалното јавно обвинителство (СЈО) има отворено предмет врз основа на прислушуваните разговори од кои треба да се види дали имало злоупотреба на службената положба, како и евентуална злоупотреба на државни средства при спроведувањето на пописот во 2011 година, кој заврши неславно.

Предмет беше отворен и во Обвинителството за организиран криминал од каде што шест години немаше одговор за тоа кој е одговорен за неуспешниот попис, односно кој бил одговорен за „обидот за фалсификат“, како што тврдеше тогашниот премиер Никола Груевски. Сега, како што информираат од Јавното обвинителство, тој предмет е префрлен во надлежност на СЈО. 

Долга историја на еден неславен обид да се пребориме

Македонците не се пребројани веќе 16 години, откако последниот обид за попис пропадна во 2011 година | Фото: Shutterstock

Пред речиси седум години, во Собранието, во реториката меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ можеа да се слушнат слични квалификации како и сега, за „криминалци“, „предавници“, „фалсификатори“… Овие бурни тродневни расправи се однесуваа на пописот, кој и официјално пропадна на 11 октомври 2011 година, па Македонија остана покуса за бројот на жители, домаќинства, како и етничката припадност на македонските граѓани. Последниот попис во земјава беше спроведен во 2002 година. 

Многу контроверзи го следеа обидот за попис во 2011 година. Тој требаше да се спроведува од 1 април до 15 април 2011 година, по донесувањето на Законот за попис на населението, домаќинствата и становите во Република Македонија со указ на претседателот на Република Македонија, Ѓорѓе Иванов. 

Прва, крахот на пописот го предвиде тогашната претседателка на Државната комисија за попис (ДПК) Весна Јаневска која што предупреди дека се подготвува фалсификат и поднесе оставка еден ден пред почетокот на пописот.

Десетина дена од почетокот на пописот, на 1 октомври 2011, а на само четири дена пред рокот за негово завршување, и останатите членови на ДПК поднесоа колективна оставка, Комисијата се распушти и пописот пропадна.

Според ДПК, причината за пропаѓањето на пописот била „неможноста членовите на Комисијата да се усогласат за методологијата за спроведување на пописот“.

Пописот официјално заврши на 11 октомври 2011, по бурна расправа во Собранието  и усвојување на Законот за престанување на важењето на Законот за попис.

Опозицијата, во тридневната расправа ја обвини владата дека на Македонија и го нанесе најголемиот срам со пропаднатиот попис и обидот за фалсификат. Опозицијата ги обвини припадниците на владејачкото мнозинство дека се криминалци, се закануваа дека некој кога тогаш ќе одговара за фалсификатот на пописот, обвинуваа зошто ако не биле подготвени за оваа статистичка операција, не ја прекинаа на самиот почеток, туку дозволија да се направат трошоци…

Пратениците од парламентарното мнозинство во своја одбрана тврдеа дека прекинувањето на пописот е во интерес на државата и националните односи, бидејќи било подобро да нема краен резултат од пописот отколку да се добијат неточни и нерелевантни податоци кои подоцна би предзивикале уште поголеми штети за државата. 

„Најповторуваната теза на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ беше дека и СДСМ при пописот во 2002 година бил во слична ситуација, но дека тие тогаш потклекнале и направиле  фалсификат, допишувајќи 120.000 Албанци. Разликата меѓу двете партии била во тоа што тие сега не сакале да направат неточен попис“, пишуваше Дојче Веле во 2011 година.

Тогашниот премиер Никола Груевски излезе во јавноста со тврдење дека Владата спречила фалсификат, без да образложи кој стои зад таквиот обид.

Официјалното образложение од Државната пописна комисија беше дека причината за прекин на пописот е нееднаквата примена на методологијата утврдена од страна на Државниот завод за статистика, а усогласена со Еуростат, од Законот за попис на населението, домаќинствата и становите во Република Македонија 2011 година. Комисијата констатираше дека пописот не може да резултира со релевантни податоци врз основа на што не може понатаму да ги исполнува своите законски обврски.

Две обвинителства ги проверуваат причините за неуспешниот попис

Од СЈО наскоро се очекува завршување на предистражната постапка за неуспешниот попис во 2011 година

Шест години Обвинителството за организиран криминал водеше предистражна постапка за причините поради кои пропаднал пописот во 2011 година, а случајот не дојде ни до фаза на истрага.

Предметот сега е префрлен во Специјалното јавно обвинителство, кое  минатата година отвори предистражна постапка за овој случај, бидејќи и за нереализираниот попис се зборувало во дел од „бомбите“.

Јавноста за оваа постапка дозна откако, во ноември 2017, во просториите на СЈО се појави Живко Пејковски, член на тогашната пописна комисија, кој бил повикан да даде исказ.

СЈО треба да утврди колку точно пари се потрошија и дали дел од нив се злоупотребени за неуспешниот попис. Државниот завод за статистика испратил финансиски извештај до Владата, но од таму  никогаш не обзнанија колку точно пари отишле во ветер.

Во јавноста се шпекулираше со бројка од околу 14 милиони евра кои залудно биле потрошени за најбројната статистичка операција, но недостигаа информации за тоа кој е фалсификаторот, а во заднина постојано одѕвонуваше длабоката политичка заднина за пропаднатиот попис, иако лидерот на ДУИ Али Ахмети остана воздржан на темата, а Груевски никогаш не посочи виновник.

Неофицијалните информации во медиумите беа дека правилото на Еуростат за непопишување на граѓани кои една година не влегле во земјата, различно се практикувало на терен.