Извештај

„Макстил“ покриле дел од опасната прашина што треба да се препакува

Инспекторатот утврди нерегуларности во чувањето на отпадот со тешки метали

Најлонска покривка е поставена врз мал дел од искинатите и оштетени вреќи со филтерска прашина, складирани на плац зад челичарницата „Макстил.“ Ова доаѓа по вонредниот инспекциски надзор што го изврши Државниот инспекторат за животна средина, кој утврдил дека овој опасен отпад се чува несоодветно, со што претставува ризик за животната средина.

Иако во инспекциското решение пишува дека прашината од оштетените вреќи треба да се препакува, на теренот сега се гледа дека тие се само покриени. Инспекторатот дал рок од три месеци, за од „Макстил“ да ги препакуваат и покријат сите вреќи што се чуваат на отворено.

БИРН, минатата недела објави дека тони опасна прашина се разлева во кругот на поранешната Железарница, бидејќи многу од џамбо вреќите во кои се пакува се отворени или искинати, а од некои материјалот е истурен надвор. Од компанијата ни одговорија дека нивните мерења не покажале зголемено загадување поради оваа состојба, но експертите што ги консултиравме предупредија дека постои голем ризик за воздухот, почвата и за водите.

Филтерската прашина се добива од топењето старо железо при производството на челик, а е опасна бидејќи содржи цинк и други тешки метали. Филтерот од електричната лачна печка служи за да го спречи нивното ширење низ воздухот во Скопје, и наместо тоа, овој материјал се пакува во големи џамбо вреќи. Според условите во А-интегрираната еколошка дозвола што му е издадена на „Макстил“, тие треба да бидат добро затворени.

Многу надзори, еден наод со нерегуларности

Во рок од три месеци, „Макстил“ треба да ги препакува и покрие вреќите | Фото: БИРН

Надзорот бил спроведен на 2 февруари, две недели откако екипата на БИРН што работеше на истражувањето го посети инспекторатот на службен брифинг и праша зошто ништо не се презема за несоодветното чување на прашината. Надлежниот инспектор тогаш најави вонредна посета. Решението е изготвено на 4 февруари, а објавено на интернет-страницата на 20 февруари.

Со него се задолжува компанијата да ја препакува прашината од искинатите вреќи, да ги покрие со фолија тие што се чуваат надвор, соодветно да го обележи овој отпад и да направи програма за соодветно управување со него.

Покрај тоа, „Макстил“ се соочува со прекршочна пријава и парична казна, бидејќи од Инспекторатот констатирале прекршување од трета категорија – најтешко во рамки на прекршочните одредби според Законот за животната средина, каде што казните за големи компании како „Макстил“ се движат од 180.000 до 200.000 евра.

Сепак, предложена била постапка за спогодување, која овозможува износот на казната да се намали за половина, ако компанијата постигне договор пред Комисијата за спогодување при Министерството за животна средина и просторно планирање.

Во образложението од решението се потврдуваат многу од наодите до кои дојде БИРН – како тие дека опасната прашина се чува на неправилен начин, се излева во почвата од искинатите вреќи и нема соодветно обележување.

Материјалот истекува од оштетените вреќи | Фото: БИРН

Иако во непосредна близина се чуваат и други видови отпад, инспекторите утврдиле дека немало нивно мешање со опасната прашина, постапка што изрично е забранета со закон. Во решението не пишува дали дел од прашината останала на плацот повеќе од 3 години, што е максимално дозволен рок, по кој таа треба да се предаде на обработка или да се извезе. Првиот запис за нејзиното предавање е од 2024 година, а дозволата е издадена четири години претходно, и на сателитски снимки се гледа дека дел од вреќите почнале да се складираат уште во 2020 година.

Ова не е единствената контрола што инспекторите ја извршиле во „Макстил“ по добивањето на А- дозволата за работа. Претходно, тие барем по двапати годишно влегувале во компанијата, но сега првпат утврдија сериозни нерегуларности.

Надзор бил извршен и на 17 декември 2025 година, само два дена пред БИРН да ја посети локацијата и да ги забележи оштетувањата на вреќите и расфрланата прашина. Такво нешто не се споменува во инспекцискиот записник од тој датум.

Инспекторите лани биле во „Макстил“ и на 18 март, за вонреден надзор поврзан со извозот токму на  филтерската прашина, а инспекцијата се правела на плацот на кој таа била складирана. На овој надзор присуствувале и полициски инспектори по анонимна пријава дека во кругот на фабриката неовластено се товари опасниот отпад, откако ден претходно, Министерството за животна средина ја одзело дозволата за негов извоз.

Побарани дозволи за извоз на 30.000 тони

Компанијата ќе извезува во Бугарија и Саудиска Арабија | Фото: БИРН

Прашината ја купуваат металуршки компании што имаат капацитети да ја преработат, од неа да ги извадат цинкот и другите употребливи материјали, кои понатаму се продаваат како суровини, и на крајот да остане само неопасен отпад. „Макстил“ нема таков капацитет и затоа му е наложено да ја чува најмногу 36 месеци и потоа да ја предаде.

Пратка, чија крајна дестинација била Тајланд, транзитирала низ Бугарија и Турција, но извозот прекинал откако цариниците, во еден од камионите, нашле дрога во вреќите со прашина по што следел и инспекцискиот надзор. Македонската полиција уште работи на расветлување на овој случај.

Тогаш од Државниот инспекторат за животна средина само констатирале дека локацијата не е целосно покриена со видеонадзор, се споменуваат детали за бројката на камиони во кои се товарела оваа прашина, но не биле утврдени неправилности.

Тајландска владина агенција за индустриски работи, пак, утврдила дека компанија што увезувала филтерска прашина таму, наместо да ја обработува, ја закопувала на својот имот, па ѝ издала привремена забрана за работа. Нема информација дали дел од прашината на „Макстил“ завршила таму.

Министерството за животна средина го одби барањето на БИРН за добивање копија од дозволата за извоз на филтерска прашина во Тајланд, со образложение дека штитат деловни податоци.

Од 2024 година, филтерската прашина се извезува во Бугарија, каде што има голем индустриски капацитет што ја преработува. На почетокот на годинава, според податоците од инспекциското решение, „Макстил“ побарал дозволи за извоз на 20.000 тони ваков отпад во фабриката во Бугарија и на уште 10.000 во Саудиска Арабија.

БИРН не успеа да дојде до точни податоци за тоа колкаво е количеството филтерска прашина што во моментов ја чува „Макстил.“ Во последното решение на Инспекторатот до „Макстил“, пак, се споменува само тоа дека во затворениот магацин за нејзино чување, чија изградба беше услов за добивање на А-дозволата, има околу 700 тони, а другото е на отворен простор.

Сателитските податоци од Гугл покажуваат дека од 2020 до март 2025 година, од кога датира последната снимка, површината на која таа се складирала, постојано растела.

Сателитски снимки од плацот каде што се чува филтерската прашина | Фото: Google Earth

Компанија најмена од „Макстил“, пак, неодамна ги мерела површините на целиот индустриски отпад од челичарницата, која, освен филтерска прашина, опфаќа и неопасни материјали, како троската и коварината, кои се чуваат на целосно отворен простор. Таа утврдила дека цинковата прашина е распослана на 8.988 квадратни метри.

Тоа е површина нешто поголема од едно стандардно фудбалско игралиште, покриено со слој од два-три метри опасен отпад.