Вести

„Макстил“ се спогоди да плати 90 илјади евра и да ја извезе опасната прашина

Постигнат договор меѓу „Макстил“ и државата

Компанијата „Макстил“ се спогоди со Министерството за животна средина – ќе плати 90 илјади евра казна поради несоодветното управување со отпадот и до крајот на годинава ќе треба да ја извезе целата филтерска прашина која, како што откри БИРН, иако е опасен отпад, се чуваше во оштетени вреќи на отворен простор голем колку фудбалско игралиште, претставувајќи опасност за животната средина.

Спогодбата е постигната на 5 март, на седница пред Комисијата за спогодување при Министерството, на која присуствувале генералниот инспектор за животна средина и претставници на компанијата.

ИСТРАЖУВАЊЕ
Тони опасна прашина се разлева на плац зад „Макстил“

Претходно, при вонреден инспекциски надзор спроведен од Државниот инспекторат за животна средина, кој следеше по разговорот со БИРН за постапувањето со филтерската прашина, беа утврдени неправилности при постапувањето со отпадот и работење спротивно на условите утврдени во А дозволата.

За вакви прекршоци, законот предвидува глоба од 180 илјади до 200 илјади евра, но компанијата побарала намалување на казната, наведувајќи дека веќе презема мерки за отстранување на филтерската прашина преку извоз и дека досега не сторила ваков прекршок.

ИЗВЕШТАЈ
„Макстил“ покриле дел од опасната прашина што треба да се препакува

Инспекторот во меѓувреме констатирал дека се преземаат соодветни мерки за отстранување на неправилностите и го прифатил предлогот за намалување на глобата. Со постигнатата спогодба, казнето е и одговорното лице во компанијата, со дополнителни 5.000 евра.

Глобите треба да се уплатат во рок од 15 дена од потпишувањето на спогодбата, во спротивно, како што појаснуваат од Министерството за животна средина, ќе се применува првично утврдената казна од 180 илјади евра.

Рокот што е договорен за извоз на целата прашина е 31 декември. Сепак, оставена е можност, ако некои количини останат неизвезени, тие да се спакуваат соодветно согласно А-дозволата, по што ќе следи рекултивација на земјиштето.

ИЗВЕШТАЈ
Измерени над 9,5 илјади тони прашина зад „Макстил“

Инаку, со решението на Инспекторатот од 4 февруари, на компанијата ѝ беа наложени три мерки за отстранување на неправилностите.

Како што констатираат од Министерството, досега е исполнета една од нив – изработена е годишна програма за управување со отпадот, а во тек е обновувањето на обележувањето на местата за складирање отпад и препакување и заштита на џамбо-вреќите со филтерска прашина.