Вести

Малите градови со големи дупки во здравството

Скопје на врвот, Крушево на дното по можностите за здравствена заштита

„Во мало место, не дај боже, да се разболиш. Ако немаш автомобил, готов си“. Со овие зборови, средовечна крушевчанка го почнува разговорот за тоа каде и како се лекуваат жителите од  нејзиниот град.

Зборува анонимно, бидејќи во малиот град сите се знаат, па загрижена е дека секоја јавно искажана критика може да ја почувствува на своја кожа, кога следниот пат ќе има потреба од лекар.

А во целиот крушевски регион, вкупно има само 10 лекари, за регион од околу 8.400 жители. Во оваа бројка се вклучени и буквално сите лекари, вклучително и неколкумина специјалисти, кои работат во единствениот здравствен дом во градот.

Поглед кон Крушево од жичарницата над градот

Панорама од Крушево | Фото:БИРН

Целиот град го опслужува само еден интернист, кој е пред пензија и е задолжен за повеќето хронични болни во него. До неодамна биле двајца, ама едниот морало да се пензионира. За градот да не остане без ваков кадар, на специјализација бил пратен еден од лекарите од Брза помош, појаснуваат од тамошниот здравствен дом, па затоа сега, во Брза помош останале четири, место минимум неопходните пет тима. На хартија има служба за заштита на деца во претшколска возраст, ама во неа нема доктор. Па, затоа истите доктори од Брза помош се грижат и за превентивата во градот.

Гинеколог нема, иако петтина од населението се жени на возраст во која би требало редовно да вршат такви прегледи. Обид за решавање на проблемот се прави со „позајмување“ од Прилеп, град кој и самиот се вбројува меѓу најлошите според бројот на гинеколози.

Во Крушево нема ниту психијатар или физијатар, па и тие се позајмуваат од соседните градови, по еднаш во месецот. Болница нема. Од специјалисти, на крушевчани им е достапен радиолог, имаат една лабораторија, и тоа е сѐ. Недостиг има и од матични лекари, па според нашата соговорничка од Крушево, изборот се сведува на две амбуланти во градот „во кои секогаш е гужва“.

Затоа и воопшто не е изненадена што последното истражување на Центарот за граѓански комуникации, во кое се анализира какви можности за здравствена заштита имаат жителите во 30-те региони во земјава, го рангираше Крушево на последното место. Податоците се однесуваат на 2021 година, но и две години подоцна, состојбата е речиси непроменета.

Истражувањето се базира на 22 индикатори, во кои се вклучени и човечките, и просторните медицински капацитети што им стојат на располагање на македонските граѓани во секој од здравствените региони. Од тоа дали во областа има болница, доволно лекари или специјалисти, па сѐ до тоа како функционираат службите за грижа за жени, деца или медицина на труд.

Со оглед на тоа што Крушево е град со најмалку лекари во однос на бројот на жители, за голем дел од прегледите мора да се оди во соседните градови или во Скопје. Градот, редовна автобуска линија неколкупати во денот има единствено до Прилеп.

„Луѓето во малите градови се оставени да умрат. Сите проблеми во здравството кај нас се двојно поголеми. Ние немаме никаков избор“, револтирана е средовечната крушевчанка.

Истиот револт, во исто така мал град на другата страна од земјава, го дели и Драгана од Крива Паланка, инаку мајка на три деца. Истражувањето на ЦГК, овој регион го рангираше на  претпоследното место според можностите за здравствена заштита.

Иако има 2,5 пати повеќе жители од Крушево, и во Крива Паланка нема целосно екипирана служба за претшколски и школски деца и младина, ниту за медицина на трудот, а еден лекар и специјалист покриваат значително повеќе жители отколку во другите градови.

Затоа и родителите на  околу 3.000 деца до 14 години, колку што живеат во овој реон, при секоја настинка стравуваат за нивното здравје.

Драгана, за ниту едно од трите деца не била посетена од патронажна сестра, ниту, пак, можела да се породи во Крива Паланка. Последното искуство, кога два дена требало да чека за читање резултат од рендген за синчето, кое развило сериозна пневмонија, за неа било освестувачко. По совет на матичниот лекар, наместо да чекаат резултати, веднаш се упатиле во Скопје, каде што детето било итно хоспитализирано.

„Повеќе не ни размислувам да одам (на лекар) во Паланка, само влегувам во автомобил и возиме до Скопје“, децидна е таа.

До главниот град ја чекаат речиси два часа возење.

Главниот влез на комплексот клиники „Мајка Тереза“ во Скопје | Фото:БИРН

Влез во Клиничкиот центар во Скопје | Фото:БИРН

Скопскиот регион, истражувањето на ЦГК го рангираше на врвот на листата со најголеми можности за здравствена заштита во земјава. Ова е најголемиот регион во државата. Во него ги има сите служби, функционираат повеќе болници и е единствен град со терциерно здравство.

Во Скопје и бројот на лекари е значително поголем од оној во малите градови. Споредено со Крушево, Скопје има 4 пати помалку жители на еден лекар, или 2,5 пати помалку од малата Крива Паланка, каде што е вработен по еден лекар на 530 жители.

Двата мали градови, во скоро сите параметри, заостануваат зад Скопје. Подобри се само според бројот на патронажни сестри, во однос на вкупниот број на жители. Крива Паланка се најде пред Скопје уште и по присутноста на гинеколози во нејзиниот регион.

Истражувањето на ЦГК уште еднаш ги истакна огромните разлики во можностите за здравствена заштита на жителите меѓу малите и големите градови во земјава. Она што нивните жители го преживуваат секој ден, го потврдува и статистиката.

На врвот на ранг-листата, друштво на Скопје му прават Битола и Штип, а во горниот дел од листата се наоѓаат уште 8 други големи градови, со исклучок на Виница.

На дното на оваа листа, пак, се наоѓаат малите градови.