Интервјуа

Маринов: Ванчо Михајлов е рехабилитиран во Бугарија поради Македонија

Интервју со бугарскиот историчар Чавдар Маринов, автор на книгата „Македонското прашање од 1944 до денес – комунизмот и национализмот на Балканот“

Кога во 2019 година, бугарската влада и парламентот ги усвоија документите за напредокот на Скопје и Тирана кон Европската Унија, во кои за Македонија има низа услови поврзани со историјата, многумина во земјава не им дадоа сериозно значење. Тогаш, во светло на Договорот за добрососедство што во 2017 година го потпишаа поранешните премиери Зоран Заев и Бојко Борисов, односите изгледаа повеќе од пријателски – двајцата заедно положија цвеќе на гробот на револуционерот Гоце Делчев во црквата „Свети Спас“, а на друг настан во скопскиот поранешен Монопол, денешен Тутунски комбинат, ја одбележуваа 75-годишнината од депортацијата на македонските Евреи.

И Делчев и улогата на Бугарија во Втората светска војна, а со тоа и поврзаноста со депортацијата на Евреите, малку подоцна се покажаа како дел од темите поради кои Бугарија го блокира македонскиот пат кон Европската Унија. Речиси истите прашања меѓу двете земји биле спорни, отворени и предмет на преговори минатиот век, заедно со основното, постои ли македонска нација пред 1944 година.

Разликите стари со децении и обидите за надминување на проблемите, кои исто така траат со децении, се забележани во книгата на бугарскиот историчар Чавдар Маринов „Македонското прашање од 1944 до денес – комунизмот и национализмот на Балканот“.

Книгата е издадена во Франција, во 2010 година, неколку години подоцна е преведена на македонски, а сѐ уште нема издание на бугарски јазик.

Маринов, денес работи во Бугарската академија на науките (БАН). Во разговорот со БИРН, тој нагласува дека неговите ставови не треба на каков било начин да се доведуваат во врска со ставовите на БАН.

Македонското прашање – невралгична точка во бугарската влада

„Михајлов бил битен во борбата против т.н. скопска пропаганда“ I Фото: 360 Степени

Кирил Петков стана премиер во декември лани. Историскиот проблем го наследи од владата на ГЕРБ предводена од Бојко Борисов и од тогашната министерка за надворешни работи, Екатерина Захариева. Најави и нов пристап за решавање на прашањето, повеќе фокусиран на економијата и иднината, помалку на историјата, што наиде на силни критики во дел од бугарското општество, дури и од некои негови коалициски партнери.

Кај сите, национализмот е повеќе или помалку присутен, но најјасен е кај две од партиите, кои отворено се спротивставуваат на идејата за кревање на бугарското вето за Македонија, партијата на шоуменот Слави Трифонов („Има таков народ“) и Бугарската социјалистичка партија, вели Маринов за БИРН.

Анализирајќи го актуелното бугарско раководство, историчарот нагласува дека Петков е приврзаник на брзо и прагматично решение на конфликтот меѓу Софија и Скопје, и дека на тамошната политичка сцена е обвинуван дека реагира позитивно на „западниот притисок“, односно на сигналите од Брисел и Вашингтон за кревање на ветото.

Маринов вели дека за време на социјалистичкиот режим, кога Михајлов живеел во емиграција во Италија, неговиот лик бил третиран на негативен начин: како фашистички соработник, одговорен за убиството на голем број левичари, односно комунистички дејци во Бугарија

„Но, ова прашање испадна основната невралгична точка меѓу коалициските партнери, заедно со некои други (како прашањето за помош со оружје за Украина)“, вели Маринов.

Во Македонија не стивнуваат реакциите на отворањето на бугарскиот културен центар „Иван Михајлов“ во Битола, на кој, во саботата присуствуваа Петков, Захариева, потпретседателката Илијана Јотова и поранешниот министер за одбрана, Красимир Каракачанов. Името на вмровскиот деец и лидер на ВМРО во Македонија, соработник со фашистите и еден од главните негатори на македонската нација, најблаго кажано, предизвикува бура од критики. Но, како се доживува Михајлов во Бугарија?

Маринов вели дека за време на социјалистичкиот режим, кога тој живеел во емиграција во Италија, неговиот лик бил третиран на негативен начин: како фашистички соработник, одговорен за убиството на голем број левичари, односно комунистички дејци во Бугарија.

Односот, додава тој, се менува, па одредени кругови, не само во историската наука, но и во тајните служби, дури во централниот апарат на Бугарската комунистичка партија го препознаваат Михајлов како можен сојузник во тогашните историски контроверзии во врска со Македонија.

„Имено, со својата негаторска позиција во однос на македонскиот национален идентитет, Михајлов бил битен залог во борбата против таканаречената ’скопска пропаганда’“, вели Маринов.

Еволуција на ставови и за Втората светска војна

„ВМРО-БНД го востоличи Михалјов во национален херој“ I Фото: 360 Степени

Времето кога точно Михајлов бил рехабилитиран, историчарот го лоцира во 1989 година. Споменува дека во тоа време „авторитетен новинар што бил  соработник на службите за безбедност направил интервју со Михајлов во Рим, кусо време пред неговата смрт во 1990 година“.

Партијата на Каракачанов, за која смета дека е „создадена од службите“, тогаш ВМРО-СМД, а денес ВМРО- БНД, веднаш го „востоличи за национален херој “. Во глорификацијата на Михајлов се вклучуваат и историчарите.

„Националистички настроени историчари, кои го истражуваа ’македонското прашање‘ (често самите поврзани со ВМРО и службите), ја лансираа неговата глорификација, која продолжува и до ден денес“, вели Маринов.

Во однос на Втората светска војна, првично бугарската историографија не зборува за окупацијата на делови на Југославија и на Грција, туку акцентот се става врз „отечествено-фронтовската“ фаза на војната – т.е. врз периодот од септември 1944 година наваму, кога Бугарија се вклучува во војната против делови од германската армија, кои се повлекуваат од Балканот.

„Доминантната идеја е дека за време на Втората светска војна, Македонците сè уште имале бугарска свест, дека македонските партизани биле сосема малку и биле лица со ‘сомнително’ потекло…“

Наративот се менува кон крајот на режимот, односно владеењето на Живков на одредени начини се прикажува како ослободување, и тоа не само во историографијата, туку и во литературата и во киното.

„Доминантната идеја е дека за време на Втората светска војна, Македонците сè уште имале бугарска свест, дека македонските партизани биле сосема малку и биле лица со ‘сомнително’ потекло (се зборува за Власи, „србомани“) и дека македонскиот национализам бил наметнат од Титова Југославија по 1944 година“, вели Маринов.

Наспроти овој некритички третман на улогата на Бугарија во војната, се разбира, постојат и сериозни истражувачи на периодот, но тие се малку и не се дел од историографскиот „меjнстрим“.

„Тоа се однесува особено за прашањето за улогата на Бугарија во депортацијата, односно уништувањето на месното еврејско население – тема на која постојат битни и храбри истражувања“, вели тој.

„Заедничка историја“ како лекција од бугарски учебник

„Од бугарска страна не постои критичка рефлексија врз таа ‘заедничка историја’“ I Фото: 360 Степени

Бугарскиот историчар, во разговорот со БИРН, го споделува впечатокот за настанот во Битола како уривање на „мостот за соработка што го најави бугарскиот премиер“. Сличен впечаток сподели денеска македонскиот министер за надворешни работи, Бујар Османи, кој го опиша како „спуштен облак над сето она што се обиделе изминативе шест месеци да го направат“.

Но, контрапродуктивното учество на Петков и воопшто на официјалната бугарска делегација на тој настан, покажува уште нешто, а тоа е „ колку е далеку бугарската политичка класа од критички пристап и рефлексија врз проблематични ликови и настани од современата бугарска историја“, вели Маринов.

Во таква атмосфера се очекува и новиот состанок на заедничката мешовита комисија за историски и образовни прашања, чија четиригодишна работа беше често проследена со јавни несогласувања меѓу членовите од македонскиот и бугарскиот тим.

„Основниот проблем со таа комисија е во тоа што таа била замислена од нејзините бугарски „инженери“ од самиот почеток, како лост за наметнување на бугарските тези врз македонските историчари, а оттаму – и врз македонската политика и јавност“, смета нашиот соговорник.

„Основниот проблем со историската комисија е во тоа што таа била замислена од нејзините бугарски „инженери“ од самиот почеток, како лост за наметнување на бугарските тези врз македонските историчари, а оттаму – и врз македонската политика и јавност“

Тој вели дека тоа е причината поради која и составите на двата национални тима – македонскиот и бугарскиот – мошне се разликуваат, па македонските експерти имаат минималистичка и пореалистична идеја за задачата на комисијата, а бугарскиот тим сака да ја востанови „историската вистина“, која не може да е друга, освен бугарската.

Маринов се согласува со перцепцијата во македонската јавност дека постои притисок што се прави пред речиси секој состанок на комисијата, чија работа се поставува како клучна за европскиот напредок, но смета дека уште поголем проблем е „амбицијата од бугарска страна за што побргу наоѓање конечни решенија на прашања што не смеат да се решат лесно, имаат потреба од време и од поспокојна дебата“.

„Од бугарска страна не постои критичка рефлексија врз таа ‘заедничка историја’: таа се прифаќа како буквално рецитирање на лекција од бугарски учебник по историја“, вели Маринов.

За јавноста не е непознато ваквото инсистирање на членовите на бугарскиот тим историчари во комисијата, а копретседателот Ангел Димитров и јавно неодамна ги посочи македонските колеги како виновни зашто „немало напредок“.

„Затоа што не прифаќаат дека имаме заедничка историја“, тврдеше Димитров, кој во пристапот на македонските колеги виде проблем и зошто нема решение и за револуционерот Гоце Делчев.

Маринов вели дека нема универзални решенија, и како што нагласува „секако некој ќе испадне незадоволен“.

Зборувајќи за можностите Делчев да се определи како револуционер со бугарска национална свест, но со македонски патриотизам или како македонски автономист и политички сепаратист, па можеби и како Бугарин во една смисла и Македонец во друга, но најмногу како радикален левоориентиран активист, историчарот нагласува дека „тоа е тема за неполитизирана експертска дебата, без однапред зацртани националистички црвени линии“.