И покрај оставките на двајцата директори на Фондот за здравство, демонстрантите на денешниот протестен марш за смртта на Тамара побараа оставка од министерот за здравство Никола Тодоров.
На чело со мајката на починатата деветгодишна Тамара, Жаклина Димовска денеска во Скопје се одржа протестен марш во кој се побара оставка од министерот за здравство Никола Тодоров. Пред за започне протестот оставка даде директорката на Фондот за здравство Маја Парнаџиева-Змејкова, а како што објави „Алсат-М“, по протестот својата оставка ја депонираше и вториот директор Џемали Мехази.
Сепак, демонстрантите рекоа дека тоа не е доволно и бараат оставка од најодговорниот. Мајката Жаклина Димовска одржа краток говор пред Министерството за здравство барајќи уште еднаш од министерот Тодоров да се соочи со одговорноста.
„Има божја правда. Таа ќе те стигне Тодоров. Имав две деца, останав со едно само заради тоа што ти не нè примаше“, рече мајката Димовска. Таа додаде дека моли за помош и за втората ќерка. „Оди си Тодоров, замини за да преживее таа“, извика Димовска.
Протесниот марш се одржуваше под слоганот „Црвен картон за министерот Тодоров“ а демонстрантите со црвени картони во рацете маршираа од градската канцеларија на Фондот за здравство кај зградата на Црвениот крст, потоа до републичкиот ФЗО кај споменикот на Мајка Тереза па на крајот до Министерството за здравство кај Клиничкиот центар.
Протестот беше организиран на социјалните мрежи, а беше поддржан од повеќе невладини организации и здруженија на граѓани. Според официјалната обдукција на телото, деветгодишната Тамара починала од бронхопневмонија. Таа патеше од сколиоза, вродено искривување на ‘рбетот и по првата операција, чекаше одобрение од ФЗОМ за втората операција која требаше да се направи во Турција.
Два дена откако почина, одобрението за покривање на трошоците пристигна на адресата на Тамара Димовска. Операцијата требаше да чини околу 30.000 евра.
На прес-конференцијата на која директорката на ФЗОМ Парнаџиева-Змејкова ја најави оставката таа рече дека не е ладен бирократ и се повлекува од човечки причини.
„Револтот и гневот на пошироката јавност мене ми се сосем разбирливи. Лично се соживувам како човек и како мајка. Ве молам да не го политизирате случајот”, изјави Парнаџиева -Змејкова.
Хелсиншкиот комитет за човекови права во петокот поднесе кривична пријава против министерот Тодоров за злоупотреба на службената положба и овластувања. Според нив, 20 дена пред смртта на Тамара, Тодоров изјавил дека Министерството за здравство и ФЗОМ ќе ги покријат трошоците за операцијата. А двете докторски комисии претходно донеле негативни одлуки за нејзиното лекување во странство.
„Со тоа тој ги пречекорил границите на своето службено овластување и ја довел во заблуда јавноста и семејството на малолетната Тамара Димовска дека средства за операцијата ќе бидат обезбедени од страна на државата, а за тоа немал законски овластувања“, вели претседателката на Хелсиншкиот комитет, Уранија Пировска.
Таа додава дека иако директорката на Фондот, Маја Парнаџиева-Змејкова и д-р Аспазија Софијанова од второстепената лекарска комисија изјавуваа дека конзилијарното мислење од докторите на ЈЗУ Универзитетска клиника не било со назнака итно, приложените докази го велат спротивното.
„Дополнително, д-р Аспазија Софијанова, како претседавач на второстепената комисија изјави дека одлуката за упатување на лекување во странство е дојдена ‘од горе’“, вели Пировска.
Ова, според неа, треба особено да се земе предвид при постапувањето на ОЈО Скопје, поради тоа што ваквите изјави само го потврдуваат незаконското работење на Фондот за здравствено осигурување на Република Македонија.
Кривични пријави се поднесени и против двајцата директори на ФЗОМ, Маја Парнаџиева-Змејкова и Џемали Мехази, како и против членовите на двете докторски комисии.
Во четвртокот, граѓанската платформа „Ајде“ организираше протест пред Министерството за здравство носејќи бели маски и темна облека за симболично да побараат одговорност за смртта на Тамара.
„Деветгодишната Тамара е последната од серијата жртви на неодговорното однесување на Министерството за здравство и Фондот за здравство“ изјавија од платформата „Ајде“. „Таа ја изгуби битката со бирократијата и алчноста за дневно-политички поени од страна на оние кои имаат мандат и обврска да ја спасат“, додадоа тие.